Јас сум горд што сум земјоделски инженер, но остана нешто во државата што и денес ми пречи, а тоа е перцепцијата за земјоделството, дека младиот човек ќе биде ценет само ако студира некој друг факултет, подалеку од земја... Кому му треба, ќе копаш ли по туѓите ниви, за аргат ли ќе учиш?
Време, далечно минато, последната четвртина на минатиот век, втор уписен рок – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Еден млад човек со документите под мишка оди да се запише на факултет. Го промашил првиот рок, опциите се лимитирани, дали воопшто има место и каде ќе успее?
Додека ги купува пријавните листови, здогледува близок пријател од средно училиште на кого му објаснува како планира да се запише вонредно на Правен.
Пријателот вели: „Што не дојдеш кај нас на Земјоделски? Има места и за редовни студенти!“ Земјоделски????
Најверојатно збунетиот израз на лицето и бледилото во очите го принудуваат пријателот да каже: „Супер е, ќе видиш. Ајде одам натаму, дојди со мене“.
Проф. д-р Ордан Чукалиев
И така случајно, спонтано, сè уште го паметам денот кога стигнав на Земјоделскиот факултет. Навистина супер, пријатна атмосфера, млади, насмеани лица, aма на кој факултет не е така? Но, имаше нешто друго што ми остави траен белег... можеби влијанието на една од најубавите градби во Скопје, можеби тракторот во холот, долу лево каде што и денес ги поздравува бруцошите на првиот ден или паркот околу зградата во кој има стотици растителни видови... Навистина има нешто што буди пријатни спомени и предизвикува трепет по толку многу години.
И да ја завршам во една реченица долгата прикаска... Младиот човек ги поднесува документите за прием на тогаш Земјоделскиот факултет, оди дома, со радост кажува каде го однел патот, на што следува одговор од родителите: Земјоделски??? „Па ако сакаше да копаш, не ти треба школо, има земја во она селоно....“
Но, јас бунтовен по природа, дипломирав и го докажав спротивното.
Изминаа скоро 40 години, цел работен век, и многу работи оттогаш се изменија. Има повеќе и поголеми автомобили на паркингот пред мојот факултет, кој денес се вика Факултет за земјоделски науки и храна, има други професори и асистенти по канцелариите, „некои нови клинци“ во клупите кои денес знаат дека и на селото им требаат дипломирани инженери...
Земјоделството веќе не е исто. И јас сум горд што сум земјоделски инженер. Но, остана нешто во државата што и денес ми пречи. Тоа е перцепцијата за земјоделството, дека младиот човек ќе биде ценет само ако студира некој друг факултет, подалеку од земја... Кому му треба, ќе копаш ли по туѓите ниви, за аргат ли ќе учиш?
Едноставно, драги млади, сите вие што имате афинитети кон природните науки, сите вие што ја чувствувате земјата која род дава, немојте да ве поколебаат во вашиот избор. Во канцелариите на Факултетот за земјоделски науки и храна седат професори кои се спремни да ја пренесат мудроста која со илјадници години се пренесува од колено на колено - како да произведеш храна, како да го користиш агро-екосистемот, без притоа да го деградираш, како да го зачуваш и предадеш во наследство на следните генерации во состојба која ќе овозможи и тие да можат да произведуваат за себе. Ќе научиш како речиси од ништо да создадеш нешто толку значајно - храната. Како да ги впрегнеш водата, почвата, воздухот, сонцето, зелената клетка, микрoорганизмите, макроорганизмите да работат за тебе, да создаваат за тебе. Како да ја раководиш и контролираш најголемата биотехнолошка лабораторија што работи на соларен погон.
Ова е многу комплексен процес кој бара познавања на многу науки, многу интеракции помеѓу сите фактори што влегуваат во процесот на земјоделското производство. Образованието во земјоделството е едно од најкомплексните зашто се изучуваат многу природни науки, многу инженерски дисциплини, многу економски фактори, за да може да се контролираат природните процеси. Згора на тоа, доаѓаат и многу специфични дисциплини чија цел е да ве научат како да ја примените науката во пракса.
Ве интересира генетиката, ние едноставно ја применуваме, секојдневно... создаваме нови сорти, ги подобруваме постојните, клонираме, размножуваме, применуваме ин-витро техники, биореактори, ги комбинираме и рекомбинираме гените да создадеме нови поприносни сорти, кои се потолерантни на суша, болести, климатски промени... А притоа применуваме најсовремени технологии кои се споменуваат деновиве околу короната, како што се електрофореза, ПЦР, ЕЛИСА...
