Што е бубонска чума и како се пренесува?
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кинеските власти известија за сомнителен случај на бубонска чума. Не се знае како се заразил пациентот, но во земјата се вклучи алармот. А кога веста се прошири и во другите земји од светот, сите посакаа што побрзо да заврши оваа година.
Чумата е една од најсмртоносните болести во историјата, но сега може лесно да се лекува со антибиотици, а и денешните мерки на хигиена што се практикуваат во светот значително ја намалуваат можноста за пренесување на оваа бактерија, за разлика од минатото. Имено, бубонската чума оставила страшни последици на три континенти во текот на 14 век, но и буквално го опустошила Лондон во 17 век. За време на последната пандемија во 1665 година во Лондон од оваа чума животот го загубиле дури една петтина од населението.
Што е бубонска чума?
Чумата е потенцијално смртоносна заразна болест која е предизвикана од бактерија наречена Yersinia pestis, која живее во некои животни - главно глодачи - и нивните болви.
Бубонската чума е најчеста од болестите што може да се пренесат на луѓето. Името доаѓа од симптомите што ги предизвикува - болни, отечени лимфни јазли, или бубони, на слабините или под пазувите.
Од 2010 до 2015 година во светот имало 3.248 случаи на бубонска чума, меѓу кои 584 биле смртни.
Низ историјата оваа болест била нарекувана и црна смрт, што се однесува на гангренозното поцрнување и умирање на делови од телото, на пример, прстите на рацете и на нозете.
Што му прави чумата на телото?
Едно лице обично се разболува помеѓу два и шест дена по заразувањето. Покрај чувствителните и зголемени лимфни јазли, кои може да бидат големи колку јајце од кокошка, други симптоми се треска, настинка, главоболка, болка во мускулите и замор.
Чумата може да ги погоди и белите дробови, предизвикувајќи кашлица, болка во градите и тешко дишење.
Бактеријата исто така може да влезе во крвотокот и да предизвика состојба наречена сепса, што може да доведе до оштетување на ткивото, откажување на органите и смрт.
Факти за чумата
Фото: 9News
Како може човек да се зарази со бубонска чума?
Луѓето може да се заразат од:
- убоди од заразени болви;
- допирање заразени животни како глувци;
- вдишување заразени респираторни капки кои ги шират заразени луѓе или животни.
Миленичињата, како мачиња и кучиња, може да се заразат од убоди од болви или од јадење на глодачи. Заразата може да влезе во телото и преку исеченици на кожата ако лицето било во близок контакт со крвта на животното.
Телото на некој што починал откако бил заразен со чумата може да ги зарази луѓето што се во близок контакт, како оние што го подготвуваат за погребување.
Има ли лек или терапија за чумата?
Брза терапија со антибиотици е витална. Болеста често е смртоносна ако не се лекува. Раната дијагноза, со користење лабораториски тестирања на крвта и други примероци, може да спаси живот.
Можно ли е да има нова епидемија или пандемија?
Чумата сè уште ја има во многу делови од светот. Во последните неколку години имаше епидемии во Конго и Мадагаскар.
Иако чумата била причина за големи епидемии во средновековието, сите епидемии денес се мали.
Метју Драјден, консултант-микробиолог на Универзитетот во Саутхемптон, истакнува дека е добро што појавата е регистрирана во рана фаза бидејќи може да биде изолирана, третирана и да се спречи ширење.
- Бубонската чума е предизвикана од бактерија, па за разлика од Ковид-19 се лекува со антибиотици. Иако ова можеби изгледа алармантно, како да е уште една голема заразна болест што доаѓа од Истокот, тоа е одделен сомнителен случај кој може да се лекува - вели микробиологот.
Инфектологот Шанти Капагода истакнува дека се мали шансите за избивање на пандемија со оглед на тоа дека денешните лекови се напредни и ефикасно ја уништуваат бактеријата.
- За разлика од 14 век, сега подобро ја разбираме болеста и начинот на кој се пренесува. Знаеме како да ја превенираме. Исто така, имаме далеку поефикасни антибиотици - вели тој.
Всушност, иако пандемијата е речиси невозможна, локалните епидемии и тоа како се можни.
Извори:
BBC,
9News,
Telegraf
Насловна фотографија: Telegraf (приказ на Yersinia pestis, бактеријата која ја предизвикува чумата)