Писмо на револтирани студенти на Филмската академија од Охрид
Најпрво би сакале да ги демантираме претходните изјави, писма и шпекулации што се појавија во медиумите изминатите неколку дена, а беа пласирани од одредени политички центри, кои никако не можат да ни помогнат.
Ние, долупотпишаните со име и презиме, сме студенти на Институтот за филм, филмска академија - Охрид, ИФФА или FIOFA и знаејќи дека сме го избрале филмот како наша животна определба, нема никогаш да останеме анонимни. Напротив, со ова писмо би сакале да ја известиме јавноста кои сме, од каде сме и за проблемите со кои се соочивме во пресрет на академската 2018/2019, незапочнувањето со редовната настава и останатите пречки што произлегуваат од нерегулираните административни обврски на академијата и МОН.
Ние, студентите на ИФФА (FIOFA), собрани во Охрид од целиот свет, привлечени од убавата приказна што ја понуди проектот ИФФА(FIOFA), а зад кој стои фантастичен наставен кадар и неверојатни услови за студирање, денес се наоѓаме во незавидна ситуација најмногу поради молкот и неизвесноста за моменталниот статус на филмската академија. Бараме јасен, брз и конкретен одговор. Какви се намерите на Министерството за образование и наука со ИФФА Охрид?
Интернационалните професори воопшто не се дојдени во Охрид бидејќи нивниот статус не е регулиран. Сите студенти што требаше да ја започнат новата академска година повеќе од еден месец се во Охрид, но настава нема, а нема ниту какво било известување од Министерството за образование и наука. Истовремено, студентите од првата генерација што веќе ги одбранија своите магистерски тези не можат да добијат диплома, иако ги завршија сите обврски што произлегуваа од нивните договори и студиските програми.
Ги исцрпивме сите обиди за да добиеме конкретен одговор од МОН зошто сѐ уште не започнала новата академска година, дали воопшто ќе започне новата академска година и кога студентите од првата генерација ќе ги добијат своите дипломи. Она што фрустрира е дека и покрај неколкумесечни писмени преписки со Министерството и средби со претставници и советници од Министерството, сепак немаме никакво поместување од состојбата статус кво. Сите нѐ уверуваат дека ќе има решение, но досега никој не презеде ништо, ниту пак сме добиле какво било официјално известување. Студентите, и од Македонија и интернационалните студенти, се во Охрид, на свој сопствен трошок, уште од почетокот на месец октомври, очекувајќи го стартот на новата година во предвидениот рок.
Никој досега не ги известил за конкретни мерки. Ниту дека ќе се продолжи со нормална настава, ниту пак дека академската година се одложува, или во најлош случај дека академијата ќе престане да работи. Интернационалните студенти, поради тоа штo ИФФА(FIOFA) не им издава документ дека се редовни студенти во академската 2018/19, не можат да го регулираат својот престој во Македонија и веќе голем дел од нив илегално престојуваат во Македонија. Тие веќе се во контакт со своите матични амбасади и размислуваат за покревање правна процедура против Република Македонија.
Поради сето наведено погоре, сите студенти што имаат правно важечки договори со Министерството за образование и наука се подготвени да покренат тужби против МОН и ИФФА (FIOFA) за да ги остварат своите права. Секако, најзасегнати се студентите од првата генерација, кои не можат да се стекнат со своите дипломи за Master of Arts (MA).
Се надеваме дека сето ова ќе наиде на разбирање и слух кај надлежните органи, да обрнат внимание и во најкраток можен рок да се посветат и да изнајдат решение. ИФФА(FIOFA) е благороден проект, препознаен од филмската фела во Македонија и во светот. Сите правни нерегуларности поврзани со работењето на академијата во минатото треба да бидат процесирани од надлежните органи, но тоа не смее да интерферира со академскиот дел, на штета на студентите.
Дел од овој проект се филмски работници и професори со највисоки почести и признанија од светот на филмот. Ние студентите, но и Македонија, треба да сме почестени што такви филмски величини го споделуваат своето знаење токму овде, во Македонија и Охрид. Не само што го споделуваат знаењето туку и несебично се вложија овој проект да се случи во Охрид, во соработка со славната прашка филмска школа FAMU.
Студентите на ИФФА(FIOFA) Охрид
Јаков Попоски, Игор Трајковски, Газменд Изаири, Димитар Димоски, Abhishek Bhadrraa, Gizem Tonbak, Коста Дупчинов, Весна Кушлеска, Cathal Mc Call, Jake Ramsay, Берат Асани, Albinos Qerimi, Гоце Миланоски, Драган Алексов, Верче Арсовска, Јован Цветкоски, Jehona Berisha, Валентин Видовиќ, Горан Томиќ, Никола Матоски, Harsh Doshi, Salma Dhaybi, Giovanni Rustanto, Susana Bernal Uribe, Leon Skogheim, Nick Ramsay, Никола Кузелов, Раде Гогоски, Katyayani Prabhakar