Честит 8 Март - и по повеќе од 100 години не е постигната еднаквост на жените и мажите

Честит 8 Март - и по повеќе од 100 години не е постигната еднаквост на жените и мажите

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Живееме во држава која има 450.000 граѓани што живеат во сиромаштија, каде што правата на работниците, а особено на работничките во текстилната индустрија се прекршуваат постојано. Вистинските промени најверојатно би настапиле доколку се искоренат партискиот и институционален клиентелизам и корупцијата, смета Јана Коцевска

Јана Коцевска е основач на Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“. Подолг период е посветена на унапредување на женските права, дел е од организаторите на фестивалот „Прво па Женско“, еден од најзначајните феминистички настани кај нас. Се залага за преиспитување и редефинирање на положбата на жените во нашето современо општество, за поттикнување ново промислување на значењето на 8 Mарт – Меѓународниот ден на жената, толкување на феминизмот, забележување на феминистичкото наследство, како и промовирање на женската активна сфера.

Во време кога феминизмот и родовата еднаквост се постојано актуелна тема, се водат битки, се прават напори жената да биде рамноправна во сите сфери... кај нас сѐ уште во пресрет на 8 Март доминираат подароци, специјални понуди за прослави, патувања. Се дистанцираме од главната цел на денот. Еволуираме ли на тема 8 Март?

- Иако родовата еднаквост сѐ почесто се споменува и, како што велите, е актуелна тема и на социјалните мрежи изобилуваат феминистички содржини, сепак, постојат и мизогини, а неретко проследени и со насилен и агресивен тон. Не би рекла дека се прават суштински напори за родова еднаквост и за унапредување на женските права ниту во оние сфери каде што алармантно е потребно да се направат, а тоа се економијата, политиката, здравството и социјалната политика, а да не зборуваме и за други, на пример, образованието, културата, земјоделството... листата е долга. Мислам дека во оваа забелешка се крие и одговорот на вашето прашање, за тоа зошто на „несоодветен начин“ се одбележува овој меѓународен празник за борбата на жените за економска, политичка и социјална еднаквост. Начинот на одбележување на празниците веројатно го отсликува тоа колку малку институциите прават сериозна заложба за промени кон унапредување на добросостојбата на своите граѓанки и граѓани. Од друга страна, можеби и феминистичкото движење не е доволно видливо и влијателно на ова поднебје кое не е сосема отворено кон граѓанските здруженија. На крајот на денот, жените нека си дозволат барем некакво угодување на овој ден, одморајќи се за миг од состојбата на експлоатација и секојдневните предизвици. Сечија борба и форма на отпор се различни.


Јана Коцевска

Иако секоја година се повторува дека 8 Март не е подарена роза, ниту скап парфем, не е Ден на мајката, ниту на понежниот пол, пак тапкаме в место и владее чувство како да не бележиме прогрес на самосвест, самопочит... Како да се подобри иницијативата на Клара Цеткин, која тргна наопаку?

- Живееме во држава која има 450.000 граѓани што живеат во сиромаштија, каде што правата на работниците, а особено на работничките во текстилната индустрија постојано се прекршуваат. Имаме образование каде што учебниците се полни со погрешни информации и дискриминирачки содржини, а наративите во дневнополитичките расправии не резонираат со суштинските потреби за промени. Здравствениот систем одамна е веќе во крах, а заштедите за не дај боже ги полнат буџетите на приватните болници, додека Ромките во Шуто Оризари немаат каде да направат гинеколошки преглед поради отсуството на гинеколог во оваа општина. Особено во последните кризни години во пандемија се зголеми и родовото насилство, кое и онака се случува често во земјава, а мерките што треба да се преземат за неговото спречување никако да се случат. Верувам дека самопочитта и самосвеста ќе настапат откако ќе им се овозможи на жените безбедно секојдневие и живот без страв, достоинствена и независна економска положба, можност за надградување, можност за осознавање на потенцијалот кој жените го имаат во заедницата, а кои се ограничени да го живеат својот живот во својот посакуван капацитет. Денес во Македонија има едвај две градоначалнички и бројот на пратенички во Собранието е едвај 34 проценти, а во новиот владин состав има само три жени. Тоа навистина не ги задоволува потребите да има еднаква репрезентација на родовите во политичкиот живот во државава. Сметам дека е потребно поголемо вклучување на жените во политиката, а дополнително и доколку успеат да препишат од тетратките на Клара Цеткин - познат борец за право на глас и за женските права, и заземат слична политичка позиција - верувам дека јавниот дискурс по прашањето на женските права ќе почне да се менува. Но, вистинските промени најверојатно би настапиле доколку се искорени партискиот и институционален клиентелизам и корупција кои, за жал, не дозволуваат мрднување кон подобро утре дури и во ситуации кога постои политичка волја за тоа.

Што ние како единки, како жени, можеме да направиме за да си го подобриме статусот?

- Повторно ќе кажам дека позицијата на жените и другите обесправени групи во општеството зависат од волјата на носителите на одлуки и економско-политичката состојба. Тоа што жените веќе долго време го прават е градење мрежи на меѓусебна солидарност, неформално образование и со години граделе форми на отпор кои се надвор од јавно видливите обрасци на однесување. Од таквите жени можеме само да учиме и да живееме со малку повеќе емпатија кон оние со кои го делиме јавниот живот.



Колку е среќен 8 Март?

- И по повеќе од 100 години откако се одбележува овој ден, економската, политичката и социјалната еднаквост на жените не е постигната, а би додала и на другите обесправени групи во општеството бидејќи феминистичката заложба за еднаквост ги вклучува и нив, секако. Веќе неколку години по ред женските организации излегуваат на демонстрации во Скопје и во другите градови на овој важен датум и го искажуваат својот став, своите пораки, па и револт за состојбата во однос на овие групи и нивната правна заштита. Колку е среќен 8 Март, секоја жена знае и ќе одговори различно. За некои е доволно розата да биде придружена со парче леб, за други можеби добра забава во кафеана. Во секој случај верувам дека меѓусебната солидарност и разбирање ќе овозможат поле на еманципација и духовна слобода каде што ќе продолжат да се градат наративите на отпорот кон опресирачкото, нехумано и уморно секојдневие. Нека ни е честит 8 Март!

Фото: приватна архива