Сателити открија скриени колонии на царски пингвини за кои не знаевме дека постојат
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сателитски снимки од измет од пингвини на Антарктикот открија колонии на царски пингвини кои живеат и се размножуваат на ледениот континент, а научниците претходно не ни знаеле за нив.
Осум сосема нови заедници сега се најдени на некои од најзафрлените и најнепристапните делови на Антарктикот и три дополнителни колонии кои претходно биле идентификувани исто така биле потврдени од вселената.
Сега знаеме 61 локација на кои се размножува најголемиот пингвин на Земјата (Aptenodytes forsteri), што е зголемување за 20 отсто за разлика од порано.
Овие навидум добри вести, сепак, кријат друга вистина: овие популации живеат на работ на живеалишта кои полека исчезнуваат. Повеќето од новите колонии веќе се толку мали, што на научниците им биле потребни повеќе слики со висока резолуција за да се осигурат дека дамките од изметот всушност се таму.
На крајот, нивните бројки ја зголемиле генералната популација на царските пингвини за само 5 до 10 отсто.
Станува и полошо. Многу од овие колонии биле принудени на одат на рабовите на нивните места за размножување, кои се многу ранливи на климатските промени.
Споредбата со неодамнешни моделирања сугерира дека ако продолжиме да одиме по патот по кој одиме, се очекува секоја од овие новоидентификувани колонии да исчезне до крајот на векот.
- Додека веста што ги најдовме овие нови колонии е добра, местата за размножување се на локации каде што неодамнешните проекции посочуваат дека ќе има опаѓање на бројот на царски пингвини - вели биологот Фил Тратан.
Големината на заедниците на пингвини има директно влијание врз нивното преживување. Царските пингвини се собираат за да ги одбијат студените ветришта и да избегнат хипотермија. Па, колку се помали нивните колонии, толку поголем ризик има за нив, особено за време на инкубацијата на јајцата.
Сателитски снимки од 11 новооткриени колонии
Фото: Science Alert
Секоја година кога царските пингвини се подготвени за размножување, тие се враќаат на истата дискретна локација и се собираат за заштита. За да снесат јајца и за тие да се испилат, а потоа и да можат да си ги одгледуваат малите, на царските пингвини им е потребен стабилен мраз кој ќе трае околу девет месеци. Но, сѐ повисоките температури и мразот што се топи ги ставаат птиците во многу лоша ситуација.
Неуспехот во размножувањето може да доведе до исчезнување на овој вид. За некои колонии, загубата на скапоцените простори веќе се покажа како екстремно смртоносна.
Научниците не можат да бидат сигурни дека сите места што ги идентификувале од вселената всушност се места за размножување, но судејќи по фактот дека овие места се постојани во текот на сезоната на размножување и во текот на многу години, изгледа дека се.
Повеќето студии досега утврдиле дека според вообичаено сценарио, каде што стакленичките гасови се испуштаат со ист интензитет, антарктичкиот морски мраз ќе се намали за речиси половина, а тоа значи дека огромен процент од популацијата на царскиот пингвин ќе исчезне до 2100 година.
Извор и насловна фотографија:
Science Alert