Македонскиот јазик го изучуваат дури 110 студенти на Истанбулскиот универзитет!

Македонскиот јазик го изучуваат дури 110 студенти на Истанбулскиот универзитет!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Редовната настава немаше да може така лесно да се трансформира во настава на далечина доколку Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура не ги испрати своите најнови учебници „Тешкото“, „Лозје“, „Златоврв“ и „Везилка“ во електронска форма до сите универзитетски центри каде што се изучува македонскиот јазик, литература и култура, вели проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Семинарот

Како се приспособија лекторатите по македонски јазик на онлајн-наставата? Каков е интересот за изучување на македонскиот јазик во светот? Разговаравме со проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Како се прилагодија лекторатите по македонски јазик на онлајн-наставата? Каков е интересот за изучување на македонскиот јазик по светот? Разговаравме со проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. 
Ковид-пандемијата влијаеше на целиот образовен процес во светот. Како се одрази на македонските лекторати во светот?

Пандемијата на Ковид-19 влијаеше врз целиот образовен процес во светот. Како се одрази врз македонските лекторати во светот?

- Кога се разгори ковид-пандемијата, лекторатите веќе ги имаа своите студенти за летниот семестар, така што не беше доведена во прашање нивната работа. Имаше студенти, требаше само нашите лектори да ја реорганизираат наставата и таа од настава во живо да прерасне во настава на далечина. Во сите лекторати имаме успешни приказни во врска со таа настава. Но, по овој повод да споменам само некои. Во лекторатите во Риека (Хрватска), Истанбул (Турција) и Будимпешта (Унгарија) огромен е интересот за изучување на македонскиот јазик и покрај ситуацијата. Така, лекторката м-р Биљана Стојановска во Риека работи со 80-ина студенти и тој е еден од поактивните лекторати. Од овој семестар таа подготви план и програма за работа за наставниот предмет Македонски јазик 6, кој влезе во програмата за постдипломски студии по кроатистика на Универзитетот во Риека. Исто така, во просториите на Македонското културно друштво „Илинден“ во Риека од 19 ноември 2019 година започна и бесплатниот курс по македонски јазик „Учиме македонски“. Овој курс го посетуваа осум слушатели, а поради вонредната ситуација предизвикана од коронавирусот, курсот продолжи на далечина и заврши на 10 јуни.

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (фото: Валандово.мк)

Во летниот семестар наставата по македонски јазик на Универзитетот во Будимпешта ја следеле 32 студенти, а лани беа 25. Лекторот м-р Златко Панзов успева да го зголеми интересот и преку настаните што ги организира. Интересен е фактот што првпат оваа година 10 нови студенти ги избрале предметите понудени од лекторатот по македонски јазик пред официјалната регистрација што вообичаено се одвива во првата недела на септември.

Овој интерес ги разниша сомневањата на Панзов дека кризата со коронавирусот ќе влијае врз интересот за лекторатот. Ваквиот интерес навестува повеќе студенти за наредната академска година. Во тек се и подготовките за манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2020“, која се планира за октомври.

Сепак, најголема е бројката на Истанбулскиот универзитет каде што на различни нивоа македонскиот јазик го изучуваат дури 110 студенти. Таму, од 20 ноември 2019 година со oдлука на Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет отворени се и попладневни изборни курсеви за повеќе јазици, меѓу кои и за македонски. Курсот по македонски јазик можат да го посетуваат студенти, магистранди и докторанди, со неделна настава од 6 часа или вкупно 72 часа во текот на целиот летен семестар. Овој семестар курсот по македонски јазик го посетувале 7 студенти и од 20 март продолжи со онлајн-настава кај лекторката м-р Марина Цветановска.

Редовната настава немаше да може така лесно да се трансформира во настава на далечина доколку Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура не ги испрати своите најнови учебници „Тешкото“ (почетно ниво), „Лозје“ (средно ниво), „Златоврв“ (напредно ниво) и „Везилка“ (македонска литература и култура) во електронска форма до сите универзитетски центри каде што се изучува македонскиот јазик, литература и култура.


Изданија на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура



 Како тие ја реализираа наставата? Со какви тешкотии се сретнуваа?


- Да го посочам примерот со лекторатот во Будимпешта. Поради кризата со коронавирусот, и таму наставата продолжи онлајн и на веб-платформи синхронизирани со системот „Нептун“, така што, според м-р Златко Панзов, наставата по понудените предмети од страна на лекторатот по македонски јазик се реализира на онлајн-платформи. Преминот кон ваквиот нов начин на настава на почетокот носел извесни тешкотии зашто, како и повеќемина, и м-р Панзов првпат се сретнал со програми за ваков тип подготовка на наставни единици и платформи, но за кратко време успеал да се приспособи и да понуди квалитетна настава. На секои три недели вршел тестирања и студентите успешно ја совладале наставната програма.

И останатите лекторати успешно го популаризираа македонскиот јазик преку наставата на далечина, и тоа во: Сосновјец, кој е дел од Шлонскиот универзитет во Катовице (Полска), каде што д-р Лилјана Митковска работеше со 20 студенти; Краков (Полска) каде што лекторката м-р Елена Мицевска-Змејкоска држеше часови со 30-ина студенти; Москва каде што лекторката Марија Пандева образова 10-ина студенти за македонски јазик на додипломски и на постдипломски студии; како и Ниш каде што лекторката Моника Илкова работи со 10 студенти и тоа на додипломски и на постдипломски студии.

