Економскиот факултет-Скопје, врата кон најдобрите македонски компании и престижни светски универзитети

Економскиот факултет-Скопје, врата кон најдобрите македонски компании и престижни светски универзитети

Студентите може да се запишат на една од следниве седум студиски програми: економија, е-бизнис, маркетинг, менаџмент, надворешна трговија, сметководство и ревизија и финансиски менаџмент, вели Предраг Трпески, декан на Економскиот факултет при УКИМ


Да се привлечат најдобрите ученици во земјава, бидејќи да се работи со најдобрите не е само привилегија, туку е и огромна чест, да се отворат студиски програми на англиски јазик и издавање двојна диплома се само дел од приоритетите на кои е посветен новиот декан на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Предраг Трпески. Тој објаснува зошто Економскиот факултет од Скопје се издвојува од другите и како создаваат генерации кои лесно наоѓаат работа и се конкурентни на пазарот на трудот.


Деканот Трпески во друштво на амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар

Од неодамна сте нов декан на Економскиот факултет на УКИМ. Кои се Вашите примарни цели што си ги зададовте?

- Како најстара и најдобро рангираната високообразовна институција од областа на економијата и бизнисот во земјава, Економскиот факултет – Скопје работи на привлекување на најдобрите ученици во земјава, да студираат на една од седумте студиски програми што ги нудиме. Нашата цел е студентите, во текот на студирањето, да се стекнат со соодветни компетенции кои ќе ги направат најдобри во она што го изучуваат и што ќе го работат. Знаењето е клучна вредност на факултетот, па оттука, основна наша цел е да создадеме нови знаења кај нашите студенти со кои тие ќе бидат поконкурентни на пазарот на труд, како во земјава така и во странство. За таа цел, факултетот има изградено голема мрежа на односи со институции од јавниот и приватниот сектор, преку која на нашите студенти им овозможуваме покрај со теоретски, да се стекнат и со практични знаења во сферата на јавниот и приватниот сектор.

Трпески: Нашите програми се усогласени со оние на најпрестижните универзитети во светот




Економскиот факултет има неколку студиски програми. Колку овие програми се усогласени со студиските програми што се изучуваат на најпрестижните универзитети во светот?

- На Економскиот факултет-Скопје студентите може да се запишат на една од следниве седум студиски програми: економија, е-бизнис, маркетинг, менаџмент, надворешна трговија, сметководство и ревизија и финансиски менаџмент. Очигледно е дека на Економскиот факултет – Скопје се изучуваат сите области од сферата на економијата и бизнисот и се создаваат профили за потребите на јавниот и приватниот сектор во земјава. Сите програми се атрактивни сами по себе и нудат максимални знаења на студентите, секоја од својата област. Но, она што особено сакам да го истакнам е дека со последните промени што се направија во структурата на предметите и студиските програми, факултетот акредитира програми кои се целосно усогласени со студиските програми што се изучуваат на најпрестижните универзитети во светот, универзитети кои се рангирани меѓу првите 50 на познатата Шангајска листа. Ова значи дека студентите на нашиот факултет, без оглед на која студиска програма се запишани, во светски рамки се препознаени и можат во кое било време да го продолжат своето студирање на друга високообразовна институција во странство.

Уписите во новата академска 2019/2020 година се во август. Што ќе им понудите на идните студенти?

- На нашите студенти им нудиме да се стекнат со квалитетно знаење и можност за побрзо вработување по завршувањето на студиите. Имено, ова ќе биде втората генерација студенти што ќе студираат според наставни програми кои се усогласени со студиските програми што се изучуваат на најпрестижните и највисоко рангирани универзитети во светот. Мислам дека ова само по себе кажува за тоа што ние им нудиме на студентите. Но, квалитетните наставни програми се само добар предуслов за стекнување квалитетни знаења, па затоа ние уште во текот на студирањето на студентите им ја отвораме можноста да се поврзат со бизнис-секторот. Од оваа година на Економскиот факултет ќе отпочне да се реализира проектот „Берза на труд“, чија цел е да ги поврзе нашите студенти и потенцијалните работодавци уште во фазата додека тие студираат.
Исто така, треба да се потенцира дека нашиот факултет располага со извонредни технички услови за изведување на наставата и следење на наставата од страна на студентите. Факултетот располага со четири амфитеатри, осум предавални, сите модерно опремени за изведување настава базирана на користење на дигиталните технологии. Наставата и вежбите по предметите за чие совладување се потребни специфични софтверски пакети се одвиваат во пет лаборатории, сите опремени со компјутери и други придружни работи за изведување на наставата.
Она што особено ги интересира студентите е можноста за меѓународна размена. Ние на нашите студенти им овозможуваме во рамките на програмите за мобилност на Европската комисија подобро да ги користат можностите за добивање стипендии за мобилност и тоа пред сѐ во рамките на Еразмус+. На студиските програми на прв и втор циклус студии се воведуваат „прозорци за мобилност“, односно наставни предмети чии активности може да се изведуваат и на англиски јазик. Сето ова заедно го прави Економскиот факултет - Скопје најпрестижна високообразовна институција од областа на економијата и бизнисот во земјата.