Одамна битката за повеќе, подобра и поквалитетна храна се бие и на молекуларно ниво. Сето тоа може да го најдете во повеќе од 50 лаборатории што постојат на Факултетот за земјоделски науки и храна (пет се акредитирани лаборатории). Напредокот на земјоделството, потребата за квалитетна, а достапна храна за сите луѓе заради притисокот од растечката популација на планетава постојано нè води во некои нови области, нè исправа пред нови предизвици. Ако ве интересираат мотори, машини, роботи, земјоделската механизација е сектор кој секојдневно напредува, создава нови алати и решенија со кои се олеснува процесот на производството. Сакате да научите како се прават сите оние прекрасни и миризливи сирења, колбаси, преработки од млеко, месо, зеленчук овошје... маџунот и медот?
Да, сето ова се изучува на ФЗНХ. Ќе дознаете како се одгледуваат растенија без почва, хидропонија, аквапонија, сите оние напредни технологии со кои се постигнуваат рекордни приноси од единица површина и бараат полна контрола над условите на производство. Ве интересира како да го озелениме просторот во кој живееме со вертикални градини, градини на покрив, живи ѕидови и притоа да произведуваме вкусни и квалитетни земјоделски производи? Мини-градина во секој двор, мини-оранжерија во секој дом, домашно производство на никулци, мини-салата... Со еден збор, урбаното земјоделство е предизвик во денешното време на живеење.
Што е предизвик за младите што ќе одлучат да станат земјоделски инженери?
Предизвиците се големи... Веќе долг период во современото земјоделство се користат дронови, спектрални камери, термални камери, далечински истражувања, анализа на сателитски снимки, на фотографии од авиони, балони и други летала, најразлични сензори за мониторинг на животната средина и условите на производство, како и нивното влијание врз живите организми во реално време, создавање и анализа на огромни бази на податоци, познати како „big-data“. Сето тоа е дел од современото земјоделско производство, каде што навремената информација станува сè позначајна, почнувајќи од една основна информација потребна на секој земјоделски производител, на пример, кога да наводнува, колку вода е потребно или кога да прска, со кој препарат да врши заштита или прихрана, па завршувајќи со научно базирана рана анализа на глобално ниво за очекуваното производство на пченица, пченка, компир, соја, масло, тутун и сите останати производи потребни на големите берзански играчи, но и за водење на политиките во земјоделскиот сектор.
Денес треба сè повеќе да се води сметка за зачувување на природата за следните генерации и да се потенцира значењето на одржливото земјоделско производство. Така, кога зборуваме за животната средина, постојано се потенцира значењето на некои други, а ги забораваме најважните играчи на теренот - земјоделците кои управуваат со 50% од земјиштето во нашата татковина, користат над 70% од слатката вода и во нивните штали, трла, рибници има огромен број животни. Се прашувам кој проблем е посериозен, еден производен погон кој испушта контаминирачки материи и може веднаш да се детектира и да се изречат мерки или 200 илјади земјоделци кои со своите скромни знаења за животната средина, токсичните материи што ги користат, опасниот отпад и рационалното користење на природните ресурси секојдневно се мачат да обезбедат егзистенција за своите семејства и да достават свежи, вкусни и квалитетни производи на нашите трпези.
Кому би сакале да му помогнете со вашето знаење, но и младешки ентузијазам? Ако пак ве интересира биодиверзитетот, во земјоделството постојат голем број раси, сорти, популации кои со векови биле одржувани, а денес се на работ на исчезнување. Вашето знаење и посветеност ќе ви овозможат да ги заштитите, или можеби и да создадете услови за развој на нови економски активности.
Во денешно време, кога зборуваме за животната средина, неизбежно е да се споменат и климатските промени
Земјоделството е најпогодениот сектор во моментов, а ќе биде дополнително на удар, загрозено со очекуваниот пораст на температурите, намалувањето на достапноста на водата и очекуваниот конфликт за вода. Неопходни се иновативни решенија, практики кои ќе овозможат и понатаму да ја произведуваме храната која ни е неопходна за нашиот опстанок. Покрај тоа, зеленото растение го зафаќа јаглеродниот диоксид од атмосферата и го прераспределува во биомасата, која дел е над земја, а дел под земја. Умното управување со оваа биомаса е една од можните опции за ублажување на климатските промени. Згора на сè, тука е огромниот потенцијал на земјоделското земјиште во себе да задржи на подолг период огромни количини на јаглероден диоксид во вид на толку потребната органска материја, која покрај другото ги зголемува плодноста и вододржливоста и во исто време може да е мерка за ублажување и приспособување кон климатските промени. Прекрасните пејзажи на нашата преубава земја, најголемиот дел од нив се оние прекрасни слики на поле со сончоглед во Пелагонија, пасиштата на Шара (каде што, за жал, сè помалку стада се белеат), лозјата по Тиквешијата, тутуноберачите... и доколку сакаме да останат исти, мора да ги одржиме земјоделските активности во тие области.
