Дали училиштето ја убива креативноста и зошто да? Дали ние, наставниците, умееме да го спречиме тоа и зошто не?

Дали училиштето ја убива креативноста и зошто да? Дали ние, наставниците, умееме да го спречиме тоа и зошто не?

Имаме прекрасни деца. Млади умови кои многу можат, но не го даваат тоа од себе. Се чини дека навистина е крајно време како наставници да прифатиме дека сите се гении. Но, ако способноста на рибата ја проценуваме според нејзината способност да се качува по дрво, таа целиот живот ќе го мине во уверување дека е глупава

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Училиште на 21 век. Поттикнување, слобода на израз, елиминација на фактографското учење, создавање атмосфера на предизвик, учење преку работа, симулација на реални ситуации како противтежа на голтање дефиниции, влог во вештините за самостојно учење и повисоките нивоа на восприемање на содржините, доживотно учење кое ја втемелува креативноста, негување на иновативното размислување – ова се само дел од воспитно-образовните заложби за следење на современите текови на образовните системи, со кои сакаме да фатиме чекор и на кои сакаме да им се придружиме на брзата лента за учење според модерните стандарди. Многу време трае оваа интенција.

Предолго, се чини.

Многуте обиди за промени, воведувани под закрилата на амбициозни реформи на кои сведочиме со децении, сепак, не успеваат да го дадат очекуваниот ефект. Ваквите воспитно-образовни резови, општо земено, не успеваат да го елиминираат традиционализмот во наставните приоди и за резултат имаат настава ориентирана на програмата, со осознавање без доживување, во чии рамки потребите на ученикот не се во фокусот – сè уште преовладува пасивниот седечко-слушачки формат и длабоко етаблираниот приоритетен оценувачки систем, во кој оценката е императив. Тука само ќе наведам дека по завршувањето на првиот класификационен период од оваа мачна учебна година, а следејќи ги резултатите, сведочиме на голем број слаби оценки кои кај учениците не се аларм за будење, туку инструмент со кој ни порачуваат дека ги губиме од вид и дека ништо не преземаме по тоа прашање – една ли се, три ли се, пет ли се – сеедно. Како што многупати досега нагласив, таа апатија и чувството на сеедност е најголемата педагошка грешка во чекори која сме успеале да ја направиме, од една едноставна причина: Не успеваме да ги научиме да мислат, да градат свој поглед на она што го учат и нивната незаинтересираност ја казнуваме како незнаење – ја убиваме нивната можност да ни покажат дека сепак можат. Поинаку, но можат.

Зошто е важно да се зборува за креативноста во сложениот систем на учење?

Секој учител ја знае Ајнштајновата мисла, која стана образовна парадигма: „Мечтата е поважна од знаењето“. Се поставува прашањето како да се надмине фактот дека и покрај сите настојувања, кои, за жал, остануваат со статус на декларативни заложби, не создаваме, пред сè, атмосфера во која учењето ќе биде предизвик, а потоа и ученик кој ќе ги развива своите создавачки потенцијали така што ќе му се овозможи да ги истражи сопствените способности, да ги развие своите ставови, да стане самостоен и да научи да наоѓа решенија на необични, поинакви начини. Тоа ќе значи дека ученикот се доживува како творечка личност, со потенцијал за изнаоѓање нови можности преку поттикнување на размислувањето за она што го учи, што е основата за создавање способни, активни и иновативни луѓе, неопходни за нивниот личен развој, но и за развојот на општеството.

Дали нашите училници, а особено условите во кои денес се одвива наставата, благодарение на ковид-предизвикот, креираат вакви ученици? За жал, не:

1. Кога не учеле онака како што од нив се очекува – не учеле лекции, првиот одговор секогаш им е, со една фрапантна доза на рамнодушие која треба навистина да нè замисли: Не сум спремен. Воопшто не се трудат да покажат барем како гледаат на тоа што е исправено пред нив како баласт, кој веќе не ги ни вознемирува. Дел од нив умеат да се изненадат од себеси ако наставникот не се откаже и не им дозволи да се предадат, па низ разговор и во форматот на „добро, а за ова што мислиш?“ прилично добро можат да се изразат. Можат. Само не им е предизвикана таа потреба – да разговараат од свој агол за тоа што не го знаат, што е основата на креативноста. Дел од нив, пак, морам со жалење да истакнам, на ваквите наставници не гледаат како на предизвикувачи на нивното размислување, туку како на благи и попустливи, бидејќи „одбиваат“ да им напишат слаба оценка, што е резултат на предолго втемелуваните насоки според кои кога не знаеш, добиваш единица – факт со и во кој живеат голем дел од своето образование.

2. Кога им се остави простор преку симулација на одредени околности да излезат од клишето на учењето лекции, едно од најчестите прашања им е: Што треба сега тука да направам? Сигурна сум, не дека не можат да здогледаат. Само не сме успеале да им ја поттикнеме потребата кога гледаат, да гледаат во шумата, а не во дрвото. Да бараат, да најдат, да оформат, да осмислат, да најдат пат онаму каде што пред нив никој не минал.

Што може, треба и мора да се стори?


Пред сè, да се сфати дека креативноста може да се научи, не е феномен надоврзлив исклучиво на интелигенцијата и не е ексклузивитет само на поединци. Само бара многу вложување, првин во себе, а потоа во откривањето на потенцијалот на секој ученик и негување на истиот од страна на наставникот, секако како првата „линија“ на фронтот на апострофирањето на креативноста. Затоа што само креативен наставник препознава и поттикнува креативност кај учениците.
Понатаму, мора се осознаат и да се негуваат 4-те категории:

*Kреативна личност – сите имаме креативен потенцијал уште со раѓањето. Затоа малите деца во капачето или во која било дреболија гледаат играчка. Со текот на времето, како што раснат и учат влезени во калапот, за нив капачето станува само капаче, а дреболијата само дреболија, затоа што се потврдува дека образованието им ги менува аспектите на гледање на начин поради кој челинџот се губи, ако образованието е скроено на начин кој тоа ќе им го овозможи. А скроено е.

*Kреативен продукт – одредена новина во однос на веќе постојните состојби, оригиналност во резултатот, отвореност за различни алтернативи. Насочувањето на учениците кон различноста во напливот на истоста ќе им овозможи лична креација, која ќе ги охрабри понатаму да се соочуваат со нештата на поинаков начин.

*Kреативен процес – начин на создавање креативен продукт. Тој води до необични идеи и создава комбинации на старото и новото, со надградување на идејата на постојната состојба.

*Kреативна околина – за да се негува и поттикнува креативноста, императив е таквото опкружување. Ова е важно затоа што само во креативна атмосфера може да се препознае вредноста на креативниот продукт, особено во училиштето каде што ученикот треба да ги најде позитивните стимуланси за креативна работа.

Креативноста е фантастичен феномен. Бара многу поинакви пристапи за да ѝ се овозможи да исплива на површина и за неа навистина мора многу да се зборува. Имаме прекрасни деца. Млади умови кои многу можат, но не го даваат тоа од себе. Секој е различен и останува на нас да работиме со нив според тоа што го поседуваат. Се чини дека навистина е крајно време како наставници да прифатиме дека сите се гении. Но, ако способноста на рибата ја проценуваме според нејзината способност да се качува по дрво, таа целиот живот ќе го мине во уверување дека е глупава.