„Швајцарците учат македонски од почит кон нас“, вели Ана Тимовска-Митрева, наставничка по македонски јазик во Швајцарија

„Швајцарците учат македонски од почит кон нас“, вели Ана Тимовска-Митрева, наставничка по македонски јазик во Швајцарија

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Во последните неколку години сѐ повеќе македонски семејства ја бараат својата егзистенција во една од најразвиените земји во Европа, Швајцарија, каде што има голем одѕив на ученици за присуство на часови по македонски јазик. За нив, менувањето и прифаќањето на новата средина е тежок процес затоа што чувствуваат носталгија и тага по својата земја, а им недостигаат нивните другари и соученици.

Ана Тимовска-Митрева е наставник по дополнителна настава по македонски јазик во Локарно, Муралто и околните места во италијанскиот дел на Швајцарија. Таа за овие ученици е првата „врска“ помеѓу Македонија и новата средина.

- Учениците се редовни затоа што го знаат македонскиот јазик. Нивните родители се свесни дека децата полесно ќе се навикнат на новата средина ако зборуваат на својот јазик. Освен по македонски, им помагам за математика и англиски јазик – вели наставничката Тимовска-Митрева.



Таа изведува настава во пет работни групи со ученици од прво до деветто одделение, поделени во комбинирани паралелки. По редовна настава, која им завршува до 16 или 16:45 часот, зависно од часовите, доаѓаат кај неа на настава. А наставата се одвива во три групи. Кај децата од прво, второ и трето одделение акцентот е ставен на описменувањето, со учење на азбуката, пишување и читање. Кај децата од четврто, петто и шесто одделение ставаме акцент на општеството, природата, историјата и географијата. Програмата е изготвена од Бирото за развој на образованието.
На нејзините часови децата не учат само јазик, туку се запознаваат и со македонската историја и традиција.

- Помалите ученици ги интересира азбуката, сакаат да научат да читаат. Откако ќе научат да пишуваат, првото што го сакаат е да им напишат новогодишна честитка на баба и дедо. Поголемите ги интересира историјата на Македонија. На часовите по македонски јазик и историја ги одбележуваме државните празници преку изработки на паноа за државните обележја на родниот крај. Ги сакаат нашите песни и драми од познати писатели, кои ги работиме во драмската секција - раскажа Тимовска-Митрева.

Благодарение на соработката со нејзините колеги од МОН и со Билјана Костова од Агенцијата за иселеништво, учениците имаат и воннаставни активности, а особено е активна фолклорната секција, која со македонските ора привлекува најголемо внимание кај јавноста.



- Како игроорна група настапуваме на многу мултикултурни манифестации, како онаа на Празникот на јагодите која се организира во мај, учество на мултикултурната манифестација во училиштето Скуола Медиа Локарно 1, каде што се претставивме со нашиот штанд, изработки на ученички творби, национални специјалитети, а фолклорната секција настапи со народни ора. Во периодот од 28 март до 8 април 2022 година се одржа Фестивал на јазиците, во дел од кантоналните училишта, во 33 училишта во кантонот Тичино – Швајцарија. Учениците покажаа посебен интерес, активно учествуваа и размислуваа, пишуваа зборови на македонски јазик и им поделив соодветен материјал. Часовите ги завршувавме со познатото оро „Македонско девојче“. Со учениците го посетивме и Фестивалот на книгата организиран во општина Муралто – истакна наставничката.



Сепак, најголемо внимание наставниците по македонски јазик во светот посветиле на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, свети Кирил и Методиј.
- Со наставниците по македонски јазик во светот остваривме неколку средби на „Зум“ и притоа разговаравме за начинот на работа, идеи, сугестии, меѓу кои и предлог за одбележување на 24 Мај. Секој наставник со своите ученици требаше да подготви кратки видеопораки. Преку песна и рецитали учениците зборуваа за својата азбука, за својот јазик и за браќата Кирил и Методиј, во заднина со обележје (знаме) од земјата во која престојуваат. Повеќето видеа и текстови беа пратени до Јованка Смилеска, претседател на Македонското учителско друштво на Викторија, и се изготви едно заедничко видео од 16 минути со цел да се промовира учењето на македонскиот јазик. Тоа може да се види на фејбук-страницата: „Учиме македонски“, Здружение на наставници по македонски јазик во светот - откри наставничката Тимовска-Митрева.



По повод завршувањето на учебната година, на учениците кои посетуваат дополнителна настава по македонски јазик, на 12 јуни, ќе им бидат доделени потврди и книги. Ќе се организира приредба на која ќе настапат учениците со рецитал, пеење на македонски песни и македонски ора. За крај следува заедничко дружење на родителите и учениците со коктел.

Ана живее во Швајцарија заедно со своето семејство и е среќна што нејзините деца можат да учат во образовен систем кој е еден од најдобрите во светот.

- Мојата ќерка завршува втора година гимназија каде што може да се одбира помеѓу јазиците, општествените или природните науки со цел подобро да се подготват учениците за високо образование. Но, секој ученик треба да ги знае
францускиот, германскиот, италијанскиот и англискиот јазик. Оние ученици што посетуваат стручни средни училишта, исто така, се добро организирани затоа што трипати неделно одат на пракса, а два дена учат теорија во училница - раскажа наставничката.
Тамошниот систем во осмо одделение ги селектира учениците на две нивоа. На ниво А се учениците што имаат среден просек над 4,5 по математика и по германски и тие можат да одбираат средно училиште, додека оние со помал просек од 4,5 се ниво Б и тие може да се запишат само во стручно училиште, со тоа што претходно бараат фирма во која ќе одат на пракса.



- Овој образовен систем овозможува реално оценување на учениците и е добар за напредокот на децата. Во оценувањето на учениците доминираат тестовите и презентации по одделни предмети и за одделни теми – истакна таа.

Швајцарците се полиглоти и мора да ги знаат трите официјални јазици, францускиот, германскиот и италијанскиот, но голем дел од нив имаат желба да го совладаат и македонскиот јазик - некои од нив поради македонските пријатели, некои затоа што се во мешани бракови, а некои поради тоа што нивните деца имаат другарчиња Македонци.



- Детето на една од моите колешки во училиштето ми пријде и ми рече дека сака да посетува настава на македонски јазик бидејќи другарите му се Македонци и сака да го научи и македонскиот јазик. Ми рече дека некој ден ќе оди во Македонија, и така се случи. Кај Швајцарците има голем интерес за различните култури – истакна Ана и додаде дека швајцарскиот систем многу внимание посветувал на учениците со посебни потреби и нивната интеграција во општеството.

Фото: приватна архива на Ана Митрева