Како да го следите во живо пристигнувањето на леталото на ОАЕ на Марс?

Како да го следите во живо пристигнувањето на леталото на ОАЕ на Марс?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Првата мисија на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) речиси е подготвена за средба со Црвената Планета. Мисијата позната како „Надеж“ ќе влезе во орбитата на Марс на 9 февруари.

Мисијата е една од трите што треба да стигнат до Марс месецов. Мисија до оваа планета испратија и НАСА и Кина. „Надеж“ ќе ја истражува планетата од орбитата, додека кинеската и американската мисија вклучуваат и слетување на Марс.


Вселенската агенција на ОАЕ во живо ќе го пренесува пристигнувањето на „Надеж“ на својата веб-страница. Преносот почнува во 16:30 часот, а може да го следите ОВДЕ.

Со оваа мисија ОАЕ ќе стане петтата земја во историјата што стигнала до Црвената Планета. Мисијата треба да направи прва комплетна слика од атмосферата на Марс и да испрати повеќе информации за временските услови.

Што ќе се случува на 9 февруари?

Околу 30 минути пред да пристигне на Марс, леталото ќе забави од 75.185 милји на час на 11.184 милји на час. Мисијата ќе може самостојно да реагира на некои од можните проблеми. По пристигнувањето, мисијата ќе воспостави контакт со Земјата преку станицата во Шпанија. Сигналот ќе доцни околу 10 минути.


Откако гравитацијата на Марс ќе го зароби леталото, тоа ќе влезе во орбитата околу планетата. „Надеж“ ќе прави еден круг околу Марс за околу 40 часа. Леталото ќе почне да испраќа фотографии од Марс кога ќе се случи ова.

„Надеж“ ќе остане во оваа фаза до средината на мај, кога од Земјата ќе се испратат команди до леталото за да ги тестира неговите инструменти, а потоа тие ќе почнат да забележуваат научни податоци за Марс. Во овој период „Надеж“ ќе прави круг околу планетата за 55 часа.

Се очекува мисијата да трае две години, а можеби и ќе се продолжи на три.

Автор: Ешли Стрикленд
Извор: cnn.com
Фото: Pixabay