Да ѝ погледнеме на депресијата в очи, вели психијатарот Милијана Кацарска

Да ѝ погледнеме на депресијата в очи, вели психијатарот Милијана Кацарска

Можете да чувствувате душевен мамурлак, душевна потиштеност. Може да кажете: „Ми се гади од сè и сешто, сè гледам црно“ или да помислите животот е никаков, безвреден. Може да ви се крши срцето, да се чувствувате обесхрабрени, неутешни, безволни. Може да се чувствувате заситени од животот, да чувствувате јад, тага, болка, песимизам и плачливост...

Автор: д-р Милијана Кацарска, психијатар, сертифициран за РЕБТерапија



Зошто милиони работници често се чувствуваат потиштени, уморни, очајни, апатични, безволни, депресивни? Што ги предизвикува нивните стравови, несоници, што ја намалува нивната животна енергија?
Зошто толку многу домаќинки страдаат од разновидни тегоби од психо-соматска природа?
Зошто и покрај модерните училишта и напредната педагогија, има самоубиства кај учениците и студентите?
Како тоа и пензионерите опкружени со своите семејства и внуци се чувствуваат неутешни, безнадежни, огорчени, очајни?
Одговорот до некаде би бил современиот начин на живот ја „загадува“ не само околината, туку и нашата психа, во една рака...
Резултатот е болест на денешницата со милиони, милиони загрозени - депресија.

Депресија, обележје, збор од кој многумина се плашат и не ни посакуваат да го слушнат, ниту да го изговорат. Зошто е така? Дали тоа сè уште е табу-тема на нашето време и општество, дали менталните болести ги „заобиколуваме“ мислејќи дека на тој начин тие нас ќе нè заобиколат!?

Да ѝ погледнеме на депресијата в очи.

Можете да чувствувате душевен мамурлак, душевна потиштеност. Може да кажете: „Ми се гади од сè и сешто, сè гледам црно“, или да помислите животот е никаков, безвреден. Може да ви се крши срцето, да се чувствувате обесхрабрени, неутешни, безволни. Може да се чувствувате заситени од животот, да чувствувате јад, тага, болка, песимизам и плачливост...
Добро што јазикот ни е толку богат со вакви изрази, па донекаде да ги опишат различните состојби и чувства, различни по тежина и вид, што ги чувствува депресивниот човек.
Впрочем, зборот кој во поновото време ги соединува, содржи сите овие чувства е депресија. И повторно не треба да се плашиме од овој збор, туку да пробаме да го разбереме, разобличиме и на крај да го совладаме.

Депресијата може да се појави дури и без чувство на тага, болка, безволност. Може да станува збор за депресија и тогаш кога некој се чувствува уморен, исцрпен или верува дека има болно срце.
Депресијата има многу лица, голем дел од нив не можат ни да се препознаат. Многу често е замаскирана и се издава по нешто сосема друго.
Би било згодно да утврдиме дали сме предиспонирани, т.е. склони кон депресија затоа што неретко депресивните болни се прашуваат дали е тоа болест што ги мачи или се такви какви што се всушност карактерно и по темперамент. Од голема помош во лекувањето на депресивниот болен би било откривањето што е депресија, а што всушност е неговиот селф.
Депресивните пациенти, како преморбидно така и по излекувањето, битно се разликуваат по своите ментални модели, когнитивните способности, проактивноста или реактивноста, импулсивноста, социјабилноста, афилијативноста, емпатичноста итн.



Личната вулнерабилност, резилиентност и потенцијал за психолошки и духовен раст и развој се темели на фактот како некои лица се повеќе осетливи на неповолни животни настани, односно вулнерабилни на дистрес, за разлика од други што се адаптибилни и поотпорни.

И повторно да ја предочиме сликата за депресивниот пациент: „Ах колку би било добро да се исплачам“, „Ме боли душата“, „Солзите ми пресушија“, „Ништо не вредам“…
Најчесто не ги чувствуваат старите болки, на пример, случај кај ревматичарите, наместо тоа, имаат сосема други чувства и идеи, можат да бидат хипохондрични и да си ги накалемат сите можни болести, притоа воопшто не гледајќи дека станува збор за душевна болест, што исто е едно мерило за тежината на депресивната слика.
Исто така, пациентот чувствува дека не може да сака, ама тоа за него не е болест. Тој во себе не чувствува иднина, а кога чувствува страв и немир, тој не е како вообичаено насочен кон иднината, туку е во сегашноста и се крие во неговото тело и душа.
А стравот од смрт за него не е страв, понекогаш, неретко ја посакува, како начин на ослободување од одвратната сегашност. Стравот единствено опстојува од мислата „Овој мачен живот нема да заврши бргу“.

Депресивниот болен има бескрајно чувство на вина и постојано копа по своето минато барајќи вина за своите постапки, однесувања, чувства, притоа уверувајќи се во „jaс сум најлошиот човек на светот“.
Toa би бил краткиот опис за светот на еден депресивен болен.

Ние, сепак, можеме да повлијаеме и да се потрудиме да го смениме тоа и да ја лекуваме депресијата. Психофармакотиците се неизбежни во ваквите ситуации. Тие не дејствуваат како пеницилинот кој го совладува причинителот на болеста со тоа што доведува до оздравување. Исто така, доколку ги споредиме со лековите против болка, тие се доволно делотворни да ја отстранат болката, ама само додека дејствуваат, тие не лекуваат.
Лекувањето на депресијата значи минување низ повеќе фази.

Лекувањето на депресија не оди без интензивни и редовни контроли.
И крајот, како и почетокот, на лекувањето е тежок, мора да се постигне сè претходно зацртано, со цел да се избегне рецидив.

И на крај, депресивниот пациент кој се лекува и закрепнува цело време има потреба од подршка и љубов, затоа што тој не е мрзлив, незаинтересиран, незадоволен и покрај тоа што има сè што ќе посака, може да патува каде сака... Едноставно, тој е депресивен.

Фото: Приватна архива