Научниците откриваат како може аспиринот да спречи ширење на некои видови рак
Научниците го откриле механизмот за тоа како аспиринот може да ги намали метастазите на некои видови рак преку стимулирање на имунолошкиот систем.
Во студијата, објавена во „Нејчр“, научниците велат дека откривањето на механизмот ќе ги поддржи тековните клинички испитувања и може да доведе до целна употреба на аспиринот за да се спречи ширењето на подложни видови рак и да се развијат поефикасни лекови за спречување метастазирање на ракот.
Научниците предупредуваат дека кај некои луѓе аспиринот може да има сериозни несакани ефекти и во тек се клинички испитувања за да се утврди како да се користи безбедно и ефикасно за да се спречи ширењето на ракот, така што луѓето треба да се консултираат со својот лекар пред да почнат да го земаат.
Студиите на луѓе со рак претходно забележале дека оние што земаат дневна мала доза на аспирин имаат намалување на ширењето на некои видови рак, како што се ракот на дојката, дебелото црево и на простатата, што доведува до тековни клинички испитувања. Сепак, досега не се знаеше точно како аспиринот може да спречи метастази. Во оваа студија, предводена од истражувачи од Универзитетот „Кембриџ“, научниците велат дека нивното откритие за тоа како аспиринот ги намалува метастазите на ракот било неверојатно.
Тие го истражувале процесот на метастазирање бидејќи 90 отсто од смртните случаи од рак се случуваат кога ракот се шири на други делови од телото. Научниците сакале подобро да разберат како имунолошкиот систем реагира на метастазите, бидејќи кога поединечни канцерогени клетки ќе се одвојат од нивниот првичен тумор и ќе се шират на друг дел од телото, тие се особено ранливи на имунолошкиот напад. Имунолошкиот систем може да ги препознае и да ги убие овие „осамени“ канцерогени клетки поефикасно од клетките на ракот во рамките на поголемите тумори.
Истражувачите претходно испитувале 810 гени кај глувци и откриле 15 кои имаат ефект врз метастазирањето на ракот. Конкретно, тие откриле дека глувците на кои им недостига ген кој произведува протеин наречен „ARHGEF1“ имале помалку метастази на различни примарни видови рак во белите дробови и црниот дроб.
Истражувачите утврдиле дека „ARHGEF1“ потиснува тип на имунолошки клетки наречени Т-клетки, кои можат да препознаат и да убиваат метастатски канцерогени клетки. За да развијат третмани за да го искористат ова откритие, тие требало да најдат начин лековите да го таргетираат. Научниците следеле сигнали во клетката за да утврдат дека „ARHGEF1“ е вклучен кога Т-клетките се изложени на фактор на коагулација наречен тромбоксан „А2 (TXA2)“.
Ова било неочекувано откритие за научниците бидејќи „TXA2“ е веќе добро познат и поврзан со тоа како функционира аспиринот.
„TXA2“ се произведува од тромбоцитите - клетки во крвотокот што помагаат при згрутчувањето на крвта, спречувајќи крвавење на раните, но повремено предизвикувајќи срцев удар и мозочен удар. Аспиринот го намалува производството на „TXA2“, што доведува до ефекти против згрутчување, што е основа на неговата способност да спречи срцев удар и мозочен удар.
Ова ново истражување покажало дека аспиринот го спречува ширењето на ракот со намалување на „TXA2“ и ослободување на Т-клетките од супресија. Тие користеле модел на меланом на глувци за да покажат дека кај глувците на кои им бил даден аспирин, фреквенцијата на метастази била намалена во споредба со контролните глувци, а тоа зависи од ослободувањето на Т-клетките од супресија од „TXA2“.

- Повеќето имунотерапии се развиени за лекување пациенти со воспоставен метастатски карцином, но кога ракот првпат се шири, постои единствен терапевтски прозорец на можности, кога клетките на ракот се особено ранливи на имунолошкиот напад. Се надеваме дека терапии кои го таргетираат овој прозорец на ранливост ќе имаат огромен опсег во спречувањето повторување кај пациенти со ран карцином - истакнал професорот Рахул Ројчудури од Универзитетот „Кембриџ“, кој ја водел студијата.
- Беше момент на „еурека“ кога откривме дека „TXA2“ е молекуларниот сигнал што го активира овој супресивен ефект врз Т-клетките. Пред ова не бевме свесни за импликацијата на нашите наоди во разбирањето на антиметастатската активност на аспиринот. Аспиринот или другите лекови кои би можеле да го таргетираат овој пат се поевтини од терапии базирани на антитела, а со тоа и подостапни на глобално ниво - изјавил д-р Жи Јанг, кој го спровел истражувањето.
Истражувачите планираат да помогнат во преведувањето на нивната работа во потенцијална клиничка практика, во соработка со професорката Рут Ленгли од единицата за клинички испитувања при Универзитетскиот колеџ во Лондон, која го води клиничкото испитување „Ад-Аспирин“, за да откријат дали аспиринот може да го спречи или одложи враќањето на ракот во рана фаза.
- Кај мал дел од луѓето аспиринот може да предизвика сериозни несакани ефекти, вклучително и крвавење или чир на желудникот. Затоа, важно е да се разбере кои луѓе со рак веројатно ќе имаат корист и секогаш треба да разговарате со вашиот лекар пред да започнете со консумација на аспирин - заклучила Ленгли.
Извор: sciencedaily.com
Фото: Freepik