Бесплатен ПАП-тест еднаш на три години: Од МАГО велат дека се препорачува ХПВ-тест, ХПВ-вакцинација и редовни прегледи на гинеколог
Пред неколку месеци Министерството за здравство донесе одлука матичните гинеколози да не прават бесплатен ПАП-тест за жените секоја година, туку на секои три години.
На одлуката бурно реагираа жените, кои по долги години конечно се мотивираа редовно да го практикуваат ПАП-тестот за навремена превенција и реакција. Но реагираа и матичните гинеколози, кои споделија дека често пациентките проблемот и негативните критики ги насочуваат кон нив, а тие само ја спроведуваат одлуката.
- Можеби за некој не е многу скапо да го направи тестот, но има многу жени што навистина не можат да си го дозволат. Бесплатниот ПАП-тест на некој начин беше стимул жените редовно да го прават за навреме да се лоцира проблемот. Сега верувам дека барем половина од жените нема редовно да одат на преглед. Со оваа погрешна одлука, која нѐ враќа чекор назад, Министерството покажува дека не му е грижа за женското здравје - ни сподели Светлана.
Нема потреба од ПАП-тест секоја година
ПАП-тестот е за рана детекција на карцином на грло на матка и важно е секој жена редовно да го прави. Гинеколозите споделија дека многу жени кога ќе се јават да закажат термин за ПАП, откако ќе им кажат дека треба сами да го платат, го откажуваат. И за оваа одлука не биле консултирани, туку само добиле информација.
Оваа одлука е поддржана од Македонското здружение на гинеколози и опстетричари – МАГО. Според нив, одлуката за продолжување на интервалот од еднаш годишно на секои три години се заснова на научни докази и препораки од голем број светски здравствени/стручни организации/здруженија. Причината за промената лежи во тоа што денес подобро го разбираат начинот на кој ракот на грлото на матката се развива со текот на времето - знаат дека се потребни многу години за да се развие. Истражувањата во изминатите децении покажуваат дека нема предност ако се прави годишен ПАП-тест во однос на секои три години.
- Истовремено, покрај ПАП-тестот, денес е достапна уште една скрининг-опција за откривање рак на грлото на матката - ХПВ-тест (ХПВ значи хуман папилома вирус - вирус кој може да предизвика рак на грлото на матката). Со двата теста, се земаат клетки од грлото на матката и се тестираат. ПАП-тестот бара абнормални клетки кои може да се развијат во канцерогени клетки со текот на времето. ХПВ-тестот ги бара видовите ХПВ кои најверојатно предизвикуваат рак. Во многу региони во светот тестирањето за ХПВ стана префериран метод за скрининг на рак на грлото на матката и сѐ повеќе се вклучува во протоколите, особено за лица на возраст од 30 години и постари, поради неговата поголема чувствителност и специфичност во споредба со традиционалниот ПАП-тест. Ова значи дека може попрецизно да ги идентификува пациентките со ризик од развој на рак на грлото на матката и да го намали бројот на лажно-негативни резултати - објаснуваат од МАГО.
Оттаму додаваат дека на меѓународно ниво, СЗО објави ажурирано упатство за скрининг во 2021 година во кое се препорачува скрининг за рак на грлото на матката кај сите жени во општата популација, почнувајќи од 30-годишна возраст, само со ХПВ ДНК-тестирање наместо со ПАП-тест. СЗО препорачува овој скрининг да се врши на секои пет до десет години до 50-годишна возраст, каде што скринингот може да се прекине по два негативни теста во препорачаните интервали за скрининг на општа популација.
- Во нашата држава овој тест е достапен на Универзитетската клиника по гинекологија и акушерство во рамките на ХПВ базиран скрининг - пилот-студија ГАК започна од 2020 година. Цената за еден ХПВ-тест чини 500 денари (5.500 денари приватно) - објаснуваат од МАГО.
Покрај ракот на грлото на матката, ХПВ-тестирањето може да помогне и во откривање и превенција на други видови рак поврзани со ХПВ, како што се аналниот, вагиналниот, вулвата, пенисот и орофарингеалниот карцином. Раното откривање преку ХПВ-тестирање може да ги олесни навремените интервенции и да ги подобри исходите и за овие видови рак, дополнуваат од МАГО.
Се препорачува ХПВ-вакцинација
Денес, вакцинацијата против ХПВ е клучна превентивна мерка против инфекцијата со хуман папилома вирус (ХПВ) бидејќи вакцините за ХПВ се високо ефективни во спречувањето на инфекцијата со ХПВ.
- ХПВ-вакцинацијата обично се препорачува и за момчињата и за девојчињата, почнувајќи од 9 до 12 години, иако може да се администрира до 26-годишна возраст за младите девојки и до 21-годишна возраст за момчињата. Вакцинацијата на помлада возраст се претпочита бидејќи е најефикасна кога се дава пред изложување на вирусот преку сексуална активност. Речиси во сите западноевропски земји се вакцинираат двата пола. Во нашата држава, според законската регулатива, оваа вакцина може да ја примат само девојчињата на 12 години (две дози), на 15 години (3 дози) и на 19 години. Сепак, неопходно е да се забележи дека препораките за скрининг може да варираат во зависност од други фактори - како што се возраста на пациентката и нејзината претходна здравствена историја. Затоа, од клучно значење е секоја девојка и жена да се консултира со својот матичен гинеколог за заедно да го одредат најсоодветниот распоред за скрининг врз основа на специфичните околности - посочуваат од МАГО.
Рутинската посета на матичниот гинеколог е клучна за целокупно здравје
Според гинеколозите од МАГО, без разлика дали треба да направите скрининг за рак на грлото на матката или не, секоја девојка и жена треба да го посети својот матичен гинеколог најмалку еднаш годишно.
- Рутинскиот годишен клинички и ултразвучен преглед е можност за рана детекција на бенигни и малигни промени на другите репродуктивни органи на пациентката (матката, јајчниците, јајцеводите и вагината и вулвата). При рутинскиот годишен преглед може да се направи и тестирање за СПИ (сексуално преносливи инфекции) и да се даде препорака/совет за ХПВ-вакцина. Годишната посета на матичниот гинеколог претставува можност пациентката да ги сподели со матичниот гинеколог вообичаени грижи, како што се долго перзистентната карлична болка или абнормално крвавење, тешкотии при формирањето семејство итн. Рутинската посета на матичниот гинеколог е клучна за целокупно здравје, а скринингот за рак на грлото на матката е само еден мал, но важен дел - подвлекуваат од МАГО.
Основните здравствени услуги што ги обезбедуваат избраните матични гинеколози и се бесплатни се: дијагностички клинички преглед со трансабдоминална или трансвагинална ултразвучна евалуација и земање брис за ПАП-тест. Согласно програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања во Македонија за 2024 година, ПАП-тестот е бесплатен за возрасната група од 21 до 59 години кои во последните 3 години не направиле ПАП-тест.
- За ПАП-тест кој е потребно да се направи еднаш годишно според медицината базирана на докази, партиципација која осигуреното лице треба да ја плати е 60 денари. Доколку ПАП-тестот треба да биде направен приватно, неговата референтна цена според ФЗОРСМ е 600 денари - информираат од МАГО.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, карциномот на грлото на матката e шестиот најчест карцином кај жените во Македонија во последните 10 години, со инциденца од 17.57/100.000 и просек од 51 смртен случај годишно.