Но, кој сака воопшто да живее таму, далеку од удобноста што ја нудат големите урбани центри, како да се мотивираат младите да живеат таму? Тука на сцена доаѓаат руралниот развој, социологијата на руралните средини и агро-економијата, која е од интерес и за сите оние што ги интересира земјоделството како бизнис. Сето ова е земјоделство. И не само тоа, во земјоделството се применуваат многу од најсовремените технологии. Како резултат на тие активности во последниов период приносите на земјоделските култури се наголемуваат во просек за 10% за една деценија.
Големиот напредок започнува со зелената револуција од 60-тите години на минатиот век, предводена од Норман Борлог со неговите нискостеблени сорти на пченица, кои меѓу другото имаат и поголема отпорност кон економски најзначајните болести. Извонредна идеја на пренасочување на делот од создадената биомаса, наместо во високото стебло да се акумулира во за нас толку потребното зрно. Но ова не се зборови, ова се дела, а за тие дела со кои се спасени милиони човечки животи кои би биле изгубени поради смрт од глад, особено во тогаш кризните региони на планетата, во 1970 година доделена е и единствената Нобелова награда за мир која се однесува за активности во земјоделството.
Изминат е веќе половина век оттогаш. Многумина од нас сè уште ја следат таканаречената „Хипотеза на Борлог“, која парафразирана гласи: „Наголемувањето на продуктивноста на земјоделството на најплодното земјоделско земјиште може да помогне да се контролира сечењето на тропските шуми во потрага по ново земјоделско земјиште“. Во меѓувреме, акумулирано е многу ново знаење, создадени се многу нови технологии, многу нови сорти, многу нови средства за заштита. Но ништо толку револуционерно, толку значајно за планетата како што била Зелената револуција. Можеби следното големо достигнување ќе биде „култивираното месо“ произведено преку репликација на мускулни клетки во контролирани услови. Или производство на масло и биодизел со одгледување на алги со висока содржина на масло во клетките. Но и тие технологии се стари повеќе години и ништо особено не се случува. Сконцентрирани сме на високи технологии, на информации, на анализи, се обидуваме производството од отворено да го пренесеме во лаборатории, во заштитени простори. Мислам дека сè уште не го гледаме идниот голем чекор во земјоделството. Барем јас не можам да го видам. Но најверојатно веќе никој тоа не го очекува од мене, зашто есента во мене царува, што би отпеал легендарниот Аки Рахимовски. Но денес сите нови предизвици ќе мора вие младите да ги решите... Професорот е тука само да ве насочува и да помогне да се изградите во личност која ќе биде горда на својата професија.
Како тогаш да го вратиме угледот на земјоделството?
Оној млад човек од почетокот на текстот го нема веќе. Не го гледам повеќе ниту во огледалото. Се присетувам на битките што ги биев во последните 40 години. Многу ги добив, но многу и загубив. Останува една горчина, што не успеав доволно да придонесам во борбата за враќање на угледот на земјоделството, за угледот на oваа благородна струка. Tокму затоа чувствувам голема потреба да ги повикам на помош младите генерации на оваа земја. Потребна ни е енергија, полетност, желба за личен развој, моќта и силата која во себе ја има младоста. Можете да се образовате и за придонесете за сопствената земја. Потребна ни е визија, потребен ни е нов агол на гледање, потребни ни се младите очи да го видат она што другите во моментов не можат. Имаме толку многу да направиме за да го преобразиме земјоделството во нешто што ќе наликува на она за што говорев. Сè уште со земјоделство може да се занимава кој ќе стигне, и за жал не му треба за тоа факултетот.
