Ласко Џуровски, типограф: „Потребни се што повеќе проекти кои ќе ги едуцираат најмладите за македонската кирилица“

Ласко Џуровски, типограф: „Потребни се што повеќе проекти кои ќе ги едуцираат најмладите за македонската кирилица“

Подготвил: Сања Јачевска

Потребни се што повеќе проекти кои ќе ги едуцираат најмладите на вистински начин, приспособен на современите услови во кои владее дигиталната технологија. Тоа се обидуваме да го направиме заедно со „Светот на Биби“, тие во својата област преку сите медиуми, а јас во типографијата, особено преку употребата на македонската кирилица, истакнува Ласко

Македонскиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски создаде шест оригинални македонски кирилични фонтови за „Светот на Биби“. Станува збор за „Биби регулар“ , „Биби скрипт регулар“, „Биби болд“, „Биби Боби Регулар“, „Биби скрипт“, „БибиБу регулар“ и „Биби Бу Алтернатив“. Фонтовите се креирани ексклузивно за „Светот на Биби“ и нивните проекти. Како што споделува Ласко, фонтовите се инспирирани од детското пишување, нормално, со акцент на правилните форми на буквите од македонската кирилица, приспособени за употреба на сите медиуми, пред сѐ, дигиталните. Целта на соработката меѓу Џуровски и „Светот на Биби“ е со употребата на овие фонтови во проектите на „Светот на Биби“ децата читајќи да се едуцираат како правилно се пишува со македонска кирилица.
Како што информира тој, фонтовите немаат идеални линии на конструкција, содржат минимален т.н. забавен момент кој ги прави интересни за читање. Спаѓаат во категоријата стеснети (condensed) фонтови и овозможуваат пишување повеќе текст на помал простор. Поддржуваат пишување на македонска, српска и руска кирилица, а бидејќи содржат и латинични карактери, со нив може да се пишува на околу 120 светски јазици - вели Џуровски.

Џуровски е наш реномиран типограф. Неуморен во создавањето кирилични фонтови и речиси единствен во промовирање на македонската кирилица. Еден од неговите значајни фонтови е автентичниот фонт направен според ракописот на Кочо Рацин.

Креиравте фонтови за „Светот на Биби“ со цел основата на децата да биде поткрепена со македонска кирилица... Каков фонт создадовте? Како го опишувате?

- Всушност, не само еден, досега креирав вкупно шест фонта ексклузивно за „Светот на Биби“. Тоа се македонски кирилични фонтови, ги содржат сите карактеристични македонски букви. Целта е иста како и онаа на проектите од „Светот на Биби“ - на интересен и забавен начин, заедно со Биби, визуелно да ги едуцираме младите читатели како точно изгледаат македонските кирилични букви. Фонтовите според изгледот се приспособени на намената за која се користат, но секогаш внимавам на основните форми на македонските букви, едукативниот пристап е на прво место и секоја креирана буква го следи начинот на нејзино правилно пишување според изгледот на македонската кирилица.



Каков проект Ви беше изработката на фонтови за „Светот на Биби“?

- Многу интересен, предизвикувачки. „Светот на Биби“ создава проекти преку кои на непосреден начин се едуцираат децата, тие учат да го гледаат светот преку очите на Биби и нејзините другарчиња, тоа е свет во кој царува другарство, емпатија, хуманост, љубов кон чистата околина, кон природата, кон животните... Токму затоа, фонтовите што ги изработив за „Светот на Биби“ настојував да се вклопат во тој свет, да ги илустрираат зборовите преку нивна визуелна презентација, сосема природно, како да се дел од тој свет. Според реакциите што ги добиваме, се уверив дека успеваме во тоа.



Зошто е важно децата да читаат на македонска кирилица? Да имаат литература достапна на кирилица?

