Едвард Сноуден: Бизнис-моделот на „Амазон“, „Гугл“ и „Фејсбук“ е злоупотреба!
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
По шест години откако протекоа документите за масовното набљудување на Националната агенција за безбедност, Едвард Сноуден верува дека светот се менува. Тој признава дека луѓето се посвесни за проблемите со приватноста и позагрижени за нив отколку претходно, но сепак се чини дека е потребно луѓето да научат за специфичната „злоупотреба“ што им се врши.
- Луѓето често им се лутат на вистинските луѓе поради погрешни причини - се обрати тој на веб-самитот во Лисабон во понеделникот преку видеоврска. Додаде дека големите технолошки компании ги прават луѓето ранливи така што собираат податоци за нив и дозволуваат овие податоци да бидат достапни за владите.
- Овие луѓе се вмешани во злоупотреба, особено кога ги гледате „Гугл“, „Амазон“ и „Фејсбук“ и нивниот бизнис-модел. И покрај тоа, тие тврдат дека сè е легално. Без оглед дали зборуваме за „Фејсбук“ или Националната агенција за безбедност, ја легализиравме злоупотребата на личноста - рече тој.
Фото: Getty Images
„Гугл“, „Амазон“ и „Фејсбук“ не одговорија веднаш на барањето за коментар.
Сноуден е најпознат по откривањето на програмата за набљудување на Националната агенција за безбедност, позната како „Призма“ во 2013 година, проследувајќи документи до новинарите кои покажуваат колку податоци се собрани од луѓето од страна на владата на САД и нејзините сојузници. Тој избега во Хонг Конг, а подоцна доби и азил во Русија, каде што сè уште престојува. Сноуден верува дека светот има право да го знае она што тој го знае.
Како што вели, нема многу позитивно мислење за Општата одредба за заштита на податоците на Европската Унија, позната како ГДПР. Смета дека е добар обид, но мисли дека проблемот е грешно дијагностициран.
- Грешката произлегува од самото име. Проблемот не е заштита на податоците, проблемот е во собирањето податоци. Регулирањето на заштитата на податоците претпоставува дека нивното собирање е целосно правилно, како и тоа дека не претставува закана или опасност. Дека е сосема во ред да се шпионира секој во секое време, без оглед дали станува збор за купувачи или граѓани, сè додека информациите никогаш не протечат - предупредува тој.
- Не само што ова не е точно, туку ако нешто
научивме од 2013 година, тоа е дека порано или подоцна сè ќе протече - заклучува Сноуден.