Намалувањето на бројот на живородени деца ќе значи затворени училишта, депопулација и стареење на населението, вели Марија Љакоска, демограф од Институтот за географија

Намалувањето на бројот на живородени деца ќе значи затворени училишта, депопулација и стареење на населението, вели Марија Љакоска, демограф од Институтот за географија

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Информацијата дека од 31.421 живородено дете во 1994 година во Македонија до 2023 година бројот се симнал на најниски 16.737 деца, го вклучи алармот во општеството. Падот на наталитетот влијае врз фертилитетот, а со неговиот пад почнува и процесот на стареење на населението. Сето ова понатаму ќе доведе до намалување на работниот контингент, особено намалување на високообразовниот кадар, што пак ќе се одрази негативно врз здравствениот систем, пензискиот систем и општо врз целокупната економска состојба на државата.

Со Марија Љакоска, демограф и доцент на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ, разговараме за причините на намалениот наталитет, влијанијата врз демографските промени и за последиците од трендовите на опаѓање, односно какви демографски промени ќе донесе падот на фертилитетот во општеството, какви промени ќе претрпи образовниот систем и пазарот на труд.

Сиромаштијата ли е главна причина за трендот на опаѓање на наталитетот или има и други социо-економски причини?

- Сиромаштијата е секако една од главните причини, но би рекла дека не е пресудна кога станува збор за намалување на наталитетот. Имено, податоците од Државниот завод за статистика покажуваат намалување на вредноста на стапката на сиромашни лица од 27% во 2010 година на 21,8% во 2020.
Во едно истражување што беше спроведено помеѓу студентите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 2022 и 2024 година, а беше поврзано со ставовите на студентите за миграцијата и причините за иселување, сиромаштијата беше една од наведените причини за иселување кај речиси една четвртина од испитаниците. Меѓу другите причини беа наведени незадоволството од квалитетот на живеење (61,6% од испитаниците), неможноста за напредок, корупцијата, неможноста за наоѓање работа по струка по дипломирањето и политичката ситуација во земјата.
Ако се земе предвид дека лицата што најчесто се вклучени во процесот на миграција се лица кои се во својата оптимална репродуктивна возраст, логично е дека ова би имало влијание врз наталитетот.

Освен емиграцијата, регистрирате ли други демографски промени што придонесуваат за падот на наталитетот?

- Самото тоа што се намалува наталитетот (од 11,8‰ во 2010 година на 9,2‰ во 2020 и 9,9‰ во 2022 година) значи дека имаме помал прилив на млади генерации во вкупното население, со што просечната старост на населението се зголемува. Таа изнесувала 37,2 години во 2010, а во 2020 изнесува 39,8 години.
Се зголемува и учеството на населението од поголемите возрасни групи, односно учеството на лицата од над 60 години се зголемило од 15 на 24% во периодот помеѓу последните два пописа, а од друга страна, имаме рапидно намалување на учеството на младото и зрело население на возраст од 0 до 39 години (од 59,6% на 48,4%) во истиот тој период. Само учеството на младите лица до 19-годишна возраст се намалило од 29,3% во 2002 на 22,6% во 2021 година.
Намалувањето на учеството на младите лица значи и намалување на бројот на лица од фертилниот контингент, што понатаму несомнено влијае и врз бројот на живородени деца.



Дали генерално лошата економска клима и квалитетот на образование влијаат врз наталитетот?

- Сѐ си има свое влијание. Голем дел од младите лица, особено идните студенти се одлучуваат да заминат на студии во странство, аплицирајќи на некои од универзитети кои котираат подобро од нашиот, нудат повеќе опции, дури и стипендии за студирање. Таков е случајот со Словенија.
Голем број млади лица што веќе го завршиле образовниот процес се одлучуваат за работа во странство или пак за доусовршување во некоја високообразовна институција надвор од земјава. Често тие остануваат на работа во странство и по студиите, таму го продолжуваат животот и се одлучуваат да формираат семејство, што може да се потврди и со сѐ поголемиот број бракови склучени во странство (821 во 2010 и 1.122 во 2022 година) и сѐ поголемиот број деца родени во странство (во 2010 година бројот на деца родени во странство изнесувал 3.642, во 2020 изнесувал 3.080, а веќе во 2022 година се зголемил за речиси 90% во споредба со 2020 и изнесувал 5.825). Во податоците од последниот попис, во дури седум општини, бројот на живородени деца во странство го надминувал бројот на живородени деца во земјава. Тоа се општини кои во најголем дел припаѓаат на Полошкиот Регион (Брвеница, Врапчиште, Гостивар и Маврово и Ростуша). Две општини се од Југозападниот Регион, односно Пласница и Центар Жупа, и Општина Ново Село сместена во Југоисточниот Регион.
Иако вредностите на стапките на невработеност се намалуваат (од 32,0 во 2010 на 13,1 во 2023 година) и можностите за наоѓање работни места се поголеми во споредба со минатото, потребата за подобра работна позиција, која ќе биде подобро платена, или работа по струка е она што прави младите лица да заминат од државата.

Дали врз наталитетот влијае менувањето на животниот стил на населението, на пример, тоа што голем дел од младите ја ставаат кариерата пред формирањето семејство?

