Се пензионира еден од омилените педагози на учениците, Пецо Ројковски: „Имав шанси да работам во град и да бидам директор, но одбивав зашто им бев посветен на учениците во Новаци“
Не му започнувал работниот ден додека не поминел по сите училници во школото, да види дали некое дете има проблем, да не е нерасположено, да не му се случило нешто, а понекогаш и да ги сподели радостите со нив. На учениците во централното основно училиште „Славко Лумбарковски“ во Новаци не им предаваше, но им беше омилен педагог. Благодарение на него, децата го чувствуваа училиштето како втор дом. Деновиве, по работен стаж од 40 години, во пензија замина педагогот и магистер по педагошки науки од областа на методиките Пецо Ројковски од Битола.
Неодамна се пензионира, а учениците веќе го бараат да се врати назад
-Само што се пензионирав, уште истиот ден почнав да добивам пораки од учениците. „Наставниче, така ме нарекуваа, каде заминавте, наставниците почнуваа да нѐ караат“. Ми пишуваат постојано на социјалните мрежи. Се грижев за нив кога имаа некој проблем, некогаш ќе ме замолеа да им одложам некој тест или испитување, но тоа да биде со оправдана, вистинска причина. Посредував меѓу наставниците и учениците. Но, и помеѓу наставниците и родителите. Понекогаш ќе дојдеа родители и ќе речеа: „Ќе му кажам јас на наставникот, ми го карал детето или му пишал слаба оценка“. Ќе ги посоветував, им велев „ќе средиме, полека“ и сѐ се решаваше без конфликти - вели Ројковски.
Во училиштето се вработил во далечната 1985 година, прво како воспитувач во забавишна група, а потоа бил избран за педагог. Ројковски завршил Филозофски факултет, група педагогија, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а потоа и постдипломски студии на Педагошкиот факултет во Битола. Автор е на над 25 труда, од кои дел со импакт-фактор, и коавтор на повеќе стручни трудови објавени во стручни списанија од областа на педагогијата. Иако имал понуди и можности да работи во училиштата во Битола, каде што живее, па дури и да биде директор, останал целиот работен век во училиштето во Новаци.
-Никогаш не сум барал да ме префрлат на друго место или во градот. Се пронајдов во работата во тоа училиште. Имав доста шанси да одам во град, ми беше нудено да бидам директор на многу училишта, но јас не сакав. Бев посветен на мојата работа и на учениците - вели педагогот.
Стотици ученици запишал во прво одделение
Учениците кои некогаш учеле во ова школо велат дека го паметат како наставникот кој ги запишал во прво одделение. Тој со години бил нераскинлив дел од училишната комисија која ги спроведувала уписите во училиштето. Учествувал во запишувањето на море ученици, со оглед на тоа дека во школото помина како педагог повеќе од 30 години. Секоја година запишувале по 30 ученици, но во последните години бројот се намалил поради намалениот наталитет и иселувањето во странство. Тој е и еден од креаторите на евидентните листови кои се користат за уписи во битолските училишта.
-Порано при уписот на учениците во прво одделение имаше стандардизиран тест со бодови. Но, со воведувањето на Кембриџ-програмата тој се укина и се дадоа само упатства како да се запишуваат и што да се следи кај учениците. Тогаш како ентузијасти, секцијата на училишни педагози која функционираше во Битола, изнајдовме контакти со други колеги од поранешните југословенски републики. Оттаму презедовме делови и ги приспособивме за наши услови. И денес уписите ги вршат со тие евидентни листови во Битола - додава Ројковски.
Најдобрите образовани концепти, за жал, повеќе не се користат
Во текот на неговиот работен век памети дека се спровеле четири до пет реформи во образованието. Лично тој, а и заедно со колегите од школото правеле анализи за тоа која реформа какви резултати дала.
-Едни од најдобрите беа „Чекор по чекор“ и „Активна настава - интерактивно учење“. Во целокупната работа во основното образование овие два проекта, споредено со другите, во анализите покажаа најдобар резултат, но за жал, се напуштија. Кембриџ како програма е добра, но не е приспособена за наши услови. Со новата концепција учениците психофизички и психомоторно не се способни да ја следат наставата. Тоа се должи на раниот упис во прво одделение и наставните програми. Во однос на совладаноста на читањето и математичката писменост, последните 7 години, со воведувањето на овој проект, учениците премногу заостануваат. Тие анализи ги правев последните години, но нема каде да ги објавам. Стручните списанија „Воспитни крстопати“ и „Просветен работник“ престанаа да излегуваат - вели Ројковски.
Смета дека во измените на концепцијата што се најавуваат треба да се вклучат искусни просветни работници и да се изнајде нова стратегија за иднина на образованието. Тоа би можело да биде комбинација помеѓу „Активната настава - интерактивно учење“ и Кембриџ-програмата.
- Последниве години учениците заостануваат во читањето, во совладувањето на буквите. Во наставата по македонски јазик има почетно читање и пишување, со новата наставна програма, но не се почитува тоа. Учениците во прво одделение веднаш ги тераме да пишуваат бројки и букви. Тоа значи дека таа методика не се почитува, па затоа децата ни остануваат слаби во сите истражувања по мајчин јазик - додава педагогот.
До воведувањето на програмата „Активна настава - интерактивно учење“, вели дека во руралната средина каде што работел можеле на прсти да се избројат интелектуалците. Но, со овој проект и „Чекор по чекор“, како и со отворањето на новите факултети во градовите од внатрешноста, над 80 проценти од учениците завршиле факултет. Но, последните десет години процентот опадна.
Беше еден од пионерите на концептот за инклузија во образованието
Ројковски беше и еден од пионерите на концептот за инклузија на децата со попречености во редовните училишта. Но, вели дека стратегијата донесена пред повеќе години предвидуваше да останат специјалните училишта, а децата кои навистина имаа капацитет да бидат вклучени во редовната настава. „Сега сите се вклучени во редовната настава и многу тешко оди бидејќи се јавуваат најразлични спектри на попреченост, а немаме услови“, вели тој.
За време на неговото работење во училиштето „Славко Лумбарковски“ во Новаци, тоа добивало најсолидни оцени на интегралните инспекции од Државниот просветен инспекторат. Училиштето, иако во рурална средина, има подобар рејтинг од половината од училиштата во градовите. Досега не се случил никаков инцидент.
-За еден педагог да биде успешен, потребни се посветеност и работа, познавање и следење на децата и соработка со нив. Тие да го почувствуваат училиштето како втор дом. Потребни се разговори со учениците, да ве чувствуваат како блиска личност, а не надмен авторитет, но и да веруваат во вашите способности дека ќе им помогнете. Тоа значи доверба - заклучува Ројковски.
Фото: приватна архива