- Многу е важно. Особено сега, во овие турбулентни времиња кога од сите страни се негира она нашето, исконското, македонското, она што го носиме во срцата и душите, она што ни го оставиле нашите баби и дедовци, нашите родители, а тоа е вистината дека ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик, пишуваме на македонска кирилица. Токму затоа, потребни се што повеќе проекти кои ќе ги едуцираат најмладите на вистински начин, приспособен на современите услови во кои владее дигиталната технологија. Тоа се обидуваме да го направиме заедно со „Светот на Биби“, тие во својата област преку сите медиуми, а јас во типографијата, особено преку употребата на македонската кирилица. Кога го кажувам ова, не мислам дека децата треба да се ограничат единствено да употребуваат македонска кирилица, напротив, таа е основата, таа е она што секој Македонец мора да го знае, а сите други писма, кирилични или латинични, треба да се почитуваат, да се учат и соодветно да се користат. Всушност, познавањето на типографијата, уметноста на пишувањето, е светско културно богатство од кое неизоставен дел е македонската кирилица. Зарем можеме да го замислиме светот без букви, без пишување? Затворете ги очите и обидете се да замислите таков свет, не, тоа е невозможно. Затоа е неопходно писмото, нашата кирилица ни овозможува на оригинален начин да ја запишеме нашата историја, да оставиме пишана трага за нашите идни генерации, со наша, автентична македонска кирилица.



Речиси сте единствени што се занимавате со промовирање на македонската кирилица, го имате ли и Вие истото чувство? Дали има интерес од типографите кај нас за промовирање на македонската кирилица?


- За жал, да. Тоа воопшто не ме прави среќен, напротив. Имам изработено многу проекти посветени на македонската кирилица и речиси сите чекаат некаков „вистински“ момент за да бидат промовирани. За да има интерес за типографијата, соодветните институции треба да ѝ го посветат заслуженото внимание на македонската кирилица, која, морам да го кажам тоа, е сосема маргинализирана. Во соседните земји веќе функционираат музеи посветени на кирилицата, а кај нас ако го побарате изгледот на македонската кирилица на пишан документ, како што е ред, тоа се сведува на една страница објавена во Македонскиот правопис на која некои букви се дури и погрешно претставени. Жално. Кај нас воопшто нема интерес за промовирање на македонската кирилица, која е еден од темелите на нашиот идентитет. Повеќе внимание се посветува на македонскиот јазик, што ме тера да се запрашам: Може ли јазикот да постои без писмото? Не! Тоа е невозможно. Сосема е нормално овие два столба, овие сведоци на нашето постоење да егзистираат паралелно и да го добијат заслуженото внимание, како од државата така и од сите нас што ги употребуваме секојдневно. Јас повремено преку социјалните мрежи подарувам мои авторски кирилични фонтови со единствена цел - да ја промовирам македонската кирилица. Всушност, сметам дека тоа е она што треба да го прават државните институции, тука првенствено мислам на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Замислете, на неговата веб-страница нема ниту еден проект посветен на македонската кирилица и нејзиното егзистирање на дигиталните медиуми. Ниту, пак, некаде можете да го најдете визуелно претставен изгледот на македонските кирилични букви класифицирани според категории на фонтови. Би бил многу задоволен ако можат да ме демантираат. Предлагам, и сметам дека би било многу корисно овој Институт да отвори еден специјализиран оддел кој ќе се занимава исклучиво со презентација и промоција на македонското кирилично писмо. Македонската кирилица одамна го заслужува тоа.



Што треба да се преземе за да се стимулира и омасови користењето на кирилицата? Што треба да преземе државата, а што секој поединец?

