Ботаничката градина - можност за студентите да навлезат во светот на растенијата
Градината е сместена на 14 хектари, а дендропаркот (парк на дрвјата), кој има површина од околу 11 хектари, е претставен со околу 400 растенија од различни делови и континенти на светот. Располагаме со затворен застаклен простор од 120 m2, во кои се сместени над 500 различни растенија од пустински, тропски и суптропски подрачја, вели Цветанка Цветкоска, биолог и дел од тимот на Ботаничката градина при ПМФ
Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет прослави 70 години постоење. Градината зафаќа простор со површина од 14 хектари. Еден од најзначајните е објектот за аклиматизација, одгледување и репродукција на ендемични, реликтни, ретки и лековити растенија од флората на Македонија. Во 2006 година е оформено систематско поле, кое е во функција на проектот за зачувување и одржливо користење растителни генетски ресурси. Ботаничката градина претставува единствен објект од ваков вид во градот Скопје и во Македонија. Со својата дејност и местоположба таа постепено прераснува во значајна институција од наставно-научен, едукативен, културен и рекреативен карактер, која со почит и задоволство е посетувана од голем број вљубеници во природата, студенти, ученици, ботаничари...
За ова разговаравме со Цветанка Цветкоска, биолог и дел од тимот на Ботаничката градина.
Како еволуира Ботаничката градина од 1951 досега?
- Нашата ботаничка приказна започнува во 1948 година, кога Управата на Град Скопје отстапила простор од 14 хектари наменет за Ботаничката градина. Неколку години подоцна, во 1951 година била официјално изградена и пуштена во употреба во рамките на Природно-математичкиот факултет. При нејзиното формирање биле консултирани врвни познавачи за уредување на ботанички градини, така што таа за релативно краток период почнала да прераснува во објект со препознатлива физиономија. Меѓутоа, и покрај тоа што во изминатиот период од своето постоење Ботаничката градина опстојувала, а луѓето задолжени за неа успевале да ги извршуваат поставените задачи, во поново време е соочена со значајни проблеми, пред сѐ, недостиг на финансиски и човечки ресурси.
Согледувајќи ја ситуацијата со Ботаничката градина, а истовремено свесни за нејзиното огромно значење, група професори, соработници и студенти од Институтот за биологија со голем ентузијазам започнаа да се залагаат да ѝ го вратат некогашниот сјај. Во период од 2017 до 2021 година, со помош на проекти финансирани од странски фондови и донации од амбасади и приватни компании, беа реконструирани стакленикот и управната зграда на Ботаничката градина, објектот за аклиматизација на ретки и ендемични растенија и малиот стакленик. Дополнително беше изградена и летна училница за воннаставни едукативни активности, а во тек е изградба на објект за лековити, зачински и ароматични растенија.
Од каква важност е оваа градина за студентите и за ПМФ?
- Уште од формирањето Ботаничката градина има функција да го обезбедува Институтот за биологија при ПМФ со материјали за реализација на практичната настава од различни ботанички дисциплини (ботаника, систематика на растенија, екологија на растенија, физиологија на растенија и сл.). На овој начин студентите можат подетално да навлезат во светот на растенијата.
Со реконструкцијата на објектот за ретки и ендемични растенија, минатата година студентите имаа можност да бидат вклучени во пренесување ретки и ендемични растенија од Националниот парк Галичица. Оваа активност ќе продолжи во иднина, особено за студентите на наставна насока по биологија и екологија.
Објектот за лековити, зачински и ароматични растенија, меѓу другото, ќе биде и во функција за едукација и практична настава за студентите од насоката нутриционизам каде што на самото место ќе можат да се запознаат со растенијата кои секојдневно ги користиме во исхраната.
Со што е богата Ботаничката градина... какви видови се дел од нејзиниот биолошки фонд?
- Нашиот дендропарк (парк на дрвјата), кој има површина од околу 11 хектари, е претставен со околу 400 растенија од различни делови и континенти на светот. Располагаме со затворен простор организиран во два стакленици со вкупна површина од 120 m2, во кои се сместени над 500 различни растенија од пустински, тропски и суптропски подрачја. Во објектот за аклиматизација на ретки и ендемични растенија имаме околу 50 различни видови од Галичица, Пелистер, Јабланица и Козјак.
Која е главната задача на Ботаничката градина и за какви се цели се користи?
- Ботаничката градина почна да учествува во зајакнување на свеста кај младите со реализирање тематски работилници наменети за различни возрасни групи. Таа постепено ја враќа и една од најзначајните функции - зачувување на македонската флора преку чување живи единки во објектот за аклиматизација на ретки и ендемични растенија, како и преку воспоставување и возобновување на семенската збирка.
Во фаза е реализирање на проектот кој е финансиран од ГЕФ ПМГ во кој ќе се изгради објект за лековити, зачински и ароматични растенија и оранжерии за одгледување на различни култури. Во одгледувањето на растенијата ќе биде вклучено и локалното население, ученици, студенти и сите заинтересирани.
Кои се најстарите видови во градината?
- Во Ботаничката градина голем дел од дрвенестите видови во паркот се засадени при самото формирање. Меѓу претставниците на дендрофлората се наоѓаат и живите фосили кои претставуваат организми од минатите геолошки времиња. На пример, гинкото како вид е старо околу 250 милиони години, а метасеквојата - 150 милиони години.
Кои растенија најтешко се приспособуваат на нашите климатски услови?
- За претставниците од тропските, суптропските и пустинските краеви, потребно е да се обезбедат специфични климатски и педолошки услови.
Кои се Вашите планови, проекти за иднина... Во која насока претендирате да се развива Ботаничката градина?
- Ботаничката градина е катче кое е важно обележје за секој главен град и треба соодветно да се негува и одржува. Се надеваме дека во иднина Ботаничката градина ќе се развие и ќе стане важен туристичко-рекреативен, едукативен и заштитарски центар со кој нашата земја ќе се гордее.
Фото: Мартин Трпевски, лаборант во Ботаничката градина.