Сѐ додека немаме јасен научен доказ дека децата се значаен фактор за трансмисија на општествено ниво, скапо би нѐ чинел експериментот да ги лишиме децата од училиште и градинка, доколку се испостави дека не се голем ризик, вели д-р Бабачиќ кој магистрирал епидемиологија во Германија, а сега е докторанд-истражувач при медицинскиот универзитет Каролинска институт во Стокхолм
Кај децата многу ретко се јавува тешка клиничка слика при SARS-CoV-2 инфекција, а ризикот од смртен исход од болеста Ковид-19 кај децата практично речиси не постои. Затоа, сметам дека учениците треба да се вратат на училиште и да имаат целосни, нескратени часови, вели д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторант-истражувач.
Со овој македонски доктор, кој магистрирал епидемиологија во Германија, а сега е докторанд-истражувач при медицинскиот универзитет Каролинска институт во Стокхолм, разговаравме за клучни прашања пред почетокот на школската година - дали е голем ризикот од ширење на Ковид-19 кога децата ќе појдат во градинка и на училиште, што сè треба да направат македонските власти, дали да се скрати наставата и кои други мерки треба да се преземат.
Тој е дециден дека вирусот веројатно ќе се пренесува и покрај преземените мерки, но неговиот став е дека е многу важно децата да одат во градинка или на училиште.
- Со одржувањето дистанца, редовното миење на рацете и носењето маска, ризикот би бил мал. Сепак, тешко дека децата ќе се придржуваат до тоа и не треба да бидат присилени, но треба да им се објасни зошто е тоа важно. Веројатно ќе има трансмисија и покрај преземените мерки, но многу е важно децата да одат во градинка и основно училиште. Важно е за менталното и физичкото здравје, за социјализација, за развој и едукација на децата. Ако нешто треба да ни е приоритет за отворање во општеството, тоа се основните училишта и градинките. Децата многу ретко пројавуваат тешка клиничка слика при SARS-CoV-2 инфекција, а ризикот од смртен исход од Ковид-19 болеста кај децата практично речиси не постои - вели д-р Бабачиќ за Факултети.мк.
Што треба да направиме пред да донесеме одлука дали ќе ги отвориме училиштата?
Ако децата одат на училиште, непотребно е наставата да се ограничи на само 20 минути, верува тој.
- Наставата треба да се изведува во целост. Во спротивно, не само што децата нема да добијат квалитетно образование, туку и тоа сериозно ќе влијае врз работоспособноста на граѓаните, кои ќе мора да остануваат дома за да се грижат за своите деца. Одржувањето на работоспособноста на популацијата е особено важно кај здравствените работници, а сите тие ќе ни требаат оваа есен и зима. Во носењето на одлуката за отворање на училиштата мора да земеме предвид колку затворањето на училиштата како мерка би влијаело врз пренесувањето на заразата, а колку ќе нѐ чини како општество. Ако подолг период не вложуваме во едукацијата на децата и не им овозможиме безгрижно детство со слободно движење, едукација, социјализација, физичка активност и игра, тоа сериозно ќе има последици врз цела една генерација - вели нашиот соговорник.
Нема доказ дека децата се ризик за трансмисија, но нема и дека не се
Прашањето колку децата се ризик за трансмисија во општеството, според д-р Бабачиќ, сѐ уште е отворено и нема јасни докази дека децата се голем ризик за трансмисија, но ниту пак дека не се.
- Сѐ додека немаме јасен научен доказ дека децата се значаен фактор за трансмисија на општествено ниво, скапо би нѐ чинел експериментот да ги лишиме децата од училиште и градинка, доколку се испостави дека не се голем ризик. Неколку студии на оваа тема се дискутираа во некои медиуми, но тие се ограничени и не докажуваат дека децата се поголеми пренесувачи на инфекцијата од возрасните - појаснува докторот.
Шведска, каде што д-р Бабачиќ сега е докторанд-истражувач, имаше уникатно искуство во врска со тоа дали децата треба да одат на училиште во време на пандемија. Таа беше единствена земја во која во текот на првиот бран децата до деветто одделение (до 15 години) одеа на училиште без некакви рестрикции.
- Средните училишта и универзитетите беа затворени и за нив наставата се изведуваше преку интернет. Вработените во отворените училишта беа обучени како да препознаат симптоми кај децата, да одржуваат хигиена и да ги учат децата на хигиена и правилно миење на рацете. Чистењето на просториите беше зачестено, обезбедени беа доволно средства за хигиена и имаше препорака да не се организираат настани со над 50 луѓе. Родителите беа задолжени да не го пуштат детето на училиште доколку има каков било симптом - болно грло, течење секрет од носот, покачена температура, болки во мускулите или зглобовите, а доколку родителите не увиделе некој симптом, тогаш учителите беа задолжени да побараат од родителите да си го земат детето дома - раскажува Бабачиќ.
Што покажува шведското искуство? Таму имаше неколку смртни случаи меѓу наставниот кадар.
- Немаме доволно податоци да утврдиме колкав точно е ризикот од трансмисија со отворени училишта бидејќи не беа тестирани ниту сите деца ниту сите вработени што не пројавуваа симптоми. Според првичните, ограничени анализи, нема изгледи дека отворените основни училишта и градинките биле еден од клучните фактори за трансмисија - потенцира докторот.
Срамота е во 21 век да имаме училишта без основни хигиенски услови
Бабачиќ вели дека, сепак, македонското општество е многу различно од шведското бидејќи многу од децата живеат во иста куќа со родителите, дедовците и бабите, па затоа ризикот за инфекција и некаков лош исход е поголем за постарите лица што живеат со своите внуци, преку кои инфекцијата може да стигне дома.
- Но, ако родителите одат на работа, ризикот за повозрасните сепак постои и не може да се елиминира. Би било добро повозрасните граѓани да одржуваат физичка дистанца од своите деца и внуци, доколку имаат просторни можности за тоа. Она што властите треба да го направат е да проценат колкав дел од повозрасната популација живее со внуците и дали постојат начини тие да се заштитат, на пример, преку системи за рана детекција на случаи кај тие семејства со поголем ризик за повозрасните - порачува докторот.
Доколку е изводливо, нагласува тој, треба да се намали бројот на ученици по класови, што бара вработување на дополнителен наставен кадар.
- Тоа е тешко изводливо краткорочно, но треба да се има во план како долгорочна цел. Во училиштата, тоалетите се во многу лоша состојба и мора да се уредат и да имаат топла вода, да се обезбедат доволно дезинфициенси за простории, да се купат и дистрибуираат големи количини на сапун и хартија и на секој чекор да се постават едноставни сликовни препораки за заштита. Тоа мора да се направи пред повторното отворање на училиштата. Потребен е силен граѓански активизам од сите општествени чинители. Сите родители, учители, директори треба да ги притиснат локалните власти и владата за тој проблем конечно системски да се реши. Срамота е во 21 век сѐ уште да немаме обезбедено основни услови за хигиена во голем број училишта - категоричен е Бабачиќ.