Вештачка интелигенција прави лекови, ќе ги тестира на луѓе
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Вештачката интелигенција (АИ) почнува да произведува лекови за масовна употреба. Британскиот стартап „Ексшиенча“ е заслужен за развој на лек кој ќе биде тестиран на луѓе.
Со помош на јапонската компанија „Сумитомо Даинипон фарма“, вештачката интелигенција направила лек наменет за пациенти со опсесивно-компулсивно нарушување.
Вообичаениот развој на лековите од почетокот на истражувањето до тестирањето на пациентите трае пет години, но вештачката интелигенција ја завршила работата за само 12 месеци.
Досега АИ само дијагностицираше болести и анализираше податоци и снимки на скенер, но сега почнува и да прави лекови.
Молекулот DSP-1181, кој се користи во првиот лек на АИ, настанал со користење алгоритми кои пребарувале голема база на соединенија и ги споредувале со масовна база на податоци со различни параметри.
За да биде пронајден вистинскиот молекул, потребно е да се донесат милијарда одлуки, многу е тешко да се пронајде она што е потребно и да се донесе правилната одлука, велат
експертите.
Стартапот веќе работи на потенцијални лекови за кардиоваскуларни болести и рак и се надева дека до крајот на годината ќе има подготвено уште еден молекул што ќе може да се примени, односно тестира на луѓе.
Истовремено, вештачката интелигенција на канадската компанија „Блудот“ е базирана на алгоритам кој пребарува платформи како странски вести, мрежи за болести на билки и животни и официјални соопштенија за потоа да донесе своја процена.
Така, оваа компанија уште на 31 декември минатата година ги предупреди своите клиенти да избегнуваат места како Вухан, каде што сега има епидемија на коронавирусот. Тоа е десет дена пред истото да го направи Светската здравствена организација.