Ова се најдобрите студенти на УКИМ, четворица се со просек 10

Ова се најдобрите студенти на УКИМ, четворица се со просек 10

Подготвил: Теодора Цветковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сите дипломирале со најдобар успех на прв циклус студии, во учебната 2016/2017 година

Четворица од 23 студенти што Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ги награди се со просек 10. Сите дипломирале со најдобар успех на прв циклус студии, во учебната 2016/2017 година.
Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, истакна дека најдобрите студенти со нивните успеси постигнати во текот на студиите учествуваат во дефинирањето на насоките на континуираното подигнување на квалитетот на студирањето на УКИМ како најстар, најдобар и најголем универзитет во земјава.

- Денеска сме собрани да ве наградиме скромно, но и јавно да ве пофалиме за вашите успеси - додаде Јанкуловски.
Невенка Ридова, една од наградените студенти, која на Медицинскиот факултет во Скопје дипломирала со просек 9,76, вели дека да се биде најдобар студент претставува чест и задоволство.
- Тоа е афирмација за сите наши достигнувања и ни дава поттик и мотив да ја оправдаме ваквата награда. Студирањето на мојот факултет беше многу тешко, но морам да кажам дека најубавите денови ми се поврзани со студентските денови – вели Ридова.



Динко Стипаничев, дипломиран студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, кој доаѓа од Загреб, кажа дека студирањето тука е најдобар период од неговиот живот.
- Не се трудев нешто посебно да бидам најдобар, а ова признание е само резултат на бројки кои го одредуваат просекот. Има многу мои колеги што се фантастични музичари. Музицирањето е момент. Сите музичари се индивидуалци и тешко е да се каже кој е најдобар - додаде Стипаничев.

Во рамките на свеченоста им беа доделени и наградите „26 Јули“ на најдобрите студенти во областа на архитектурата, општествените науки и уметностите.

Ова е листата со најдобрите студенти што дипломирале во учебната 2016/2017 година:

- Андријана Коруновска, дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, на студиската програма – Односи со јавност, со средна оценка 10.

- Виктор Јаневски, дипломирал на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, со средна оценка 10.

- Ерблир Браими, дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на студиската програма – Безбедност, одбрана и мир, со средна оценка 10.

- Мартин Стојчевски, дипломирал на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, на студиската програма – Дизајн и менаџмент на технолошки производи, со средна оценка 10.

- Александар Ѓерасимовски, дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје, на студиската програма - Термичко инженерство, со средна оценка 9,95.

- Стефан Аговски, дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, на студиската програма – Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија, со средна оценка 9,95.

- Ѓунтер Мерџан, дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, на студиската програма – Економија, со средна оценка 9,94.

- Љиндита Бакиу, дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на студиската програма – Преведување и толкување (албански јазик – мајчин), со средна оценка 9,93.

- Билјана Митреска, дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на студиската програма - Теориска физика, со средна оценка 9,93.

- Биљана Петковска, дипломирана на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на студиската програма – Библиотекарство, со средна оценка 9,92.

- Ивана Петровска, дипломирала на Градежниот факултет во Скопје, на студиската програма – геодезија, со средна оценка 9,90.

- Мирјана Трпковска, дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на студиската програма – Драмски актери, со средна оценка 9,86.

- Дамјан Ѓоргиевски, дипломиран на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на студиската програма - Графика – графички дизајн, со средна оценка 9,85.

- Ангелина Стаматоска, дипломирала на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, на студиската програма – Квалитет и безбедност на храна, со средна оценка 9,87.

- Александра Зафировска, дипломирала на Фармацевтскиот факултет во Скопје, на студиската програма – магистер по фармација, со средна оценка 9,75.

- Ана Јакимовска, дипломирала на Факултетот за физичко образование, спорт и здравствено образование, со средна оценка 9.52

- Христина Божинова, дипломирала на Шумарскиот факултет во Скопје, на студиската програма – Шумарство, со средна оценка 9,30.

- Андреа Велеска, дипломирала на Стоматолошкиот факултет во Скопје, на студиската програма – доктор по дентална медицина, со средна оценка 9,28.

- Есра Иљази, дипломирала на Архитектонскиот факултет во Скопје, на студиската програма – Интегрирани петгодишни студии од прв и втор циклус по архитектура, со средна оценка 9,24.

- Андреј Николовски, дипломирал на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во Скопје, на студиската програма – дизајн на мебел и ентериер, со средна оценка 9,03.

- Трајче Јанков, дипломирал на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Општа теологија, со средна оценка 9,00.

- Невенка Ридова, дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје, на студиската програма - Општа медицина, со средна оценка 9,76.

- Динко Стипаничев, дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на студиската програма –контрабас, со средна оценка 9,97.