Д-р Мендух Јегени: Пред да зборуваме за стерилитет предизвикан од вакцините против ковид-19, не треба да го премолчиме ова зло!
Подготвил:
Александра Овчарска-Бела
По аплицирањето на мРНА вакцина (mRNA- messenger ribonucleic acid) телото создава антитела кои не се врзуваат само за спајк-протеинот на коронавирусот, туку и за многу сличен протеин -Синцитин-1, кој игра улога во развојот на плацентата во матката. Поради ова, се појавија верувања дека вакцината го деактивира овој протеин и така предизвикува неплодност кај жените
Голем број од младите луѓе се двоумат или не сакаат да се вакцинираат против коронавирусот откако некаде на почетокот на декември минатата година протекоа информации дека вакцината против ковид-19 предизвикува неплодност кај жените. Еден странски портал (Health and Money News) објави напис во кој стоеше дека водачот на истражувањето во компанијата „Фајзер“, Мајкл Једон, изјавил дека вакцината ќе предизвика стерилитет кај жените. Притоа излезе дека оваа личност не работи за компанијата „Фајзер“ од 2011 година. Једон и германскиот лекар Волфганг Водарг испратиле писмо до Европската агенција за лекови во кое барале стопирање на клиничките испитувања на вакцината против ковид-19 на „Фајзер“. Тие во писмото навеле дека вакцината на „Фајзер“ блокира протеин кој е неопходен за формирање на плацентата кај цицачите и сметаат дека е можно жените што се вакцинираат да станат стерилни.
Нивната шпекулација, поради која голем број луѓе сè уште се колебаат дали да се вакцинираат против коронавирусот, многу лекари и научници ја побија со тези, истражувања и биолошки факти.
Имено, по аплицирањето на мРНА вакцина (mRNA- messenger ribonucleic acid) телото создава антитела кои не се врзуваат само за спајк-протеинот на коронавирусот, туку и за многу сличен протеин -Синцитин-1, кој игра улога во развојот на плацентата во матката. Поради ова, се појавија верувања дека вакцината го деактивира овој протеин и така предизвикува неплодност кај жените. Иако овие два протеини имаат некои слични карактеристики, тие се различни во деталите, а антителата ги препознаваат. Вакцината против ковид-19 дејствува така што го поттикнува телото да генерира копии од протеинот на коронавирусот. Овие копии го учат имунолошкиот систем да го препознава вистинскиот протеин за да може да се бори против вирусот во случај на инфекција.
Треба да се плашиме од ковид-19, а не од вакцините против овој вирус, велат лекарите и постојано апелираат на имунизација по пат на вакцинација. Ние побаравме мислење од врвниот гинеколог, прим. д-р Мендух Јегени:
- Ова е мултисистемска болест која го напаѓа целиот организам, секој систем на свој начин е под ризик од вирусот. Науката во блиска иднина ќе каже многу повеќе за коронавирусот. За да може да дискутираме за фертилитет, не треба да го премолчиме ова зло. Едниот начин е да не дојдеме во контакт со вирусот, вториот е да се вакцинираме. Мојот став е сите да се вакцинираат!
Јегени за Факултети.мк вели дека е премногу рано да се зборува за последиците од вакцините, но и за последиците од вирусот, допрва, слоевито ќе ги откриваме сите тајни што ни ги крие САРС-КОВ-2. Според него, нема потреба да стравуваме за плодноста и кај мажите и кај жените, оти ниту една сериозна студија не потврдила дека овие вакцини имаат влијание врз репродуктивниот систем.
По 3-4 недели од вакцинирањето, дознав дека сум бремена
Од друга страна, постојат позитивни примери кои го докажуваат спротивното, односно постојат луѓе кои по примена вакцина дознаваат дека ќе станат родители. Александра Гурзовска го сподели со нас нејзиното искуство.
- Кога се појави вирусот, се изолиравме од луѓе, пријатели бидејќи живееме со возрасни лица. Кога се појави вакцината, одлучивме да почекаме малку бидејќи планиравме второ дете, а вакцината излезе за кратко време и не беше доволно испитана за пред, во и по бременост. Не планирав повторно да правам ин витро и други процедури. Одлуката беше донесена преку ноќ, откако се случи близок во фамилијата да заврши во болница. Подоцна и почина. Во март се вакциниравме со „Астра зенека“ во Белград. Немавме никаква реакција, освен што раката ми беше малку потечена, но тоа се повлече за неколку дена. На мое изненадување, по 3-4 недели од вакцината дознав дека сум бремена. Така што, девојки, слободно вакцинирајте се! За втората доза ми рекоа да почекам да помине 12. недела, па потоа да ја примам бидејќи тогаш завршува органогенезата и плодот и сите органи се оформени. Со среќа на сите и чувајте се - вели Гурзовска, која пред 2 години се соочила со многу тешки моменти за забременување, 3 ИВФ и 7 инсеминации, за да остане по природен пат бремена со нејзината ќеркичка Бисера.
Ниту една претходна вакцина не предизвикувала стерилитет, па така нема ни биолошка основа за тврдење дека вакцината против коронавирусот влијае врз плодноста. Напротив, постојат теории дека вакцинацијата може да придонесе за зачнување, со тоа што создава поволни услови, како што е инфламација, која е неопходна за имплантација на ембрионот. Од неодамна во САД е започната клиничка студија каде што се испитува дали примањето вакцина против грип доведува до подобри резултати при ин витро оплодување.
Медицината покажала дека вакцините можат да превенираат сериозни компликации во текот на бременоста. Така, на пример, ако инфекција од грип се случи во текот на бременоста, може да доведе до предвремено раѓање. Грипот може да доведе до сериозни инфекции на белите дробови кај мајката, дури и до смрт. Вакцината против инфлуенца може да превенира бремените жени да добијат инфекција или, пак, може да ја направат таа инфекција помалку сериозна. Исто така, и вакцинацијата против рубеола (вирусно заболување кое предизвикува исип и воспаление на жлездите), пред бременоста може да ја спречи оваа инфекција и нејзините сериозни последици. Рубеолата може да доведе до спонтани абортуси или сериозни вродени дефекти ако невакцинирана мајка се зарази додека е бремена.