Еволуцијата на македонската писменост и јазик нѐ обврзува да зборуваме за предисторија на кодификацијата на македонскиот јазик, односно за преткодификации на македонскиот јазик
Пишува: академик Катица Ќулавкова
Пред да се кодифицира современиот македонски книжевен јазик во 1945 година, неговиот развој поминува низ неколку клучни и пресвртни фази:
1) кирило-методиевскиот период од 9 до 11 век, кога се кодифицира старословенскиот јазик врз говорите на македонските Словени од солунскиот крај или од Егејска Македонија и кога во оригиналните и преводните (црковнословенски) ракописи од македонските книжевни центри преовладува глаголицата;
2) периодот кога се профилира македонската редакција на старословенскиот јазик, од 12 до 15 век;
3) периодот кога се воведуваат македонските народни говори/наречја во дамаскинската литература;
4) периодот на преродбата во 19 век и
5) чинот на создавањето на теориските основи на идната кодификација на македонската литературна норма од Крсте П. Мисирков, во 1903 година.
Аргиров триод, 13 век, македонска редакција / Фото: Wikimedia Commons
Со други зборови, постојат доволно пишани и сочувани документи кои ја аргументираат тезата дека македонскиот современ книжевен јазик и неговиот стандард не почнуваат во 1945 година од нулта позиција, туку од едно милениумско јазично и метајазично наследство и искуство по однос на писмената култура (користење на автохтоното глаголско писмо или азбука, користење на старословенската кирилица, користење на грчкиот алфабет за пишување текстови на македонски дијалекти, користење на латиницата за пишување македонски текстови, користење на новата адаптирана верзија на старословенската кирилица во облик на бугарска кирилица за пишување македонски текстови и, конечно, кодификација на македонската кирилица при стандардизацијата на современиот македонски јазичен систем, познат и како македонски литературен или книжевен јазик.
Еволуцијата на македонската писменост и јазик нѐ обврзува да зборуваме за предисторија на кодификацијата на македонскиот јазик, односно за преткодификации на македонскиот јазик. Тие преткодификации сведочат за динамиката на еволуцијата на македонскиот јазик сфатен како природо-јазичен систем, ако ја користиме терминологијата на Фердинанд де Сосир и неговата структурална лингвистика. Историско-граматичкиот развој на еден јазик е природен, кој се одвива врз колективното јазично наследство на еден народ, врз живата усна и актуелна народна и творечка реч, како и врз искуствата и влијанијата што произлегуваат од нејзините меѓујазични и меѓучовечки контакти со други јазици, во време и простор. Само чинот на официјалната кодификација на современиот македонски јазик, како впрочем и на секој друг јазик во светот, се поврзува со одлуки донесени од државни органи.
Академик Катица Ќулавкова / Фото: Борче Поповски
Тезата за македонскиот јазик како вештачка, политичка и комунистичка конструкција е
апсурдна и науката одамна ја има отфрлено. Стандардизацијата на граматиката, значи на фонолошкиот, морфолошкиот, синтаксичкиот, семантичкиот и акцентскиот систем на македонскиот јазик е поврзана со работа на стручни лица, филолози, граматичари и лингвисти, работа која е плод на проучувањата на јазикот и неговата историја, неговиот дијалектен систем, неговото место и функција во рамките на јазичната група на која ѝ припаѓа (во случајов словенската и јужнословенската, но и балканската).
Истото искуство го имаат доживеано сите други јазици, некои од нив со подолга историја, некои со покуса, но секогаш со своја препознатлива јазична традиција, јазична меморија на колективот/народот, со свој културен профил кој се рефлектира и врз јазичниот идентитет. Така, впрочем, и јазичниот идентитет се рефлектира врз културниот, нештата во културно-јазичната и општествената стварност се одвиваат во меѓусебен сооднос, па и се прифаќаат како соодветни јазични и културни структури со своја внатрешна и надворешна препознатливост.
Усното творештво, кое во македонскиот случај е богато во секоја смисла на зборот (жанровски, дијалектно, стилски, тематски, архетипски), ја дава естетската предлошка на стилистиката на литературната норма на македонскиот јазик. Тоа е така затоа што уметничката употреба на јазикот совршено ги следи природните фоно-морфолошки, синтаксички, ритмички и семантички предиспозиции на јазикот во неговата природна, жива, општонародна употреба чијшто распон се движи од практични секојдневни идиоми до обредни и сакрални употреби.
Современиот литературен стандард, применет во книжевните жанрови и дела, само ги доразвива и ги осовременува стилските и естетските матрици кои веќе се дадени и латентно постојат во самиот јазик, односно во неговата усна книжевна и народна традиција. Само така и може да се објасни интензивниот раст и развој до совршенство на македонската поезија, расказ, роман, драма, есеј, веднаш по утврдувањето на современата литературна норма на македонскиот јазик. Современата книжевност, нејзиниот тотален естетски и лингвистички код, всушност, во себе содржи одрази/рефлексии од прастарите, древните и старословенските семиотички, симболични, метафизички, религиски, лудистички и естетски структури. Уште Партениј Зографски, на пример, 1858 година, јасно и изречно им дава до знаење на бугарските филолози (јазиковеди, јазикозналци) дека ако се прави заеднички, славјански, бугарско-македонски стандард, тогаш треба неминовно македонските мијачки говори (југозападни) да бидат земени како основа на стандардот, затоа што, вели, македонските говори се поубави, помузикални, поритмични, поплодни во споредба со бугарските.