- Општествениот и демографски развој со себе ги донесоа и промените во размислувањето и однесувањето на населението, а особено на женските лица. Девојките денес се многу поеманципирани во споредба со минатото, сѐ почесто се одлучуваат да се стекнат со повисок степен на образование, што подразбира запишување и завршување факултет, но и магистерски и докторски студии, а образовниот процес е долготраен и тоа значи дека девојките во тој период тешко се одлучуваат да стапат во брак, а уште потешко да се реализираат како мајки. Покрај тоа, завршувањето на образованието само по себе значи и потрага по соодветно работно место или можност за вработување најчесто на работни места кои се атрактивни и посакувани за девојките, па така тие неретко се одлучуваат да одберат градење кариера пред создавање семејство. Образованието и градењето кариера одземаат многу време, па кога девојките почнуваат да размислуваат за стапување во брак или за раѓање деца, тоа се случува на многу поголема возраст отколку во минатото, што значи и скратен фертилен период. 

Девојките што стапуваат во брак на помлада возраст најчесто ќе го добијат првото дете на помлада возраст и до крајот на фертилниот период ќе имаат можност да добијат второ, па дури и трето дете. Девојките што се мажат и го раѓаат првото дете на поголема возраст, имаат многу помали шанси да добијат поголем број деца, прво поради тоа што тие најверојатно и не сакаат поголем број деца, но и поради тоа што нивниот фертилен период е скратен и често немаат време за повеќе деца. Просечната возраст на жените кои првпат станале мајки се зголемила од 26 години во 2010 на 27,7 години во 2022 година. Ова е само еден од показателите за променетиот животен стил.



Дали се бележат драматични бројки и кај фертилитетот?

- Намалувањето на бројот на живородени деца и промените во наталитетот неминовно значат и промени во стапките на фертилитет. Имено, стапката на фертилитет во земјава е под критичната вредност од 2,1 живородени деца на една жена на репродуктивна возраст со години наназад. Во 2023 година таа изнесувала 1,6, а во 2019 и 2020 паднала на дури 1,3. Според експертите, кога плодноста на населението паѓа под „магичното# ниво од 1,5 деца по жена, таа ретко и тешко може да се рехабилитира, односно да се забележи пораст на стапката на фертилитет.

Што ќе се случи ако овие трендови продолжат, кои промени ќе ги доживее населението и дали тоа ќе влијае врз образовниот процес или брз работоспособното население?

- Демографските проблеми со кои се соочуваме ја засегаат целата популација. Бидејќи тенденцијата за намалување на бројот на деца станува сѐ посилна, станува неопходно да се отпочнат одредени механизми на дејствување бидејќи треба да се има предвид дека децата што треба да се раѓаат денес, треба да бидат ученици и студенти утре, а понатаму и потенцијална работна сила и столб на општеството.
Намалениот број на живородени деца влијае врз бројот на запишани првачиња, кој се намалил за 5,4% во учебната 2022/23, споредено со учебната 2018/19 година. Помалиот број ученици во основното образование значи и намалување на бројот на запишани средношколци. Овој број се намалил од 24.734 ученици кои запишале I година средно образование во 2010 година на 18.072 во 2021 година, а трендот понатаму продолжува и во високото образование.
Намалениот број ученици значи намалување на бројот на часови, затворање голем број подрачни училишта, а со тоа и губење на работните места за голем број просветни работници. Сето ова би довело до депопулација, особено во руралната средина, што пак би резултирало со раселување на голем број села и, секако, стареење на населението. Намалувањето на работните места, пак, води до тешкотии во финансирањето на системот за социјална заштита, тешкотии во системот за здравствена заштита, слабеење на неформалните мрежи на солидарност и друго. Влегувањето на сѐ помали генерации во образовниот систем порано или подоцна носи намалување на бројот на луѓе кои студираат, што понатаму ќе доведе и до зголемување на трошоците за образование по студент, но и на глобално зголемување на образовните трошоци.

Штом фертилитетот во една популација почнува да опаѓа, тогаш почнува и процесот на стареење на населението. Ова стареење (од основата на пирамидата) е позначајно и поизразено ако падот на фертилитетот е поголем и побрз. Сето ова понатаму ќе доведе до намалување на работниот контингент, особено намалување на високообразовниот кадар, што пак негативно ќе се одрази врз здравствениот систем, пензискиот систем и општо врз целокупната економска состојба на државата.

Што треба да направиме како држава за да ги намалиме овие трендови, имаме ли стратегија?

- Во неколку наврати досега се предложени и спроведувани мерки, постојат и две стратегии за демографски развој, едната за периодот од 2008 до 2015 година, а втората за периодот од 2015 до 2024 година. За жал, моменталната демографска слика не покажува дека сето ова имало позитивни ефекти.
Она што, сепак, влева надеж е Националната стратегија за демографски политики 2024-2044 година на која се работи во моментов и е во својата крајна фаза на подготовка. Во нејзината изработка се вклучени експерти од повеќе области и институции, а во фокусот на интервенирање се миграциите, поточно справувањето со емиграцијата на младите во странство, а во најава е и креирање комуникациска стратегија во насока на поголема видливост на градењето на демографската отпорност и зајакнување на јавната писменост за демографските промени.

Фото: приватна архива