Зачувувањето на пандите има и негативна страна - исчезнуваат леопардите и волците
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Пандите станаа едни од најпрепознатливите животни на кои им се заканува изумирање доколку не се заштитат навреме, но напорите за зачувување на џиновската панда негативно влијаат врз зачувувањето на други цицачи кои ја делат околината со пандите, покажува едно истражување.
Џиновската панда ги освои срцата на луѓето низ светот, а сликите од ова животно станаа симбол за глобалните напори за заштита на биолошката разновидност. Откако почнале напорите за зачувување на пандите, Кина успеала да го намали нелегалното ловење, ја забранила
трговијата со панди и означила десетици локации како заштитени живеалишта.
Фото: Pixabay
Оваа стратегија се смета за една од најамбициозните и најпознати програми за зачувување на одредени видови од изумирање и засега функционира. Пандата повеќе не е на листата со загрозени видови, иако останува во „ранливата група“.
Меѓутоа, ново истражување објавено во списанието „Нејчр еколоџи енд еволушн“ покажува дека овие напори за зачувување на пандата не влијаат добро врз леопардот, снежниот леопард, волкот и азискиот див пес. Овие видови животни речиси исчезнале во поголемиот дел од заштитените живеалишта за пандите од 60-тите години.
Откритијата покажуваат дека не се прават доволно напори за заштита на останатите животни во живеалиштата на пандите, вели главниот истражувач Шенг Ли од универзитетот во Пекинг.
Фото: Pixabay
Авторите споредувале податоци од 50-тите до 70-тите со фотографии од речиси 8.000 камери направени помеѓу 2008 и 2018. Тие откриле дека леопардите исчезнале од 81% од резерватите на џиновските панди, снежните леопарди од 38%, волците од 77% и азиските диви песови од 95%. За овие животни закана претставуваат ловокрадците, сечењето на дрвјата и болестите, покажува истражувањето.
Ли додава дека резерватите на џиновските панди најчесто се премногу мали за големите месојадци како леопардите и азиските диви песови. Меѓутоа, зачувувањето на пандите помогнало во заштитата на некои други животни, како мали месојадци, фазани и некои видови птици.
Во моментов се претпоставува дека има помеѓу 500 и 1.000 возрасни панди во кинеските региони Сечуан, Шанкси и Гансу. Леопардот и снежниот леопард се наоѓаат во ранливата група на животни, додека азискиот див пес се смета за загрозен вид.
Извор:
euronews.com