- Бидејќи државата не прави апсолутно ништо за кирилицата, што било да преземе ќе биде од корист. Еве, на пример, може да се инспирира од проектот кој го направи нашиот сосед Србија, поточно градот Белград, кој неколку години по ред подаруваше професионално изработени кирилични фонтови за празникот на градот, преку кои ја промовираше српската кирилица. Проект достоен за почит кој покажува како треба да се почитува и да се негува сопственото писмо. Што се однесува до поединците, треба да покажеме повеќе почит кон нашата македонска кирилица употребувајќи ги нашите македонски букви, а не бугарски и руски букви кои преку интернет се нудат во фонтови кои се лажно означени како македонски. Инаку, во однос на прашањето што треба да се преземе, изработив проект кој го презентирав на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој се одржа летото 2022 година во Охрид. Проектот го нареков „Македонска кирилица - препораки за нејзина адаптација на современата дигитална технологија“. Тој е дел од поголемиот проект „Македонска глаголица. Македонска кирилица“, кој го работевме заедно со Лазе Трипков и Елка Јачева-Улчар. Мојот проект содржи 4 основни препораки во кои предлагам што треба да направиме за да успее македонската кирилица да го следи напредокот на другите светски писма и успешно да се вклопи во дигиталната технологија. За жал, не добив никаква реакција од овластените институции на Република Македонија. Ниту пак некаков коментар. Повеќе реакции добив од учесниците на школата од странските земји.

Како може да се унапреди кирилицата кога станува збор за фонтови?

- Според мене, кирилицата не треба да се унапредува, таа има сѐ што треба да има секое современо писмо. Македонската кирилица совршено одговара и целосно ја оправдува нејзината намена - пишување на македонски јазик. Единствено што може да се направи е да се создаваат повеќе дигитални фонтови кои ги содржат македонските кирилични букви. Има толку инспиративни примери со македонско писмо насекаде околу нас - натписите на дуќаните, старите книги во библиотеките, старите весници, иконите во црквите... но тоа е инвестиција за која, за жал, никој не е заинтересиран, а најмалку државата и нејзините институции.

Со какви фонтови се изработени учебниците, литературата на македонски, како ги оценувате публикациите... И какви решенија предлагате?

- Со секакви. Чест на исклучоците. Посериозните издавачи внимаваат на типографијата што ја користат во нивните изданија, што е за поздравување, но постојат и многу лоши примери за тоа кој третман го има македонската кирилица во некои изданија (видете ја илустрацијата со примерот за малата буква „б“). Јас предлагам едноставно решение, сите изданија да бидат прегледани и одобрени пред печатење од лектор кој ќе сноси одговорност за својата работа, професионалец кој ја познава типографијата, а особено македонската кирилица и ја гледа со респект кој таа го заслужува.



Имаме ли доволно македонски фонтови, колку се достапни до пошироката популација, има ли интерес за користење од широката маса?

- Никогаш нема доволно фонтови. Тоа е исто како да се запрашаме: Зарем нема доволно книги? Зарем нема доволно снимени филмови? Зарем нема доволно напишани песни? Не, секогаш е потребно нешто ново. Дигиталната типографија има неограничени можности во оваа област. Кај оние дејности во кои типографијата игра значајна улога постои интерес за користење нови фонтови, но нема изграден став кон тоа дека фонтот е интелектуална сопственост која треба да се купи. Ретки се оние што прашуваат: - Ми се допаѓа овој фонт, каде можам да го купам? Многу побројни се тие што прашуваат: - Од каде можам да го преземам овој фонт? :) Тука големо влијание има и заштитата на авторските права за фонтовите, која кај нас воопшто не се почитува. На фонтовите се гледа како на нешто што е сосема нормално да биде бесплатно, чест на исклучоците. Малкумина знаат дека за да се направи една фонт фамилија, која ги содржи сите елементи потребни за комуникација на кирилица и на латиница, сите неопходни стилови, потребни се околу 5 години работа. Сепак, според реакциите што ги добивам на моите објави на социјалните мрежи поврзани со нашата кирилица, работите некако се придвижуваат кон вистинската насока, кирилицата го пронаоѓа својот пат во дигиталната типографија. Единствено што треба е сите ние да ѝ дадеме целосна поддршка за да се избори за своето заслужено место меѓу другите светски писма како рамноправен дел од светското културно богатство.

Насловна фотографија: Жарко Чулиќ