Четирдневната работна недела ја зголемува продуктивноста на работникот, покажува најново истражување

Четирдневната работна недела ја зголемува продуктивноста на работникот, покажува најново истражување

Подготвил: Тамара Гроздановски

Во текот на пандемијата, кога голем дел од работниците беа принудени да почнат да работат од дома, им се отворија нови можности за тоа како може да се оствари подобра рамнотежа помеѓу животот и работата. Сега знаеме дека не е потребно да заглавиме во канцеларија повеќе од осум часа на ден, пет дена во неделата, а тоа го покажаа и резултатите од неодамнешно истражување.

Истражувањето било спроведено на Исланд за научниците да откријат дали скратените работни денови доведуваат до поголема продуктивност и посреќна работна сила.

Во пилот-програмата учествувале повеќе од 1 отсто од работната сила на Исланд во која неделното работно време било намалено на 35-36 часа без никакво намалување на платата. Во проектот учествувале различни работни групи, вклучувајќи и работници во канцеларии, болници, како и социјални работници. Проектот траел од 2015 до 2019 година.

Заедничката анализа објавена од Здружениот за одржливост и демократија „Алда“ на Исланд и центарот за истражување „Аутономи“ во Велика Британија покажала дека продуктивноста на работниците била поголема за време на четиридневната работна недела. Во истражувањето било наведено дека постојат многу придобивки за работниците кои учествувале во истражувањето.

Покрај помалку стрес и исцрпеност, четиридневната работна недела имала позитивно влијание врз вкупната рамнотежа на здравјето, работата и животот на работниците во сите работни групи.

rabotna nedela
Фото: Freepik

Истражувачите забележале дека продуктивноста и давањето услуги останале исти или се подобриле на повеќето работни места вклучени во истражувањето.

Исландските синдикати веќе почнале преговори за воведување на систем од четиридневна работна недела.

- Истражувањата спроведени на Исланд ни покажуваат дека не само што е можно помалку да се работи во модерната ера, туку се можни и прогресивни промени - смета Гудмундур Д. Харалдсо, еден од авторите на истражувачкиот проект.

Вил Стронг, директор на истражувачкиот центар „Аутономи“ вели дека во ова истражување се покажува дека јавниот сектор е подготвен да биде пионер во пократки работни недели и дека ова може да биде лекција и за другите земји.

- Исланд направи голем чекор кон четиридневната работна недела давајќи им одличен пример на оние кои размислуваат за негова примена во јавниот сектор - вели Стронг.

Концептот за четиридневна работна недела е сѐ попопуларен во многу земји низ светот. Неодамна, владата на Шпанија се согласи на 32-часовна работна недела во период од три години без намалување на платите на работниците, а „Мајкрософт“ во Јапонија во 2019 година спроведе тест-период во кој работниците работеа пократка работна недела. Резултатите од експериментот беа исклучително позитивни и покажаа дека работниците беа посреќни и за 40 отсто попородуктивни.

Извор: Forbes.com
Фото: Freepik