Македонската игра „Candle Craft 3D“ прва во САД и на светските топ-листи

Македонската игра „Candle Craft 3D“ прва во САД и на светските топ-листи

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Candle Craft 3D“ ги ниже своите први милион преземања, но допрва ѝ претстои освојување на источниот пазар. Потоа следуваат многу подобрувања, многу идеи и надградби кои имаме намера да ги развиеме и тестираме, за финалниот производ да има позитивен ефект и долг дигитален живот, многу милиони преземања и исто толку задоволни играчи низ светот, велат авторите на играта

„Candle Craft 3D“ е игра која, исто како и нашиот претходен хит „Tie Dye“, спаѓа во доменот на „хипер кежуал“ симулации, односно супередноставна игра која е фокусирана на создавање свеќи преку креативна експресија на играчите, велат од македонското студио „Фјуриус авокадо“. Играта за многу кратко време забележа сериозен број на преземања и се позиционира на првото место на светските топ-листи за преземени игри, од кои најголемиот успех е првата позиција во САД.

- За помалку од една недела од официјалното објавување, се искачи на врвот на светот и уште еднаш успеавме да ја ставиме Македонија на светската мапа - споделуваат авторите на играта.

Првата игра на студиото, „Тie Dye“, има близу 150 милиони преземања и бројката не застанува тука. Продолжува да поместува граници и да руши рекорди.
Марио Ампов, Дамјан Михаилов, Бобан Стојчевски, Томи Џуровски, Иво Нешковиќ и Наум Михајловски се основачите на „Фјуриус авокадо“, засилени со Јован Матоски, Лола Давидовиќ, Филип Филипов и Немања Станковиќ. Но тимот постепено расте и се зголемува.



Во играта се резбаат свеќи

- Она на што публиката реагира екстремно позитивно во новата игра е спојот и балансот помеѓу вештината која е потребна за да се „изрезбаат“ прецизно свеќите според желбите на клиентите во игрите кои пристигнуваат во вашата работилница за свеќи, и креативниот израз кој овозможува слобода на играчот преку избор и комбинација на боите, а кулминира во целосна креативна слобода кога ќе ве посетат ВИП-клиентите. Сево ова, заокружено во еден систем во кој играчите напредуваат преку надградување на својата работилница, здобивање со дополнителни алатки кои овозможуваат изработка на покомплицирани дизајни, без потреба да се инвестира многу време во самата игра, што ја прави достапна за играње во кратки сесии и во паузи помеѓу други активности, ја создава магијата што ги плени играчите и ги задржува во „Candle Craft 3D“ подолго - ни сподели Наум Михајловски, еден од авторите на играта.



Деноноќното посветено развивање на играта сега е наградено

Тестирањето на потенцијалот и виралноста на идејата за креирање свеќи се одвиваше во летниот период, велат од „Фјуриус авокадо“.

- Овој пат тестовите не беа од стандардна природа. Наместо да развиваме прототип од играта кој би го тестирале, се одлучивме на пристап „размислувај надвор од кутијата“ и првите тестови ги базиравме на 3Д-анимирани видеа кои создаваат илузија на игра. Ова е апсолутно нестандарден процес на тестирање во нашата сфера, кој не само што ни потврди дека идејата е добра, туку и ни даде насока за понатамошниот развој на играта откако преку неколкуте тестирани видеа увидовме на што конкретно позитивно реагира публиката. По ова следуваше неколкунеделно деноноќно посветено развивање на играта - период во кој во „Candle Craft 3D“ ги вложивме сето наше знаење, љубов, пасија и ентузијазам. Сето ова беше наградено со достигнувањето на првото место на светските „ап стор“ (iOS) топ-листи, од кои најголемиот успех е првата позиција во САД - нешто што е екстремно тешко за остварување, имајќи предвид дека тоа е најголемиот и најбитниот пазар кој го сочинува најскапоцената публика за чие внимание се борат сите - велат од „Фјуриус авокадо“.



Квалитетниот тим е клуч за успехот

„Candle Craft 3D“ ја следи кармата на „Tie Dye“. Двете игри постигнуваат неверојатен успех на светската гејминг-сцена.
- Можеби ќе звучи нескромно, но примарно успехот на игрите го препишуваме на квалитетот на тимот од светска класа и талентот кој е сконцентриран во „Фјуриус авокадо“. Кога го етаблиравме студиото, идејата беше да се формира тим кој ќе може да одговори на големи предизвици и кој ќе може да се носи рамо до рамо со најдобрите светски тимови од оваа сфера. Оттогаш, првичниот шестчлен тим е речиси дуплиран и засилен со екстремно талентирани и пасионирани програмери и артисти - нешто што секако игра голема улога во повторување на успехот. Покрај ова, во голема мера и поради успехот на „Tie Dye“, имаме одлично разбирање на симулацискиот сегмент од пазарот, што ни овозможи акумулираното искуство и знаење да ги преточиме во „Candle Craft“ и да ја базираме играта на веќе проверена формула која знаеме како и зошто работи. Ова беше особено битно и веројатно од пресудно значење, кога во „хипер кежуал“ индустријата, која е позната по својата екстремна агилност и молскавичното менување на трендовите, кога една симулациска игра ги нема пробиено топ-листите веќе долг период, да се наметнеме со нов симулациски хит кој за помалку од една недела од официјалното објавување се искачи на врвот на светот и уште еднаш успеа Македонија да ја стави на светската мапа - потенцира Наум Михајловски.



Допрва ќе расте бројот на преземања

„Candle Craft 3D“ допрва ќе ги ниже своите први милиони преземања.

- Експлозивниот старт ни дава право да се надеваме на голем успех гледано на долги патеки. Но, од досегашната посветена работа на „Tie Dye“, која константно ја подобруваме веќе една и пол година од денот на нејзиното издавање, знаеме дека тој успех не доаѓа лесно и не е сервиран „на тацна“. На „Candle Craft“ допрва ѝ претстои освојувањето на источниот пазар. Новите верзии на играта, преку локализацијата, ја прават достапна во азискиот регион. iOS, иако потешкиот дел од пазарот, е веќе освоен. Секако, сега преостанува освојување и на Android, односно Google Play.

Потоа следуваат многу подобрувања, многу идеи и надградби на кои имаме намера да ги развиеме и тестираме во периодот што следува, за да се осигуриме дека сето она што го имплементираме во финалниот производ ќе има позитивен ефект и ќе ѝ овозможи на „Candle Craft 3D“ долг дигитален живот, многу милиони преземања и исто толку задоволни играчи низ светот што уживаат во неа - дополнува Михајловски.

Фото: приватна архива