Поради фактот дека Универзитетот во Букурешт рано се затвори за настава во живо, лекторката Катерина Миноска не успеа да замине за Романија на почетокот од летниот семестар, така што целосно од Македонија ја изведуваше наставата со своите студенти преку „Зум“.


Кои лекторати можат да се наречат највлијателни, во смисла на тоа колку студенти го изучуваат македонскиот јазик?


- Не би сакала да зборувам за влијателни и помалку влијателни лекторати. Ако земеме бројката на слушатели да ни биде параметар, тогаш, секако, најмногу слушатели по македонски јазик имаме на универзитетите во Истанбул, Риека и во Будимпешта. Но, не смееме така да гледаме. Зашто лекторатот во Москва е при големиот Универзитет „Ломоносов“ каде што наставата по македонски јазик како главен предмет се изведува од академската 1975/76 и тоа благодарение на академик Рина Усикова. По нејзините стапки продолжија извонредните македонисти: академик Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова и поради нивната посветеност и висока професионалност расте овој исклучителен македонистички центар.

Или Катедрата по македонски студии во Париз при познатиот ИНАЛКО (Универзитет за ориентални студии), кој е еден од најстарите, постои речиси 50 години, каде што македонскиот јазик се изучува како главен предмет под раководство на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушеро, која е истовремено и директорка на Школата за докторски студии при овој Универзитет. Таму во изминативе две години лекторската работа ја извршуваше м-р Дарко Ристовски, инаку докторанд на докторската школа на ИНАЛКО, а од новата академска година во наредните две за лектор е избран м-р Ѓоко Здравески.

Двата универзитета, иако образоваат помал број студенти по македонистика, речиси секогаш даваат посветени македонисти, не само како дипломирани студенти, туку и како магистри и доктори на филолошки науки од македонистиката. За нас, како Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура и за УКИМ под чија капа е овој семинар, но и за целата држава, сите лекторати се влијателни. Зашто ако се земат предвид сите студенти, се доаѓа до една неверојатна бројка од 300 студенти што го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура.

Треба да се земат предвид и оние што македонскиот јазик, литература и култура го изучуваат и на некои други универзитети. Освен во споменатите 9 универзитети, македонскиот јазик, литература и култура се изучува и во: Канада (Торонто), каде што наставата ја држи д-р Кристина Крамер или во Словенија со два центри: Љубљана каде што наставата ја држи проф. д-р Намита Субиото и Марибор, под водство на доц. д-р Ѓоко Николовски, како и во Хрватска (Загреб) каде што наставата ја држат проф. д-р Борис Павловски, доц. д-р Ивица Баковиќ и доц. д-р Борјана Прошев-Оливер.

Треба да се споменат и универзитетите во: Русија (Перм) каде што наставата ја држи м-р Наталија Бороникова, Полска (Познањ) со професорите Барбара Јариш и Србија (Нови Сад) со настава од страна на проф. д-р Жарко Бошњаковиќ.

Затоа, воопшто не е претерување ако на тие 300 додадеме уште 100 студенти од овие универзитетски центри и ете ја вистинската мала армија македонисти низ светот, која и во оваа ситуација на пандемија и затворени универзитети станува сè посилна и посилна. и препознатлива.


Во каква форма ќе се одржи Семинарот на македонски јазик годинава?


- Деновиве донесовме одлука семинарот да го одржиме онлајн. Годинава и 53-тата летна школа и 47-мата меѓународна научна конференција се во знакот на неколку јубилеи. Така, во името на 75 години македонска азбука и стандарден македонски јазик, ги најавуваме предавањата на проф. д-р Емилија Црвенковска - „Од глаголица до современа македонска кирилица“ и на проф. д-р Симона Груевска-Маџоска - „Јазичната политика за македонскиот јазик од неговата стандардизација до денес“. 

Секако, тука се и јубилеите 100 години од смртта на најголемиот собирач на македонски народни умотворби, Марко Цепенков, и 100 години од раѓањето на Славко Jаневски, како и од академик Божидар Видоески, таткото на македонската дијалектологија. Особено интересни се најавените предавања на проф. д-р Ангелина Бановиќ-Марковска и проф. д-р Димитар Пандев, кои во дијалог ќе ги стават, едниот Чернодрински и Дуковски (по повод 120 години од праизведбата на „Македонска крвава свадба“), а другиот Григор Прличев и Константин Миладинов (по повод 190 години од нивното раѓање).

Од ланското издание на Семинарот


Има ли најава/план за отворање нови лекторати по светот?

- Искрено, имаше некои навестувања, ама оваа ситуација целосно нè измести. Почнавме некои прелиминарни преговори со Универзитетот во Братислава, а имаше размислувања и за отпочнување постапка за отворање лекторат на Универзитетот во Анкара. Но, очигледно е дека ќе чекаме некои други ветришта да почнат да дуваат, пред сè, мислам на здравствени...