Бесмртните клетки на Хенриета Лакс од 1951 се користат во истражувања и денес

Бесмртните клетки на Хенриета Лакс од 1951 се користат во истражувања и денес

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Името на Хенриета Лакс, сиромашна Афроамериканка од Вирџинија, е запишано во медицинските учебници, а нејзините „бесмртни“ клетки се користат за исклучително важни медицински цели со децении.

Хенриета пораснала на плантажа за тутун. Ѝ бил дијагностициран рак на грлото на матката на почетокот од 1951 година, кога имала 30 години. Таа се лекувала во „Џонс Хопкинс“ бидејќи тоа била најблиската болница што примала пациенти Афроамериканци.

Лекарот Хауард Џонс за време на прегледот зел примерок од израсток во грлото на матката на Хенриета и го испратил во патолошка лабораторија, каде што набргу било утврдено дека станува збор за клетки на рак. Хенриета била упатена на терапија со радијација, а за време на третманот ѝ биле земени уште два примероци на клетки кои му биле предадени на американски научник со германско потекло, Џорџ Ото Геј.


Фото: Хенриета Лакс/Wikipedia

Ото Геј во тој период ја основал својата лабораторија за презервација на ткиво и измислил неколку апарати што му помогнале лабораториски да ги чува клетките, па започнал да „расте“ клетки од ракот од грлото на матката на Хенриета. За разлика од претходните обиди за чување клетки во кои успеал да ги одржи клетките во живот само неколку дена, Геј открил дека некои клетки од примероците на Хенриета постојано растат и не умираат по неколку поделби, па со нивно размножување успеал да создаде повеќе клетки.

Во октомври 1951 г. Хенриета Лакс умрела, ракот метастазирал во целиот организам, но нејзините клетки формирани од примерокот на ткиво земен тогаш дури и денес се размножуваат, живеат и умираат во лабораторија. Синџирот од овие клетки станал бесмртен и се одржува со децении, а е познат како линија на клетки Хела.

Клетките се користат за многу медицински тестирања. Во годините по смртта на Хенриета овие клетки послужиле да се направи вакцина за детска парализа, која била тестирана на нив. Потоа клетките Хела биле првите човечки клетки што биле успешно клонирани во 1955, а во тоа време тие веќе масовно се произведувале и истражувачите сè повеќе ги барале.


Фото: Wikipedia

Тие се користени за истражувања поврзани со сида, ефекти на разни лекови и хемиски супстанции, како и рак и многу други болести. Благодарение на нив, научниците измислиле околу 11.000 патенти. Се претпоставува дека досега се „произведени“ околу 20 тони Хела-клетки.

Иако не е познато каде точно е закопана Хенриета Лакс, на подоцна поставен надгробен споменик е запишано дека нејзините бесмртни клетки засекогаш ќе продолжат да му помагаат на човештвото.

Џорџ Ото Геј исто така умрел од рак. Според податоците од книга за Хенриета Лакс од Ребека Склут, кога лекарите се обиделе да го оперираат, тој барал од нив да зачуваат дел од ткивото на црниот дроб зафатен со рак за да го размножуваат и зачуваат за истражувања како нова клеточна линија. Меѓутоа, лекарите не го послушале, а за време на операцијата заклучиле дека ракот толку метастазирал, што не била возможна операција.

Автор: Марија Џуриќ
Извор: naukakrozprice.rs