Хонгконг изложува илјадници џиновски скулптури од панди со надеж дека ќе го поттикнe туризмот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Хонгконг ќе изложи неколку илјади џиновски скулптури од панди. Причината за тоа е зголемениот интерес за овој вид мечки по раѓањето на две младенчиња во локалниот забавен парк.
На церемонијата на аеродромот во Хонгконг беа откриени 2.500 скулптури кои ќе бидат изложени на Авенијата на ѕвездите во популарниот трговски кварт, а подоцна и на три други локации.
Едно од тие места е Океанскиот парк, дом на младенчињата близнаци, нивните родители и уште две панди кои во септември Пекинг му ги подари на Хонгконг. Дизајнот на шест од скулптурите, направени од рециклирани гумени буриња, смола и други материјали, е инспириран од тие мечки.
Младенчињата, чие раѓање во август ја направи нивната мајка Џинг Џинг најстарата панда во светот што родила првпат, би можеле да се сретнат со посетители уште во февруари.
Овие џиновски панди се обид Хонгконг да ја искористи нивната популарност за да ја зајакне својата економија, со оглед на тоа што работи на враќање на својата позиција како една од главните туристички дестинации во Азија.
Пандите се сметаат за неофицијална кинеска национална маскота, а програмата за заем на џиновските панди во зоолошките градини во странство долго време се сметаше за средство за кинеска „мека“ моќ.
Повеќето од специјалните скулптури ќе бидат понудени на онлајн аукција за добротворни цели, а приходите ќе бидат донирани во Оканскиот парк за поддршка на напорите за зачувување на џиновските панди.
Џинг Џинг и Ле Ле, родителите на младенчињата близнаци, се вториот пар панди што Пекинг му ги подари на Хонгконг откако поранешната британска колонија беше вратена под кинеска власт во 1997 година.
Првиот пар што го претстави Пекинг беа Ан Ан и Џиа Џиа, кои пристигнаа во 1999 година. Џиа Џиа, која почина во 2016 година на 38-годишна возраст, е најстарата панда на светот што живеела во заробеништво.
Просечниот животен век на пандата во дивината е од 14 до 20 години, а во заробеништво до 30 години, покажуваат податоците на Светскиот фонд за природата.
Извор:
n1.info.rs
Фото:
Twitter/Ktvb.com