За оваа работа во Австралија се плаќаат и по 3.800 долари неделно, но сепак има недостиг на работници
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Фармерите во Квинсленд, Австралија, очајно се обидуваат да ги привлечат младите Австралијци да берат овошје бидејќи се соочуваат со хроничен недостиг на работници и покрај фактот дека заработувачката може да биде до 3.800 долари неделно.
Одгледувачите нудат атрактивна плата за работата - која беше популарна за оние што одеа во Австралија пред затворањето на границите поради пандемијата - бидејќи овошјето им скапуваше на земја.
Бројот на доселеници во Австралија се намали за над 60 отсто во последните месеци и тоа создаде голем недостиг на работници.
- Има перцепција дека берењето овошје е слабо платено, но тоа не е вистина. Неодамна на еден работник му плативме 3.800 долари за еднонеделна работа и тоа е топ берач кој работи шест дена во неделата, веројатно околу десет часа на ден, но дури и кога ќе ја погледнете саатницата, тоа е прилично добро - истакнува Гавин Скур од „Пиата фармс“.
Тој додава дека иако може да биде тешка работа, со вистинскиот став, може да биде и забавна.
Гавин Скур
Фото: news.com.au
- Сè е до ставот. Има луѓе што се натпреваруваат сами со себе и со слични на нив. И тие се забавуваат, едноставно уживаат во работата и за нив не е невообичаено да заработат 3.000 долари за една недела - вели Скур.
Вели и дека често некои работници аплицираат, но не издржуваат повеќе од еден ден на работа и никогаш повеќе не се враќаат.
Низ Австралија многу фармери се соочуваат со слични проблеми и гледаат како им се уништуваат плодовите бидејќи им недостигаат работници. Тоа може да доведе и до поскапување на овошјето.
Министерот за земјоделство на Нов Јужен Велс, Адам Маршал, минатиот месец изјави дека Австралијците треба да размислат за работа на фармите бидејќи производителите мака мачат со наоѓањето странски работници. Тој рече дека е многу тешко да се убедат Австралијците да работат таква работа и дека за да се промени таквото размислување ќе биде потребно многу време.
Извор и насловна фотографија:
news.com.au