„Платен одмор“ во име на науката: 5.000 евра за 10 дена лежење на воден кревет!
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Европската вселенска агенција (ЕВА) покрена уникатен истражувачки проект кој нуди 5.000 евра за волонтери подготвени да поминат десет дена лежејќи на воден кревет.
Овој експеримент, познат како „Вивалди III“, има цел да симулира како вселенските летови влијаат врз човечкото тело, што е клучна подготовка за долгорочни мисии на астронаутите.
Истражувањето се спроведува во вселенската клиника „Медес“ во Тулуз, Франција, како дел од кампањата „Вивалди III“ на ЕВА. Волонтерите ќе бидат сместени во контејнери полни со вода, што ќе создаде услови слични на бестежинската состојба на Меѓународната вселенска станица. Тие ќе бидат потопени во вода до ниво на телото, додека главата и рацете ќе останат над површината, што ќе предизвика чувство како да лебдат во вселената.
Експериментот трае 10 дена, по што следуваат дополнителни мерења за следење на ефектите од бестежинската состојба и процесот на закрепнување, кој трае пет дена. Потоа, волонтерите ќе имаат контролна посета за следење на долгорочните последици.
Целта на ова истражување не е само тестирање на издржливоста на волонтерите, туку и разбирање на физиолошките реакции на човечкото тело во услови на вселенско патување. ЕВА настојува да открие како се адаптира организмот на бестежинската состојба и како да се ублажат негативните ефекти врз астронаутите.
Резултатите од ова истражување ќе помогнат во развојот на превентивни мерки за зачувување на здравјето на астронаутите за време на вселенските мисии. Исто така, експериментот ќе придонесе за севкупниот напредок на вселенските истражувања, овозможувајќи подобро разбирање на влијанието на продолжената бестежинска состојба врз мускулната сила, густината на коските и кардиоваскуларното здравје.
Истражувањето е насочено кон машки волонтери на возраст од 20 до 40 години кои исполнуваат одредени физички критериуми, како висина од 1,65 до 1,80 метри и индекс на телесна маса (BMI) помеѓу 20 и 26. Волонтерите не смеат да имаат алергии или посебни прехранбени ограничувања. Регрутацијата за „Вивалди III“ започна минатата година, а може да учествуваат само оние што ги исполнуваат овие специфични услови.
Иако звучи необично, податоците собрани од овој експеримент ќе бидат од клучно значење за подготовка на астронаутите за долгорочни вселенски мисии, вклучувајќи ги и оние на Месечината, Марс и пошироко.
Извор:
Klix.ba
Фото: Twitter