За матурантите, полагањето е стресно, а уписите за факултет се предоцна. Како да се преброди овој период, советува психотерапевтот Наташа Маџевска
Подготвил:
Јована Трајковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во изминатите два месеца матурантите се подготвуваа за државните матурски испити. И покрај убавите моменти, како завршувањето на средното образование и прославите, кај учениците се појавуваа чувство на стрес, анксиозност, возбуда и несигурност во пресрет на полагањата и чекањето на резултатите. Некои од матурантите раскажуваат дека има случаи кога некој што учел не ја добил оценката што ја заслужува, додека тие што препишувале добивале високи оценки и сето тоа создава стрес и револт. За тоа како да се справат со стресот, разочарувањата и исчекувањето на уписот на факултет, разговаравме со гешталт психотерапевтот Наташа Маџевска.
Размислувањата на дел од матурантите се дека уписот на факултет треба да биде што порано, дека имало неправди и стресот додека се чекале резултатите бил огромен.
- Вечерта пред првиот испит не можев да заспијам, а не бев единствен што помина низ ова. 90 отсто од соучениците го имаа истиот проблем. Учев, речиси сѐ преучив и пак не верував во себе сè додека не седнав да пишувам. Тогаш видов дека се исплатело учењето - вели матурантот К.Ф.
Друг матурант вели дека му пречи неправдата:
- Почувствував стрес, нормално, но кога дознав дека имам четворка англиски, а учев и вложував труд, плачев и се нервирав. Ми пречи неправда, некој што учи да добие помали оценки, а некој што препишува, да добие петка (незаслужена).
Во врска со уписите на факултет, кај матурантите се јавува и притисок од одлуката каде да го продолжат своето образование.
Некои ученици имаат поделени мислења во врска со тоа дали уписните рокови треба да бидат во август и септември или порано. Други ученици се согласуваат со веќе дадените термини за упис сметајќи дека така имаат доволно време да го направат соодветниот избор за продолжување на образованието.
Матурантот Борјан Зенделов смета дека уписот на факултет треба да биде порано:
- Според мене, уписот мора да биде што порано. И полагањето матура, исто така. Само во нашата земја се чекаат резултати до последен момент и се фаќаат крајните рокови за упис.
„Мирното море никогаш не прави вешт морнар“ – Френклин Рузвелт.
Во овој контекст психотерапевтот Наташа Маџевска објаснува дека здравата количина на стрес и грижа е од суштинско значење за да се стимулираат учениците да учат напорно.
- Повеќето ученици имаат такво искуство со испити, задачи и тестови за континуирано и завршно оценување. Спротивно на мислењето на повеќето луѓе, стресот од испити е нормален за повеќето студенти бидејќи здравата количина на стрес и грижа е од суштинско значење за да се стимулираат учениците да учат напорно и да се подготват за испитите. Сепак, стресот од испит станува проблем ако постепено или одеднаш влијае на психолошката благосостојба и академските цели на ученикот. Стресот од испит се карактеризира со анксиозност и физички симптоми како стомачна болка, главоболка, синдром на нервозно дебело црево и друго. Манифестацијата е различна и зависи од ученикот. Кај некои ученици има постојана вознемиреност, која се должи на тенденцијата да бидат совршени во сѐ што прават - вели Наташа.
Психотерапевт Наташа Маџевска
Таа објаснува дека причини за појава на стрес на испит се емоционален и психички притисок, надворешен притисок од родителите, згрижувачите и очекувањата на наставниот кадар; внатрешен притисок, кога учениците се плашат од ниски резултати на тестот, несоодветна подготовка и неквалитетен начин на живеење и советува стресот на учениците да се намали со:
- Физичка активност (пешачење, трчање, спортување);
- За време на испитниот период да се стремат кон одржување соодветен режим на спиење и одмор за подобра концентрацијата;
- Просторот за учење да го одржуваат среден и чист, со цел да се подобри размислувањето и подготовката.
Ученикот да истражува пред да го одбере факултет
-Притисокот да се одбере совршениот факултет е огромен за ученикот. Тој треба да истражува колку години сака да трае студискиот процес, дали сака да оди на државен или на приватен факултет, колкава да биде оддалеченоста од домот, дали сака да студира во земјата или во странство, колкав буџет е потребен за студирањето, да добие информации за студиската програма, да одлучи дали сака да биде во конкурентна или во пријателска средина. Прашањето кој е најдобриот избор, може да го поттикне ученикот да креира план, да истражува, да ги препознае своите приоритети и да донесе одлука. Учениците - идни студенти никогаш не треба да се откажуваат без да ги надминат предизвиците - вели Маџевска.