Месечината се оддалечува од Земјата: Што значи тоа за иднината на човештвото?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во првите денови на Земјата, кога Месечината само што се појавила, еден ден траел околу пет часа. Но, поради силата на приливот што Месечината го има врз Земјата во текот на последните 4,5 милијарди години, времетраењето на денот се зголемило на 24 часа, онака како што го познаваме денес.
Научниците откриваат дека Месечината многу бавно се оддалечува од Земјата и дека еден ден тоа ќе има влијание врз концептот на време каков што денес го познаваме. Причината за ова оддалечување е поврзана со гравитацијата и со феноменот наречен сила на прилив. Кога гравитацијата на Месечината дејствува врз Земјата, таа предизвикува издигнување на океаните, создавајќи прилив. Меѓутоа, поради ротацијата на Земјата, тоа издигнување не се случува директно под Месечината, туку малку пред неа.
Тоа создава еден вид „гравитациско надмудрување“ и бидејќи издигнувањето е пред Месечината, тоа всушност ја влече напред во нејзината орбита. Поради тоа, Месечината полека се оддалечува со брзина од околу 3,82 сантиметри годишно.
Како резултат на тоа, деновите на Земјата стануваат подолги, за околу 1,7 милисекунди на секои 100 години. Овие прецизни податоци се добиваат благодарение на огледалата кои астронаутите од мисиите „Аполо“ ги оставиле на површината на Месечината. Преку ласерски зраци кои се одбиваат од огледалата, со голема прецизност може да се измери растојанието меѓу Земјата и Месечината.
Иако 3,82 сантиметри не звучат како нешто значајно, ако се земе предвид долгорочното влијание, токму таа мала разлика може сериозно да влијае врз животот на Земјата, предупредува научникот д-р Меги Адерин-Покок.
- На почетоците на Земјата денот траел околу пет часа. Но поради силата на Месечината, денес денот трае 24 часа и ќе продолжи да се зголемува во иднина - објаснува таа и додава дека должината на денот, односно брзината на ротација на планетата, игра клучна улога во нејзината стабилност. Според неа, тоа може да се спореди со чинија што се врти на стап.
- Клучно е чинијата да се врти брзо. Ако забави, паѓа на земја. Слично на тоа, ако ротацијата на Земјата се забави, нашата планета може да почне лесно да се ниша, што би можело да има разорно влијание врз годишните времиња - предупредува Адерин-Покок.
Иако човештвото нема многу причини за страв, таа забележува дека повеќето животни не се толку приспособливи. Доколку дојде до нагли промени поради нестабилност во планетарното движење, многу животни нема да бидат во состојба доволно брзо да еволуираат за да се приспособат, без оглед дали тоа е преку хибернација или миграција на безбедни локации.
Извор:
Vecernji.hr
Фото: Pexels