Неколку германски фирми тестирале 4-дневна работна недела. Ова се резултатите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Четириесетина германски компании им дозволија на своите вработени да работат четири дена во неделата без да им ги намалат платите. Експериментот покажа ветувачки придобивки, но дали тие придобивки се одржливи за целата економија?
Претходно годинава околу 45 германски компании започнаа проект за 4-дневна работна недела за да откријат дали ваквата фундаментална промена во начинот на кој работиме може да даде позитивни резултати за работодавците и за вработените.
Компаниите биле следени шест месеци од истражувачите од Универзитетот „Минстер“ во Германија. Пилот-проектот бил инициран од берлинската компанија „Интрапренор“ во соработка со непрофитната организација 4DWG (4 Day Week Global).
Постигнувањето на истиот резултат со помалку часови и иста плата бара поголема продуктивност. Првично ова може да значи поголем стрес и поголем обем на работа, но дали мора да е така?
За објективно да се проценат ефектите од намаленото работно време, истражувачите не направиле само анкети и интервјуа, туку и анализа на примероци од коса за да го измерат нивото на стрес, а користеле и апарати за да соберат физиолошки податоци како отчукувања на срцето, ниво на активност и квалитет на спиењето.
Џулија Бакман, водич на пилот-проектот, вели дека вработените генерално се чувствувале подобро кога работеле помалку часови, а останале исто продуктивни како и со петдневната работна недела. Во некои случаи продуктивноста била и поголема.
Учесниците пријавиле значителни подобрувања во менталното и физичкото здравје, имале помали нивоа на стрес и симптоми на исцрпеност, што било потврдено од податоците.
Според наодите на Бакман, двајца од тројца вработени пријавиле помало одвлекување на вниманието. Над половина од компаниите ги редизајнирале своите состаноци за да ги направат поретки и пократки, додека една од четири компании усвоила нови дигитални алатки за зголемување на ефикасноста.
- Се чини дека потенцијалот за пократко работно време е задушен од сложените процеси, многуте состаноци и ниската дигитализација - вели Карстен Мајер од „Интрапренор“.
Изненадувачки резултати во однос на здравјето и животната средина
Истражувањето покажа дека учесниците биле физички поактивни во текот на 4-дневната работна недела и спиеле во просек 38 минути повеќе неделно од оние во 5-дневната контролна група. Бил забележан пад и во бројот на земени денови за боледување.
Друго изненадување се еколошките придобивки од намаленото работно време бидејќи канцелариите целосно биле затворени еден ден, а луѓето помалку патувале до работа, што резултирало со заштеда на гориво и енергија.
Неисправни податоци од искривен тест?
Подетален поглед на истражувањето може да предизвика сомнеж за тоа колку се корисни наодите.
Две компании доброволно се откажале во текот на шесте месеци, а две други морале да бидат исклучени од евалуацијата. Од преостанатите, само една третина го намалиле неделното работно време.
Околу 20 отсто го намалиле работното време помеѓу 11 и 19 отсто дневно, додека околу половина го намалиле работното време за помалку од 10 отсто, или приближно четири часа неделно. Така, само во 85 отсто од случаите вработените добиле цел слободен ден.
Исто така, ограничениот број на компании-учеснички го прави тестирањето едвај репрезентативно за Германија и нејзините повеќе од 3 милиони регистрирани фирми.
Од компаниите што учествувале во тестирањето, повеќе од 70 отсто рекле дека планираат да продолжат со проектот.
Извор:
Euronews.com
Фото: Freepik