Колумна: Ковид-19 ќе биде тука барем уште некое време - треба да се приспособиме

Колумна: Ковид-19 ќе биде тука барем уште некое време - треба да се приспособиме

Во тек е подготовката на анкетата што ќе овозможи да се спроведуваат дневни анонимни истражувања на населението во Македонија

Пишуваат: д-р Јана Проданова, соработник во МАНУ и професорка на Универзитетот во Бургос, Шпанија, и академик Љупчо Коцарев, професор на ФИНКИ

Во моментов светот не доживува втор бран - првиот бран на пандемијата Ковид-19 сѐ уште не замина. Повеќе од 11 милиони луѓе се заразени во светот. Некои азиски земји се чини дека ја контролираат пандемијата, во други земји (од Латинска Америка и Јужна Азија) пандемијата беснее, трети земји, вклучувајќи ги и Соединетите Држави, се изложени на ризик да ја загубат контролата, поголем дел од Африка е во раната фаза на пандемијата, додека Европа, вклучувајќи ја и Македонија, е некаде помеѓу.

Проф. д-р Јана Проданова

Во Македонија првите инфицирани од Ковид-19 беа забележани на почетокот од март, непосредно проследени со спроведување мерки за дистанцирање и заштита од вирусот. Оттогаш во Македонија се забележа пораст, во согласност со предвидената крива од страна на епидемиолозите. Но, во моментот кога се чинеше дека вирусот е под контрола, драстично се промени сценариото и бројот на заразени почна незапирливо да расте. Состојбата на 6 јули 2020 покажува дека во земјава се забележани вкупно 7.124 случаи, од кои 3.199 излекувани, а 346 починати, што посочува на 3.579 активни случаи.

Иако се очекуваше бројот на инфицирани да се намалува, особено со порастот на летните температури, реалноста покажува нешто друго и сето тоа не е дел од очекуваниот втор бран на помасовно заразување. Токму од тие причини, неопходно се наметнува потребата за континуирано следење на состојбата на ширење на вирусот, која претставува голем предизвик за меѓународната заедница и за одговарање на сите прашања што спонтано ни се наметнуваат пред секојдневната неизвесност.

Академик Љупчо Коцарев

Веќе е познато дека инфекцијата со коронавирусот се шири во кластери (групи) и затоа нивната рана идентификација е клучна за забавување на ширењето на вирусот. Со цел да се добие контролиран увид во ширењето на вирусот, повеќе истражувачи од МАНУ се приклучија на тим на истражувачи од Израел, кои веќе работат на мапирање на заразата во нивната земја. Имено, се работи за студија чија цел е да се локализираат заболените и лицата со симптоми според општини, градови и населби, за полесно следење и предвидување на ширењето на вирусот.

Во тек е подготовката на анкетата што ќе овозможи да се спроведуваат дневни анонимни истражувања на населението во Македонија за проценување на развојот на симптоми предизвикани од вирусот, кои можат да послужат како стратешка алатка за идентификација на различните кластери. Анкетата ќе трае само неколку минути и ќе биде поставена на интернет, за секое лице да може само да ја пополнува. Идејата е секој ден да се одговараат прашањата во врска со здравствената состојба на испитаникот, појавата и диференцијацијата на симптоми, статусот на изолација/карантин, контактот со други лица и слично, за да може во континуитет да се следат промените во бројот и локацијата на лица без и со симптоми.



Оваа студија е производ на меѓународен конзорциум кој ќе служи како центар за интегрирање на информации од повеќе извори на податоци што можат да се искористат за разбирање, следење, предвидување и борба против пандемијата. Првично применета во Израел од страна на Weizmann Institute of Science, таа веќе се спроведува и во Германија, Естонија, Швајцарија, Шведска, Луксембург, Словенија, Велика Британија, Аргентина, САД и други земји, меѓу кои и Македонија. Прелиминарните анализи од Израел покажаа дека во населби со потврдена историја на пациенти со Ковид-19, повеќе испитаници известуваат за симптоми, со што се овозможува едно мапирање на ширењето на инфекцијата по региони, докажувајќи ја корисноста на овој пристап за откривање појава на жаришта на болеста. Првичните резултати од овој меѓународен тим на истражувачи со кој МАНУ активно работи се публикувани во едно од најврвните списанија во светот Nature Medicine, а трудот е достапен за сите и може да се пристапи бесплатно. За подобро да се разбере вредноста на оваа публикација, треба да се има предвид дека Nature Medicine е месечно списание со импакт-фактор 36.130 според Journal Citation Report Index, кој ригорозно ги следи и оценува важноста и успехот на објавените научни трудови. Рангирано е како прво од 138 списанија од областа на медицина, истражување и експерименти, а второ од 297 списанија од областа на биохемија и молекуларна биологија. Во Nature Medicine се објавуваат интердисциплинарни истражувања кои разгледуваат различни теми од перспектива на медицината, особено придонесувајќи на подобрување на здравјето на луѓето, како што впрочем се покажува и со оваа интернационална соработка.



