Групата „Саксакустикс“ од Виница е негувател на македонската забавна музика
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност
Иво Димитров, Никола Јангелов и Иван Мојсоски од Виница се членовите на групата „Саксакустикс“ и веќе три години ја негуваат македонската музика. Иако немаат авторски песни, тие велат дека настапуваат со македонска популарна забавна музика за да докажат дека имаме преубава музика која треба повеќе и почесто да се негува.
- За жал, сè уште немаме наша авторска музика, но секако сме во план да создадеме нешто наше во иднина. Но, во меѓувреме продолжуваме да го правиме она што знаеме најдобро и ништо не нè спречува. Во време кога сме тотално отсечени и сме без настапи речиси една година, сакаме да напоменеме дека и во овој период успеавме да бидеме креативни со тоа што направивме преработка на песната „Бела“. Интересно за оваа преработка е што целото видео и аудио се изработени во домашни услови, секој беше креативен на свој начин - велат од „Саксакустикс“.
Додаваат дека мотив за работа им е одличната публика и атмосфера на настапите, позитивните луѓе и случувања наоколу, а се стремат да наметнат настапи исполнети со македонска музика кои не се забораваат. Тие досега имале многубројни настапи низ целата земја, како и во некои телевизиски шоуа.
Овие млади надежни музичари надеж за пробивање на сцената гледаат во медиумите, но нагласуваат дека мора да се задржи квалитетот и да се поминат неколку скалила за да се дојде до успехот.
- Во ова модерно време сметаме дека маркетингот е најголем двигател за наметнување на поголемата сцена, веб-страниците, медиумите, радијата, телевизиите и секако позначајните настапи се скалила кои мора да ги поминеме за да дојдеме и да се пробиеме на таа сцена, притоа задржувајќи го квалитетот, на крајот од денот ние можеме да зборуваме и да се докажуваме само преку музиката која ја изведуваме - велат тие.
Фото: Мартин Милевски