НАкС: Ниеден стипендист во странство кој не се вратил во Македонија не ја вратил предвидената сума
Независниот академски синдикат (НАкС) денеска ги презентира извештаите од анализите за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа. Анализите ги направија проф. д-р Мимоза Ристова, проф. д-р Виктор Стефов и проф. д-р Мирјана Најчевска од УКИМ.
- Со оглед на тоа дека станува збор за доделување неповратни средства од Буџетот на државата наменет за развој на високото образование на физички лица, од исклучителна важност е да се утврди како се доделуваат овие средства и кои се резултатите од остварениот студиски престој во странство за пошироката заедница, академската заедница во државата и бизнис-секторот. Во анализата се користени податоци добиени од страна на Министерството за образование и наука, законски и подзаконски акти со кои се регулира релевантната материја и податоци достапни на интернет - наведуваат од НАкС.
Оттаму издвоија дел од заклучоците на кои упатуваат анализираните материјали.
-Материјата за добивање стипендии за студирање во странство не е докрај и соодветно регулирана со Законот за студентски стандард и воопшто не е предмет на регулирање во Законот за високо образование;
-Во ниту еден закон или подзаконски акт не е определен посебниот интерес на Македонија за конкретни студии или градење конкретен кадар како основа за доделување на стипендиите за студирање во странство;
-Во Правилникот за видот на студентските стипендии и начинот на доделување на студентските стипендии на студенти кои студираат во странство не е направено раздвојување на генералните и посебните критериуми за добивање стипендија;
-Во Правилникот не се прецизирани (конкретизирани) посебните критериуми за добивање стипендија за студирање во странство што би овозможило недвосмислено рангирање на кандидатите;
-Постоењето на можноста за добивање дополнителни усни информации во МОН отвора простор за различен третман на кандидатите.
Во ниту еден од законските и подзаконските акти не се дадени процедури кои би овозможиле поврат на средствата дадени на име стипендија во случај кога кандидатот нема да ја изврши обврската за враќање и работа во државата;
- Сите овие елементи заедно ја оневозможуваат или во најмала рака ја отежнуваат постапката за жалба на кандидатите во случаите кога не се задоволни од одлуката на МОН, односно одбиено е нивното барање за добивање стипендија.
-Голем дел од корисниците на стипендии за студирање во странство остануваат да работат надвор од Македонија;
-Ниту еден од корисниците на стипендии кој не се вратил во државата согласно договорот склучен за доделување на стипендијата не ја вратил сумата предвидена во договорот и за ниту еден студент не била активирана меницата која ја потпишал при склучување на договорот како гаранција за преземената обврска.
Фото: Принтскрин од извештајот