Дипломирал со просек 10, а бил одбиен од МВР. Министерството тврди: успехот не е предуслов за работа

Дипломирал со просек 10, а бил одбиен од МВР. Министерството тврди: успехот не е предуслов за работа

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Браими лани беше прогласен за еден од најуспешните студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој дипломира со највисок просек на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје, на насоката мир

Ерблин Браими, кој лани дипломирал со просек 10 на Факултетот за безбедност, одбрана и мир, вели дека иако имал највисок можен просек на последниот конкурс на Министерството за внатрешни работи, не бил вработен. Од МВР одговараат: бодирањето на кандидатите не се врши според просекот што секој кандидат поединечно го имал и го стекнал во своето образование и не е предуслов за засновање работен однос во Министерството за внатрешни работи.


Ерблин Браими

Браими лани беше прогласен за еден од најуспешните студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој дипломира со највисок просек на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје на насоката мир. Тој се обрати до редакцијата на Факултети.мк и објасни дека се пријавил на последниот оглас на МВР за една од 39. позиции - извршител со завршен Факултет од областа на безбедноста.

- Поттик ми беше успехот што го постигнав во текот на студирањето и ветувањата на премиерот и претседателот дека најуспешните студенти ќе се вработуваат во најбрз можен рок. И покрај сите овие ветувања, многу сум разочаран од последниот конкурс на МВР. Ги исполнував сите потребни услови, со 240 ЕКТС кредити, со документ за неосудуваност, за познавање странски јазик и со над десет дипломи за учество на семинари надвор од државата. Бев повикан на интервју, но не добив вработување. За овие неправилности барам максимална одговорност од оценувачите. Немам коментар, освен тоа дека сум длабоко разочаран - вели Браими.

Дел од постигнатиот успех на Браими

Од Одделот за односи со јавноста и стратешки прашања при ресорното министерство ни одговорија дека селекцијата на кандидатите е извршена согласно Правилникот за начинот на селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во МВР, каде што е утврдено дека селекцијата на кандидатите се спроведува во фази утврдени со Закон и со Правилникот.

- И тоа: административна селекција, писмено тестирање (стручен испит), психолошко тестирање, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи за проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. Во тој контекст, со одредбите од Правилникот е утврдено и дека при спроведување на секоја фаза од селекцијата се бодираат постигнатите резултати на кандидатите во секоја фаза поединечно, освен при административната селекција, безбедносната проверка и здравствените прегледи за проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. За резултати од писмено тестирање (стручен испит) се добиваат 20 бода, за резултати од психолошки тест – 40 бода и за резултати од интервју – 20 бода. Оттука, бодирањето на кандидатите не се врши според просекот што секој кандидат поединечно го имал и го стекнал во своето образование, и како таков не е предуслов за засновање работен однос во Министерството за внатрешни работи - велат од МВР.