Проф. д-р Предраг Трпески

Уште додека студираат студентите ги поврзуваме со бизнис-секторот

Колку сте задоволни од бројот на студенти што студираат на факултетот?

- Имајќи ги предвид демографските трендови во земјава, како и механичкиот одлив на населението, пред сѐ млади луѓе, кон странство, интересот за запишување на Економскиот факултет - Скопје сѐ уште е голем.

Практичната настава е мошне важна за студентите, но и можноста за работа на научноистражувачки проекти. На кој начин се вклучени студентите во овој дел?

- Ова е сегмент на кој ние како факултет обрнуваме посебно внимание. Нема да биде нескромно ако кажам дека Економскиот факултет е меѓу првите високообразовни институции во земјава, ако не и прва што го воспостави т.н. Центар за кариера, кој успешно функционира речиси една деценија. Центарот за кариера при Економскиот факултет – Скопје (во полн назив Центар за регрутирање на студенти, промоција на Факултетот и градење на кариера) е основан во април 2010 година. Овој центар им овозможува на студентите да почнат да мислат на својата кариера уште кога ќе ги направат првите чекори на факултетот, односно уште во првата година на студирање. Факултетот, преку Центарот за кариера е поврзан и имаме склучено договори за соработка со над 1.000 субјекти од јавниот и приватниот и со тоа им отвора можности на студентите да ја реализираат задолжителната практична настава на најквалитетен начин. Овој центар ги следи студентите и им нуди поддршка во целиот процес на реализирање на практичната настава.


Библиотеката на Економскиот факултет-Скопје

Дали Центарот за кариера нуди и други услуги за студентите освен поддршка при изведување на практичната настава?

- Се разбира дека активностите на центарот се многу пообемни и посложени. Имено, Центарот за кариера функционира и како канцеларија преку која се координира студентската мобилност, преку нудење целосна поддршка на студентите во сите фази од процесот на аплицирање за стипендии за студентска мобилност во рамките на мобилностите што се финансирани од Европската Унија.
Центарот за кариера функционира и како канцеларија за координирање на студентските мобилности, токму поради фактот што им дава целосна поддршка на студентите во сите фази од процесот на аплицирање за стипендии за студентски мобилности во рамките на некоја од веќе наведените програми за студентски мобилности финансирани од ЕУ.
Нешто што не смее да остане неспоменато е фактот што студентите се главниот партнер во сите активности на факултетот. Имено, преку Центарот за кариера на студентите им се отвора можност да бидат дел од работењето на факултетот, им се отвора можност да волонтираат во реализација на промотивните активности на факултетот, како и да учествуваат во организацијата на настани од домашен и меѓународен карактер.

Нашите студенти се вработуваат веднаш по дипломирањето


Факт е дека на пазарот на трудот излегуваат многу економисти, имаме и многу факултети што ги нудат овие програми. Колку се вработливи студентите економисти, може ли секој да си го најде своето место?

- Точно е дека слични наставни програми се изучуваат и на други факултети во земјава, ама она што нè издвојува од другите не се само наставните програми, туку и наставно-научниот и соработничкиот кадар со кој располагаме, условите што ги нудиме за изведување на наставата и можностите да се успее откако студентот ќе дипломира.
Информациите што доаѓаат до нас, врз основа на воспоставени долгогодишни директни контакти со институциите од јавниот и приватниот сектор, укажуваат на тоа дека студентите што имаат дипломирано на Економски факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје покажуваат добри резултати при спроведените тестирања и имаат предност при нивното вработување. Самиот факт што најголем дел од нашите студенти се вработуваат веднаш по дипломирањето покажува дека на пазарот на труд, побарувачката на труд има потреба од компетенциите со кои се имаат стекнато студентите на нашиот факултет.



Дали соработката со Вашите студенти продолжува откако ќе дипломираат?

- Соработката на факултетот со своите студенти не завршува со чинот на нивното дипломирање, туку продолжува во иднина. На факултетот е формирана мрежа на Алумни ЕЦЦФ, со интенција да прерасне во Алумни-асоцијација на Економски факултет – Скопје. Основната цел е да се направи голема мрежа во која ќе се поврзат сите поранешни и сегашни студенти на факултетот и кадарот на факултетот, а во насока на остварување заеднички цели во иднина.


Што е најголемиот предизвик за Економскиот факултет денес?

- Да се привлечат најдобрите ученици во земјава, да се запишат и да студираат на Економскиот факултет – Скопје. Да се работи со најдобрите не е само привилегија, туку е и огромна чест за сите ние што работиме на факултетот. Инаку, на среден рок, а тоа е за две до три години, предизвик е да се отворат студиски програми на англиски јазик, како и да се овозможи издавање на двојна диплома со некоја реномирана високообразовна институција од странство, со што на нашите студенти уште повеќе ќе им се отворат вратите за вработување во реномирани институции, како во земјава така и во странство.