Актерот Александар Тодески осум години е и медар: Неописливо е чувството кога сум сам кај пчелите

Актерот Александар Тодески осум години е и медар: Неописливо е чувството кога сум сам кај пчелите

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Кај пчеларникот има еден див биљбиљ, кој секој ден стои на истото дрво и кога ќе почне да пее, обично прекинувам со работа и седнувам да го слушам. Многу пати одам само за да седнам под некоја сенка и да ги набљудувам пчелите како работат. Но, кога имам потреба од помош, тука е семејството, татко ми и сопругата, вели Тодески

Александар Тодески 12 години е актер во Прилепскиот театар. Во изминатите осум години тој е ентузијастички посветен на пчеларството. За пчелите научил од татко му, Најдо Тодески, исто така актер, кој чувал пчели уште пред 30 години.

Александар Тодески

- Тој имаше десетина пчелни друштва и се занимававме со медарство повеќе како хоби. Ги чуваше десетина години и потоа, наеднаш, сите пчелни друштва изумреа. По долго време откако дипломирав на ФДУ татко ми ме праша дали сум заинтересиран да чувам пчели. Од него многу научив, но за пчелите мора и да се чита многу. За да станеш искусен пчелар, потребни се време, посветеност и најважно од сѐ, не треба да бидеш алергичен на убод од пчели! Се договоривме и зедовме две пчелни семејства од Мариово. Тој почна да ме учи, и практично и теоретски. Првите 4-5 години работевме заедно и сега последните три веќе сам ги извршувам сите работи. Се разбира, одвреме-навреме со мала помош и консултација - вели Тодески.

Тој ги чува своите пчели во Кадино Село, Прилепско. Вели дека местоположбата е одлична бидејќи на 10 метри од пчеларникот има чиста река со риби. 

- За пчелата најбитно е да има пристап до чиста вода во секое време, во спротивно треба секој ден да ѝ носиш чиста вода. Исто така, тој регион е богат со багремови дрвја кои се многу медоносни и кои се потребни за да може пчелата да собере мед пролетниот период и да има резерва за летниот период. Во спротивно, би требало летниот период кога е без паша (храна) да се прихрануваат пчелите. Исто така, регионот е полн со овошни дрвца кои се многу битни за пролетниот развој на пчелата. Многу ливади обилни со различни цвеќиња, детелина, мајчина душица. Есенскиот период тука е сончогледот - објаснува Александар.

И 8-годишната Ана помага

Секој што решил да се занимава со пчеларство треба да биде внимателен зашто и мала грешка скапо се плаќа, вели тој. Со пчелите му помага и неговата сопруга Катерина, како и ќерките Ана (8) и Ангелина (4).

- Во која било работа ако немате поддршка, тешко се успева. Сопругата полека почна да се вклучува, првин теоретски и со помош при работа. За да работиш со пчелите, треба да си многу внимателен, мала грешка скапо се плаќа. Ана и Ангелина постојано доаѓаат и ѕиркаат во кошниците кога работам, го изгубија стравот, па сега слободно се шетаат во пчеларникот. Пчелата е мирна сѐ додека не почувствува некаква опасност кога ѝ чепкате во нејзиното улиште, нејзиниот дом - вели актерот.

Нормално е да се наметне прашањето дали пчелите често го касаат.

- Кога ги посетувам пчелите за да проверам во каква состојба се, тогаш ретко може да ме касне некоја. Кога работам во пчелното семејство, тогаш понекогаш ме напаѓаат. Иако сум добро заштитен, сепак, некоја пчелка ќе се провре некаде и ќе ме касне. На почетокот местото на убодот многу ми отекуваше, но со текот на времето телото станува сѐ поотпорно и сега ми се појавува мало црвенило и веднаш исчезнува - вели тој.

Александар вели дека за него медот е посебна приказна. Бојата на неговиот мед има неколку нијанси – може да е светол, да има златна боја, кафеав, а лани имал црвеникав мед.

Целото семејство помага

- Пријателите мислеа дека е планински. Мојот мед има мирис на многу тревки бидејќи јас го вадам медот само наесен. Јас сум презадоволен од вкусот и бојата на мојот мед - вели Тодески и додава дека најдобро знаат тие што купуваат од неговиот мед.

 

Најбитно од сѐ, како што објаснува, е тоа што и да е слаба пасна година, тој не ги храни пчелите со шеќерен сируп или со погачи, туку остава да соберат чист природен мед. Затоа вкусот, бојата и мирисот на медот се одлични.

- Не знаете какво е чувството кога сте сам на пчеларник. Прекрасна природа исполнета со секакви звуци, едноставно ме опушта. Кај пчеларникот има еден див биљбиљ, кој секој ден стои на истото дрво и кога ќе почне да пее, обично прекинувам со работа и седнувам да го слушам. Многу пати одам само за да седнам под некоја сенка и да ги набљудувам пчелите како работат. Но, кога имам потреба од помош, тука е семејството, татко ми и сопругата - вели Тодески.

Го прашавме дали ја почитува филозофијата на Атиџе – половина за пчелите, половина за мене.

Најдо Тодески

- „Медена земја“ е добар документарен филм во кој е прикажан бизнисот со мед. Пчеларството е друга работа и тоа не е приказна во документарецот. Пчеларството е една голема наука каде што некои работи сè уште не ни се јасни ниту нам, на пчеларите. Искрено, не се водам по тоа мото. Ако делиме пола-пола, нема да остане ништо. Некогаш пчелите имаат собрано мед само за нив, колку да ја презимат зимата. Во таков случај јас ни 100 грама мед не им земам. Во просек, за да презими едно големо пчелно семејство, потребно е да има од 15 до 20 кг мед во кошницата за целата зима. Што е за мене пчеларството: ако пчеларот ги „излажи“ пчелите да соберат мед за пчеларот, тоа е успех, а ако не успее, тогаш пчелите ќе си соберат онолку мед колку што им е потребно - вели Тодески.

Актерот признава дека му недостига театарот. Тој едвај чека да ѝ се врати на публиката.