Колумна: Прашања за кои не се дискутира

Колумна: Прашања за кои не се дискутира

Во Македонија на националните телевизии, а и на социјалните мрежи, доминираат теми за некоја националистичка провокација, за некое историско прашање, за политички препукувања итн. Дискусии за некои многу поважни и порелевантни прашања речиси и да нема. Такви се прашањата од типот: како македонското општество ќе се адаптира на промените што се случуваат во светски рамки во однос на развојот и напредокот на вештачката интелигенција (ВИ)? Дали треба да дозволиме со нас да владеат алгоритмите на најголемите социјални мрежи? Кој сѐ има пристап до личните информации што ги оставаме на социјалните мрежи и општо на интернет? Дали сме свесни за создавањето на т.н. „surveillance state”? Колку сме запознаени со трансхуманизмот? И уште многу други прашања...

Да почнеме од вештачката интелигенција и нејзината примена. Општопознат факт е дека ВИ веќе го надминува човекот во некои работи и во некои сфери. Ништо ново. Она што може да нѐ загрижува е употребата на ВИ во одредени сфери. Еден класичен пример: модерните камери што се поставени на улиците, освен што снимаат, сега стануваат малку „попаметни“ и самите можат да идентификуваат некој човек врз основа на неговите физички карактеристики, или пак многу лесно можат да идентификуваат некое возило со едноставно брзо скенирање на регистарските таблици. Тоа секако може да се користи за зголемување на безбедноста на граѓаните, но исто така може многу лесно да се искористи и за воспоставување тоталитарен режим во кој секој е следен и набљудуван. Ваков систем на т.н. „surveillance state” веќе е воспоставен во Кина до одреден степен.

Дали безбедноста или слободата е поважна?

Алгоритмите на социјалните мрежи се дизајнирани да привлекуваат што е можно повеќе од нашето внимание, а не да промовираат вистинити или релевантни содржини кои можат да ни бидат од корист. Затоа не случајно има милиони видеа со милиони лајкови, коментари и реакции, а содржината на тие видеа е тотално некорисна и непотребна. На пример, некој инфлуенсер се снима како пробува парче пица. Најчесто ваквите видеа се во многу краток формат и многу лесно се скока од едно на друго и така додека се „освестиме“, сме изгубиле цел час на „безумно“ скролање. Сето ова штетно влијае врз когнитивните способности на човекот. Но, освен врз когнитивниот аспект, алгоритамот може да влијае и врз други аспекти: политички. Имено, одредени информации што ги гледаме на социјалните мрежи можеби ги гледаме поради тоа што армија од ботови го изманипулирале алгоритамот кој сега насекаде ја презентира онаа информација што сака да ја дознаеме оној што ја контролира армијата од ботови. Дали луѓето и владите треба да имаат поголемо влијание во создавањето на алгоритмите на социјалните мрежи?

Трансхуманизмот е уште една многу важна тема која во наредните години веројатно ќе биде главна тема. Моментално е популарна, но не толку за сите да имаат чуено за неа. Кратко кажано, трансхуманизмот се однесува на спој помеѓу човекот и технологијата за да се надминат некои човечки недостатоци, да се излекуваат некои болести или да се стекнат натчовечки способности. Трансхуманистите ги сакаат сите три. Елон Маск веќе има компанија за имплантирање чипови во мозокот, наменети за лица со оштетено здравје, но истите можат да се користат и за надградување на мозокот кај здрави луѓе. Други милијардери масовно инвестираат во бесмртноста. Таков е Брајан Џонсон, кој месечно вложува 2 милиони долари во здравјето и кој си ја има сменето целата плазма на сопствената крв со онаа на син му. Милијардерите како Сем Алтман, Марк Андерсен и Питер Тил заедно со Џонсон, во Хондурас инвестираат во експерименти за создавање технологија за додавање нови гени во човекот за да се забави стареењето. Авторот Јувал Ноа Харари предупредува дека доколку придобивките од трансхуманизмот се нееднакво распределени, тогаш луѓето ќе бидат поделени на две класи: суперлуѓе и обични луѓе, односно првите ќе бидат како боговите од митовите во споредба со вторите - смртниците. Слични размисли споделува и „главниот футурист“ на „Гугл“ - Реј Курзвеил. Дали треба да го прифатиме трансхуманизмот?

Да се навратиме на ВИ. Уредникот на технолошкото списание Wired - Кевин Кели, споделува интересна анегдота од 2002 година со основачот на „Гугл“ – Лери Пејџ. Кевин го прашал Лери зошто неговиот пребарувач е бесплатен за сите, т.е. што ќе постигне со тоа, а Лери му одговорил: „Всушност, создаваме ВИ“. Поинаку кажано, сите информации што ги внесуваме во Гугл одат во некои големи бази на податоци и се користат за создавање супермоќна „сезнаечка“ вештачка интелигенција. Кога сме кај Гугл, во февруари, годинава, Гугл најави дека ќе ја тргне забраната за употреба на ВИ во развој на оружје. Ваквата вест доби многу малку внимание во светски рамки. Дали треба да се забрани употреба на ВИ во создавање оружје, онака како што е забранета употреба на хемиско и биолошко оружје?

ВИ го амплифицира напредокот на сите технологии. Опасностите што произлегуваат од неконтролирана ВИ, кои порано можевме да ги видиме само во некои дистописки научнофантастични филмови, сега можат да станат реалност. Дека во Македонија е потребно да се дискутира на националните телевизии повеќе за ВИ и сите други технологии, говорат илјадниците лајкови и коментари на слики на Фејсбук за поддршка или честитање родендени на невистински луѓе генерирани од ВИ. За крај, повторно да го споменеме Харари кој вели: „За разлика од сите други технологии, ВИ не е алатка, туку агент“.

Автор: Александар Мирчески