Земјоделските претпријатија во државава вработуваат само 270 земјоделски инженери и 28 магистри и доктори на земјоделски науки (Државен завод за статистика, Структура на земјоделските стопанства, 2016). За да биде појасно, има вкупно 280 деловни субјекти кои располагаат со 55185 ха и 23067 добиточни единици. Во просек еден земјоделски инженер се грижи за 185 ха земјоделско земјиште и скоро 78 добиточни единици. И најстрашното, во просек секој деловен субјект има само по 1 земјоделски инженер. Навистина ме интересира дали се сточари, поледелци, лозаро-овоштари???
Кај приватниот сектор помалку од 5% од ангажираните имаат какво било образование во земјоделството. Страшен податок. Секој ден, три пати на ден, внесуваме прехранбени производи кои се произведени од нестручни лица. Безбедно ли е, квалитетно ли е, не е важно. Важно е да е евтино. Ми провејува чувството дека скоро сите се незаинтересирани за ризиците што произлегуваат од неправилната примена на пестицидите, вештачкото ѓубре, прекумерната употреба на водата, деградирањето на земјоделското земјиште... Ефектите не се веднаш видливи, последиците ќе ги чуствуваме подоцна. Затоа батали, па не е тоа коронавирус и веднаш да се види кој се разболел. Ниту пак е мост, па да падне уште пред да се направи. Количината, цената квалитетот и безбедноста на храната може да имаат негативно влијание врз целата популација на долги патеки. Од ова зависат нашите потомства, ова го прави земјоделското производство да има стратешкото значење за безбедноста и благосостојбата на популацијата. Во моментов малкумина го зборуваат ова.
Но, дали треба да чекаме на последиците од повеќедецениското несоодветно земјоделско производство и управување со природните ресурси, па тогаш да реагираме. Можеби ќе ги повториме оние зборови што ги изусти Владо Илиевски во моментите на исклучителна радост, во моментите кога, на паркетот во преполната „Жалгирис арена“ во Каунас, Литванија, се случи чудо, во моментите кога целата нација имаше солзи радосници во очите: „Леле, што направивме!“ Само се плашам дека некој ќе ги повтори истите зборови, но со друг призвук, со друг вид солзи во очите. Наместо радост, може да има разни нијанси на страв, паника, безнадежност... Не сакам да го поставиме ова прашање по неколку децении, кога ќе сфатиме дека дебалансот во користењето на природните ресурси и активностите во секторот земјоделство нè довел до работ на бездната. Дека сме стигнале до точката од која нема веќе враќање. Уште помалку сакам по стотина години да се постави прашањето „Леле, што ни направија?“
Но, навистина, сметам дека не е доцна. Затоа апелирам, овој сектор мора да биде најсигурниот и најбезбедниот, а со неговите потенцијали ќе обезбедува вработување и самовработување на најголемиот дел од нацијата. Потребни се само неколку реченици во некој закон, реченици кои го вратат сјајот на струката во земјоделското производство, ќе ги спојат стручните лица со земјоделското земјиште и добиточниот фонд, ќе овозможат пристап до капитал и можност за инвестиции. На крајот, ќе овозможат секој да се чувствува многу посигурно кога ќе ја постави трпезата и нема да се прашува што денес ќе изедат нашите деца. Затоа е важно да се потенцира потребата од земјоделски инженери, и нивната стручност и посветеност кои се значајни за унапредување на овој сектор. Впрочем, од нив зависи обезбедувањето доволна количина квалитетна и безбедна храна според современите стандарди на производство.
Јаболкото - плод на мудроста...
Ќе завршам со моето видување на некои случувања од Книгата на Битието. Оваа книга вели дека Адам и Ева се протерани од Рајските градини поради еден голем грев, јаделе од забранетите плодови. Мене постојано ми одѕвонува во главата, забранетите плодови се всушност плодовите од дрвото на знаењето. Казната за тој грев била смртноста. Едноставно, со протерувањето, им бил оневозможен пристапот до плодовите од дрвото на животот, кои обезбедувале вечен и безгрижен живот. Човештвото не успеало да го поврати вечниот живот, но успеало да обезбеди пристап до знаењето за сите оние што го сакаат тоа. Знаењето е дел од нашата колективна меморија, новите дрвја на знаењето се образовните институции, а пред сè универзитетите. Доколку се одлучите да студирате земјоделство, верувајте ние знаеме како се одгледуваат растенија, плодовите од правилно одгледуваното дрво се највкусни, најубави, најсигурни... Дојдете заедно да уживаме во нив. Тоа одамна веќе не е грев.
Автор: Проф. д-р Ордан Чукалиев, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна,
кој случајно се запиша на овој факултет и никогаш не зажали за изборот.