Кашмирот и климатските промени се закана за номадскиот живот во Монголија

Кашмирот и климатските промени се закана за номадскиот живот во Монголија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Огромните пасишта на Монголија опфаќаат околу три четвртини од земјата, каде што номадските овчари одржуваат вековна традиција. Но, овој свет се менува прилично брзо. Околу 70 отсто од ова некогаш зелено земјиште сега се оштетени, главно поради прекумерното пасење. Главни виновници се околу 27 милиони кашмирски кози, кои се одгледуваат поради нивната високо ценета волна.

За разлика од преостанатите 31 милион овци во земјата, кашмирските кози копаат и ги јадат корените на тревата, па многу е потешко таа да порасне. На тоа додајте ги климатските промени - Обединетите нации предупредуваат дека четвртина од пасиштата на Монголија сега се претворија во пустина. Нацијата е особено ранлива на зголемувањето на температурите, со пораст од 2 степени во последните 70 години, повисок од светскиот просек.

- Се сеќавам дека кога бев дете, тревите растеа повисоко и имавме повеќе дождови - вели Батмунк, овчар од провинцијата Дорнод. Тој се грижи за 1.000 животни, од кои 300 се кашмирски кози.

Уште од мировниот премин на Монголија од комунизам во демократија во 1990 година, бројот на кози во земјата пораснал. Помеѓу 1999 и 2019 година бројките се зголемиле за речиси четири пати - од 7 милиони на 27 милиони. Нив ги чуваат 1,2 милион номадски овчари, што е околу 40 отсто од населението во земјата.

Некогаш редок луксуз, модерните предмети направени од кашмир сега постојано се достапни низ многу продавници. Со растењето на глобалните цени за над 60 отсто во споредба со 80-тите години, светскиот пазар на кашмир беше проценет на 2,5 милијарди долари во 2018 година. Предвидено е да достигне 3,5 милијарди долари до крајот на 2025 година.

1
Фото: Pixabay

Монголија е втор по големина светски производител на суров кашмир, по Кина, со околу една петтина од глобалното снабдување.

Но, иако Монголија се смета дека има најквалитетен кашмир, голем дел од него завршува во Кина, каде што се меша со кинеска волна.

- Жално е тоа што нашиот кашмир не може да се продава на глобалниот пазар како монголски кашмир. Што и да произведеме, во Кина се меша со другите кашмири - вели Батмунк.

Околу 90 отсто од монголските производи на кашмир моментално им се продаваат на кинеските брокери, кои обично им ги продаваат на кинеските компании за преработка.

Надежта и на монголската влада и на ОН е дека прекумерното пасење ќе се намали, а цените ќе се зголемат со воведување две иницијативи. Првата е со воведување нов систем на следење, а втората е со отворање повеќе фабрики во Улан Батор, кои ќе можат да ја извршат целата преработка, така што готовата волна ќе може да се продава со назнака „направено во Монголија“.

За подобро да ја следи волната, Батмунк сега е вклучен во пилот-иницијатива што користи блокчејн-технологија за да го следи кашмирот од козите до новите објекти за преработка. Апликацијата била создадена од „Конверџенс Тех“, која работи со ОН во три провинции во Североисточна Монголија. Идејата е да се ограничи производството во области каде што има прекумерно пасење.

Д-р Трој Стернберг, експерт за Монголија од Училиштето за географија и животна средина на Универзитетот „Оксфорд“, вели дека би било корисно ако големите модни брендови повеќе се залагаат за промовирање еколошки кашмир.

- Ако брендовите работат понапорно за да воспостават квалитетен монголски кашмир, тоа навистина би влијаело и врз овчарите и врз пасиштата - вели тој.

Батмунк се надева дека двете иницијативи ќе бидат успешни и покрај проблемот со климатските промени.

- Како номади, ние многу зависиме од природата - вели тој.

Тековниот недостиг на трева значи дека тој мора да купи повеќе сточна храна за своите кози. Тој не е оптимист за иднината на индустријата во Монголија. Пожешкото време значи дека козите произведуваат волна со помал квалитет бидејќи им растат помали влакна, па затоа што не им е потребно многу крзно за да се греат во текот на зимските месеци.

- Се обидувам да ги школувам децата со парите што ги заработувам од продажбата на кашмир. Тешко ми е што знам дека нашето знаење и наследството од нашите предци ќе умрат со нас. Од друга страна, не сакам да ги оставам моите деца на ризик и неизвесност - вели тој.

Извор: BBC