Податоците собрани со анкетата очекуваме да овозможат:
- побрзо откривање на зоните каде што се шири инфекцијата;
- добивање тековна слика за бројот на лица што развиле симптоми, во секоја област;
- предвидување на идните зони за ширење, неколку дена пред појава на ново жариште;
- оценување на ефективноста на преземените различни социјални мерки за дистанцирање и нивниот придонес за намалување на бројот на лица со симптоми.
Ваквите информации можат да обезбедат важна алатка за носителите на одлуки да детерминираат во кои области е потребно зајакнување на мерките за социјално дистанцирање и кои области можат да се ослободат.

Добиените информации понатаму ќе бидат споделени со епидемиолозите, вработените во јавно здравје и одлучувачките тела, со цел да се добие една јасна слика за еволуцијата на ширењето на вирусот и резултатите од мерките преземени од страна на Владата и ресорните министерства. Пошироко, овие информации ќе послужат за правење споредба на состојбата и справување со неа во различни земји во светот и во различно развиени општества, увид во разликите спрема одредени социодемографски фактори, како и предвидување на последиците врз другите економски, политички и социјални аспекти.



Во меѓувреме, имајќи ја предвид новонастанатата ситуација предизвикана од пандемијата на Ковид-19, каде што населението се наоѓа во една општа изолација, се очекува да се забележат значајни промени во однесувањето на индивидуите, нивните навики и нивните преференции за секојдневните активности.
Една од главните активности што претрпуваат огромна трансформација е работата на луѓето, која има особена важност и неопходен интерес во време на криза. Криза, пред сè, економска, која веќе се забележува во светот, особено во сектори кои се директно поврзани со услуги, а не толку со производи. Криза, која веќе остава илјадници невработени. Криза, која го трасира патот на еден нов начин на комуникација и живеење.
Другиот аспект кој го промени секојдневието на населението е образованието. Денес професорите ја адаптираат наставата на начин кој ќе биде достапен за сите во исто време и иста мера, учениците и студентите се обврзани ефикасно да го организираат своето време за да ги сработат своите активности, а дел од родителите се „здобија и со звањето наставник/професор“.

Поттикнати од многубројните коментари што секојдневно се споделуваат на социјалните мрежи, идејата на истиот тим на истражувачи од МАНУ е да ја истражи продуктивноста на работењето од дома во услови на изолација поради Ковид-19, ставајќи акцент на образовниот сектор. Врз основа на една анализа на перцепциите за имплементацијата на работа од дома (telework, remote work, home office), предностите и негативностите, дистракциите и организацијата на работата од дома итн., ќе дознаеме повеќе за соодветноста на овие активности во различните сектори во општеството и можноста за нивно опстојување во дигиталниот свет за време на криза како оваа. Од друга страна, пак, податоци околу користењето на новите технологии, онлајн-образованието, интензитетот на купување преку интернет или мобилен телефон, како и потенцијалната промена на навиките на луѓето ќе ни дадат една друга перспектива за тоа како влијаат врз населението мерките за намалување на ризикот од зараза.

За жал, пандемијата на Ковид-19 ќе биде тука барем уште некое време: ранливите ќе се плашат да излезат, иновациите ќе забават, економиите нема да го достигнат нивниот потенцијал, многумина ќе се разболат, додека, некои, за жал, ќе починат. Информациите и знаењето се најмоќното оружје за борба против пандемија. На поединците, информациите можат да им помогнат во донесување лични одлуки и да обезбедат чувство на сигурност. За глобалната заедница информациите и знаењето значат влијание во одлуките и критички увид во пандемијата на заразата од Ковид-19. Можеби нашиот интерес за пандемијата е намален, но таа, пандемијата, во тоа бидете сигурни, сѐ уште го нема изгубено интересот за нас.