НАСА бара нејзините експерти да помогнат во борбата против пандемијата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
НАСА побара од своите научници да помогнат во борбата против коронавирусот.
Вселенската агенција веќе позајми суперкомпјутери како помош во истражувањата за третманите и вакцините за коронавирусот. Но сега НАСА бара од своите вработени да ги искористат своите вештини и искуства за да пронајдат идеи и начини за справување со коронавирусот, на пример, следење како пандемијата влијае врз општеството и Земјата преку податоците на НАСА, вештачката интелигенција и други алатки.
Исто така, НАСА побара од своите вработени да ја пренасочат нивната техничка експертиза кон други практични предизвици, вклучувајќи го недостигот на лична заштитна опрема за здравствените работници и респираторни машини за оние што се позитивни на Ковид-19.
- Од вработените на НАСА слушнав дека сакаат да помогнат во борбата против Ковид-19. Овие коментари го покажуваат духот на луѓето на НАСА и нивната подготвеност за какви било предизвици - изјави администраторот на
НАСА, Џим Брајденстајн.
Фото: Pixabay
- Како нација што заедно се соочува со оваа криза, мора да ја разгледаме секоја можност во која НАСА може да подаде рака и да го зголеми придонесот - додава тој.
Повикот доаѓа како што земјите од целиот свет се борат со недостиг на заштитна опрема и респираторни машини.
НАСА побара нови начини да се направи заштитна опрема, вклучувајќи и развој на опрема за самостојна дезинфекција. Идеите треба да бидат ефикасни, брзи, лесно имплементирачки и да не влијаат врз филтрацијата и функцијата - се вели во извештајот.
НАСА нагласи слични барања за какви било можни решенија за проблемите со дизајнирање и правење респираторни машини, барајќи фокус на системи со едноставни интерфејси што можат брзо да се произведат. Најдобрите предлози ќе бидат претворени во прототип, одобрени и брзо направени.
Извор:
The Independent