Хитлер маскиран: Фотографии од американските разузнавачки служби со неговиот изменет лик

Хитлер маскиран: Фотографии од американските разузнавачки служби со неговиот изменет лик

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кон крајот на Втората светска војна американските разузнавачи се плашеле дека германскиот диктатор ќе избега од Германија со претпоставка дека ќе го промени изгледот и ќе се маскира. До 1944 година светот го идентификувал Хитлер главно според неговиот заштитен знак - мустаќите и мрсната коса залижана настрана, па било наредено да се клонира неговиот портрет.

Канцеларијата за стратешки услуги (ОСС), рана верзија на ЦИА основана за време на Втората светска војна, го замолила Еди Сенц, шминкер од Њујорк, да ги произведе изменетите портрети по Денот Д, 6 јуни 1944 година. И покрај стравувањата дека Хитлер би се обидел да побегне од Германија, портретите никогаш не биле потребни.

Сепак, сликите на Сенц од Хитлер биле раширени до сојузничките команданти за време на војната, но јавноста не ги видела сè до моментот кога германскиот магазин „Шпигел“ не ги открил и објавил во 90-тите години на минатиот век. Подоцна, националните архиви на САД во Вашингтон ги објавиле фотографиите со многу подобра резолуција. Следните слики го прикажуваат Хитлер со изменет изглед.

1

1. Оригиналниот портрет на Хитлер користен за дизајнирање портрети со различен изглед.

2. Избричена брада и мустаќи, различна коса.

3. Брада, очила.

4. Поголеми мустаќи, очила.

5

5. Густа брада и малку мустаќи.

6. Ќелав и целосно избричен.

7. Тенки мустаќи и тркалезни очила со дебел раб.

8. Хитлер за време на Првата светска војна, на 28-годишна возраст.

Во ноември 1944 година еден канадски весник објавил други изменети портрети од Хитлер, дизајнирани од канадски уметник, со наслов: „Дали би го препознале лицето на Фирерот ако тој се наоѓа во Западна Канада?“

hitler
Портретите од канадски весник, 1944 година

На 30 април Хитлер извршил самоубиство заедно со Ева Браун, сопругата со која се оженил претходниот ден. Хитлер се застрелал додека Ева се отрула со цијанид. Неговото тело било пронајдено на 5 мај 1945 година.

Сталин воопшто не ги информирал неговите генерали дека било пронајдено телото на Хитлер, па затоа имало многу шпекулации дека Хитлер избегал. Тврдењата дека Хитлер го инсценирал своето самоубиство и побегнал во Аргентина со Ева Браун, каде што живеел до неговата старост, биле целосно отфрлени.

Извор: Rarehistoricalphotos.com
Фото: Rare historical photos