Од печат излегуваат карантинските хроники на Михајло Димитриевски - Тхе Мичо: „Аман, почитувајте ги мерките, не ми се црта втор дел“
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Изданието од денес ќе може да се купи онлајн на www.themico.mk, во двете специјализирани продавници на Биби во ГТЦ и во скопската населба Аеродром, како и во книжарниците на Литература.мк во Скопје и Битола
Од јадење бурек со битолски јогурт, преку 'рчење задреман на каучот, со гума за пливање и желба за летување, со цело семејство, претставено како суперхерои. Ова се само дел од досетливите и полни со хумор илустрации на Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, кои произлегоа од светската пандемија на Ковид-19, карантинот, дисциплинираното #седетедома и полициските часови. Како се олабавуваа мерките, така Мичо секојдневно си ја завршуваше зададената задача и постираше по една илустрација од секојдневието. Сите илустрации, вкупно 82, собрани во едно издание под наслов Quarantine chronicles („Карантински хроники“) денеска ќе излезат од печат во издание на „Светот на Биби“. Илустрациите на Тхе Мичо ги спакува графичкиот дизајнер Кети Пренда, а од денеска ќе може да се купат
онлајн на www.themico.mk во
двете специјализирани продавници на Биби во ГТЦ и во скопската населба Аеродром. како и во книжарниците на Литература.мк
Михајло Димитриевски-Тхе Мичо
Коронавирус, Битола - Ден 1. На социјалните мрежи ја постиравте првата илустрација од состојбата што сите нѐ затекна... Бевте ли уште тогаш решени секој ден да објавувате по една илустрација?
- Не да нѐ затекна - ептен нѐ затекна. Се смеевме претходните месеци за Кинезите - ама ете, светот е глобално село. Првата илустрација беше како за смешка - и дека ете сите сме во ова заедно, дека ако се крепиме, побрзо ќе помине и слично. Сите очекувавме дека ќе помине за две недели. Ама еве, двете недели четири месеци траат. Тргнав со помисла секој ден да правам по еден цртеж зашто дома си бевме фамилијарно, со надеж дека нема многу да цртам.
Ама ми тргна работата, а и глупаво беше да прекинам. И така морав да продолжам. Луѓето на социјалните мрежи го прифатија хуморот. Сакам да мислам дека поради тоа што се интересни, ама веројатно поради тоа што сме во иста каша и истото го правиме сите, па верувам дека маката нѐ зближи (или нѐ зближи еден дел).
Ден 20. – очигледно дека косата (и неодењето на бербер) почна да прави мака... Од што најмногу зависеше дневната инспирација за конкретната илустрација?
- Дневната инспирација зависеше од тоа што се правеше во денот. Од следење на прес-конференции до најнови податоци за ситуацијата (уште го правиме тоа, нели?). Во косата се направив како омилениот Чубака. Немав баш мака со косата, бидејќи искрено, не ми ни беше гајле. Брада имам, плус косата – доживувањето е комплетно. Санким на гости одевме, или гости ни идеа, па требаше да се средам. Илустрациите сами се цртаа, требаше само да ми текне што правевме дента, и тоа е тоа. Дали инсталирање „Фортнајт“ на сите компјутери и конзоли, дали трчање по топката што ни летна од дворот на улица (2 метра) за време на полицискиот час, сериите што ги гледавме и слично. Воопшто не беше тешко за теми првите 70 дена.
Ден 78. – барем се потстрижив... Очекувавте ли дека долго ќе трае? Што Ви предизвикуваше најмногу мака во сите 80 и кусур денови?
- Никој не очекуваше дека долго ќе трае. Реално, лично ништо не ми правеше толкава мака за време на официјалниот карантин. Како илустратор, и не излегувам многу од дома, и онака дома работам цел ден. Ама... Никој не е сам на светов, сите имаме фамилии, деца, пријатели, познајници, па и непријатели и секој со малку памет ќе е колку-толку засекиран за општата ситуација на најблиските и на сите други. Седењето дома по личен избор е лесно и кул, ама седењето дома по наредба (а за добро на сите) е малку мачно, иако го искористивме најдобро што можевме.
Јас искрено се надевам дека луѓето навистина ќе сфатат со што се соочуваме (иако праксата покажа дека 5Г-доминира) и сите заеднички ќе успееме да се избориме со ситуацијава. Тешко оди ова, ама се надевам дека ќе се свестиме. Навистина не ми се црта втор дел, ама натаму ми оди работава. Аман, почитувајте ги мерките, сериозно не ми се црта втор дел - имам друго за цртање. Суперхероите носат маски. За 15 минути на корзо и в продавница – навистина ништо не ве чини.