Корените на Меѓународниот ден на жената се многу порадикални

Корените на Меѓународниот ден на жената се многу порадикални

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Меѓународниот ден на жената, 8 Март, има многу порадикални корени отколку што можете да замислите.

Пред повеќе од еден век празникот бил создаден од лидерите на социјалистичкото движење кои барале еднаквост на жените.

Во 1909 година работничкото движење на САД и притисокот за избирачко право на жените станаа прилично жешка тема. Руската имигрантка, организаторка на работниците и новинарка - Тереза Малкил била дел од женскиот комитет на Социјалистичката партија на Америка. Замислувајќи поактивна улога на жените во рамките на движењето, таа го прогласила 23 февруари 1909 година за Национален ден на жената. Социјалистите на Њујорк го прославиле денот со средба на која учествувале околу 2.000 луѓе на Менхетн.

- Ова е првиот чекор до нашиот национален ден на жената - се сеќава активистката Мета Л. Стерн три години подоцна.

- Тој се покажа толку успешен, што Денот на жената стана генерално прифатен како годишен празник за социјалистите. Заедно со 1 Мај, празникот се залагал за нови надежи и нови идеали; укинување на ропските плати и сексуалното ропство; доаѓање на послободна, подобра и посреќна машкост и женственост.

Празникот за брзо време ја зафати имагинацијата на социјалистите во Европа. По предлог на организаторката Клара Цеткин, Европејците го прославиле првиот Меѓународен ден на жената. Наместо датум во февруари, тие го избрале 8 март 1911 година: 40-годишнината од париската комуна, револуционерната социјалистичка влада која кратко време владеела со Франција. Жените ја одбележале оваа пригода со марш и говори.

Како што минувале годините, празникот станал моќен начин жените да бидат слушнати и да протестираат за Првата светска војна. Како што објаснува историчарката Тема Капла, учесниците во воените комеморации на празникот на јавноста ѝ ги прогласиле своите права како сопруги и мајки или како домаќинки да интервенираат таму каде што вообичаените политички лидери се чинеле некомпетентни.

8
Фото: Pixabay

Во март 1917 година славењето на Меѓународниот ден на жената предизвикало револуција. Кога десетици илјади жени се собрале во Петроград, Русија, за да го одбележат празникот и да бараат да ѝ се стави крај на Првата светска војна, како и да протестираат поради недостигот на храна - демонстрациите се претвориле во масовен штрајк. Во период од неколку часа 100.000 работници, вклучувајќи и мажи, ги напуштиле своите работни места за да им се придружат на демонстрантите.

Движењето се зголемило на 150.000 штрајкувачи во рок од неколку дена. На крајот, дури и руската армија им се придружила, повлекувајќи ја поддршката од царот Николај. Тоа било почетокот на Руската револуција.

По Втората светска војна празникот изгубил голем дел од своите здруженија поради социјализмот и радикалната политика. Како што женското ослободително движење го зафатило светот во текот на 70-тите години, Обединетите нации ја одбележаа 1975 година како Меѓународна година на жената и првпат го прославија празникот. Две години подоцна, во 1977 година, го прогласија 8 Март како Меѓународен ден на жената.

Денес празникот се слави низ целиот свет со букети цвеќиња кои мажите им ги даваат на жените. Овој празник е национален празник во 27 земји.

Годинава одбележувањето слави „генерација на еднаквост“ и ја продолжува континуираната борба за еднакви права на жените.

- Немаме еднаков свет во моментот и жените се лути и загрижени за иднината. Нетрпеливоста е длабока и расте со години. Иако сме радикално нестрпливи, не се откажуваме и се надеваме - изјави извршната директорка на ОН, Фумзиле Мламбо-Нгкука.

Извор: National Geographic