Партениј Зографски / Фото: Wikipedia
Пресекот на предисторијата на кодификацијата на македонскиот современ литературен јазик е, во таа смисла, и пресек на развитокот на матичната наука за македонскиот јазик во периодот од 1858 до 1903 година. Со други зборови,
предисторијата е вградена во историјата на македонскиот јазик и неговата кодификација. Таа создавала, во континуитет, покрај научна, и општествена свест за особениот идентитет на македонскиот јазик, а со тоа и за потребата од негова автономна граматика.
Оттаму, клучните историски поставки на македонскиот јазик (неговата генеза,
неговото вградување во старословенскaта норма од 9 век, неговите одликувачки јазични и стилски особености, неговите функции и меѓујазични контакти) се рефлектираат и врз неговиот современ граматички систем. Тоа говори за еволутивниот континуитет на македонскиот јазик потврден од фонетско-правописен, морфолошки, односно морфо-синтаксички и лексички аспект.
Теориски гледано, кодификацијата на македонскиот книжевен јазик „претставува последна фаза од развојот на писмениот и говорниот јазик на една нација, кога за цела територија и за сите дијалекти се установува единствена ортографска и ортоепска норма.“ (академик Петар Хр. Илиевски). Практично гледано, чинот на неговата кодификација се финализира веднаш штом биле создадени институционални и законски услови за тоа, во рамките на новата македонска република, во склоп на југословенската федеративна држава (1945). Тоа било возможно благодарение на природниот процес на созревање и на јазичната практика, и на јазичната норма. Преродбата од 19 век е добар показател за дизајнирањето на автономната македонска јазична норма.
Решение за македонската азбука од 1945 година / Фото: Wikipedia
Политичката теза, поткрепена со познатите лингво-политички аргументации на соседна и,
се надевам пријателска, Бугарија (држава во којашто живее милионски број население по потекло од Македонија и кое денес е асимилирано и се декларира себеси како бугарско), дека македонскиот јазик не постои, дека претставува т.н. западна дијалектна норма на бугарскиот јазик, е не само неточна, туку и неприфатлива од цивилизациски и хуманистички аспект. Од неа, меѓу другото, се изведува и
другата теза, дека не постои македонска историја, односно дека
не постои македонски народ.
Без автономна историја, темел и генеза на јазикот и културата, не постои ни засебен народ. Тие македонскиот народ го третираат како дел од бугарскиот, кој во еден период од поновата историја се изделил во посебна држава, тој всушност е бугарски и му припаѓа во целост на бугарскиот идентитет. Тие тврдат дека
македонскиот идентитет е комунистички инженеринг. Симптоматична е таа опседнатост со пополнување на сопствената бугарска историја со македонската, со оглед на тоа дека и бугарската нација си има своја историја, а колку се оди подалеку во историјата, толку повеќе исчезнуваат допирните точки меѓу македонскиот и бугарскиот етно-културен ентитет.
Последиците од
укинувањето на Охридската архиепископија без сомнение се големи и се предмет на злоупотреба. Во тој период, имено, меѓу 1762 и 1868 кога се воведува Бугарската егзархија, се засилува бугарската пропаганда и создава конфузија во националниот дискурс на овие територии. Во исто време зајакнува и геостратешкиот интерес на Србија, а грчкиот интерес е повеќе од пропаганда, тој веќе со векови се импрегниралл во македонскиот општествен, културен, јазичен и црковен живот.
Бугарскиот етнолингвистички експанзионизам има, за жал, националистички призвук и наидува на отпор меѓу Македонците. Наместо дијалог на еднакви, признати и слободни народи, во 2020 година се соочуваме со обиди за делегитимирање на една (македонска) нација и нејзината култура, што може да се злоупотреби за оспорување и на нејзиното право на државотворност.
Академик Ќулавкова / Фото: Борче Поповски
Македонскиот јазик е само
изговор за нелингвистичките претензии. Не може да се одрече јазик што има генеза слична на другите словенски и јужнословенски јазици, има свој историски развој, свој дијалектен систем признат од сите меѓународни јазични фактори, свој специфичен граматички систем, своја литература. Јазикот е поглед на свет, архив на колективна меморија и, во таа смисла, македонскиот јазик значително се разликува од бугарскиот. Факт е дека со Бугарите ја споделуваме црковнословенската и старословенската јазична норма, дека имаме заеднички историски настани и личности, како впрочем и со другите соседни и словенски народи, но сепак, Македонците имаат своја неотуѓива и непобитна јазична, културна и национална препознатливост. Конечно, почитувањето на „другоста и емпатијата спрема блискиот е примарна вредност на цивилизацијата“, па затоа очекувам да дојде до суштински аргументиран и
пријателски дијалог меѓу македонските и бугарските слависти, да се уважат ставовите на меѓународната лингвистичка наука по однос на македонскиот јазик и да се подобрат јазичните, културните и идентитетските стратегии на Република Бугарија по однос на Македонија и на македонскиот културно-историски комплекс.