Психотерапевт открива реченица што ќе му помогне на вашиот пријател што е во депресија

Психотерапевт открива реченица што ќе му помогне на вашиот пријател што е во депресија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Психотерапевтот Владимир Ѓуриќ се обиде да им помогне на неговите следбеници да ги сфатат луѓето со различни проблеми и на вистински начин да се постават во комуникацијата со нив.

Времето е такво што има сѐ повеќе луѓе кои се депресивни, анксиозни, паничари... и луѓе што ги сакаат, а не знаат како да им помогнат во борбата со нивниот проблем, чувствата, стравовите, тагата.

Психотерапевтот Владмир Ѓуриќ се обиде во еден фејсбук-статус да им помогне на неговите следбеници да ги сфатат луѓето со различни проблеми и на вистински начин да се постават во комуникацијата со нив.

Ви го пренесуваме во целина.

- Замислете на некој што боледува од астма да му кажете: „Ајде бе, убаво диши...“
Или на некој со карцином да му речете: „Престани бре да ги создаваш тие клетки...“
Или на некој со скршена нога: „Ајде веќе, заздрави ја таа коска...“
Или на некој со алопеција: „Подобро би ти стоела подолга коса...“

Јасно е дека овие реченици ни малку нема да му помогнат на тој што му се упатени... можат дури и да му отежнат, а во секој случај и да го изнервираат.

И целосно се бесмислени.

И тоа за повеќето луѓе е разбирливо.

Но...

Само на мал процент луѓе им е јасно дека речениците:

„Престани да се грижиш толку“, кај луѓето со генерализирано анксиозно нарушување...
„Ајде, стани малку“, кај луѓето со депресија...
„Нема да ти биде ништо“, кај луѓето со паника...
„Што ти е гајле што мислат другите“, кај луѓето со анксиозност...
„Животот е убав“, кај луѓето со суицидални идеи...
звучат исто и воопшто не помагаат.
Туку болат и пречат.

Бидејќи, тие и сами би го направиле сето тоа доколку можат и доколку знаат како.

Тоа е како некој што веќе вози велосипед без помошни тркала да му зборува дека тоа е лесно на некој што сѐ уште вози со нив.

Пушти се само, и сврти ги педалите...
Да, но не може набрзина и преку ред.
Додека не научиш како треба, додека не стекнеш чувство и додека добро не ги удриш колената и лактите, нема да научиш да возиш.

Она што сигурно ќе им помогне на гореспоменатите луѓе е буквално следната реченица:

- Те разбирам, сочувствувам со тебе, ајде да видиме што можеме да направиме во врска со тоа прашање. Цврсто верувам дека ќе биде подобро“.

2020 година е. Секогаш постои некое решение. Денес не постои психичко нарушување што на некој начин не можеме да го скротиме, залекуваме, или макар и да го олесниме. А голем дел и можеме целосно да ги отстраниме.

Понекогаш сосема е доволна промената на квалитетот на животот и средината, отфрлањето на некои лоши навики, зацврстувањето на добрите, одмор, патување, престој во природа, разговор со пријатели и пронаоѓање соборец во животот. Понекогаш помагаат спортот, јогата, медитацијата, вежбите за дишење, различни релаксации.

депресија

Понекогаш помага верата или откривањето повисока смисла.

Понекогаш помага психотерапијата.

Понекогаш единствено лековите можат да помогнат во затишјето на бурата во главата.

Понекогаш хоспитализацијата е единствениот вистински пат.

А понекогаш потребно е од сѐ по малку.

Дали некој што се задушува од астма, боледува од карцином, оди со патерици или нема коса, мислите дека е помалку вреден?

Дека е дефектен?
Дека не треба да живее?
Дека нема човекови права?
Дека не треба да се бакнува, да има секс, ниту да испие неколку пива навечер со пријателите?
Дека не треба да оди на море?
Дека не треба да има деца?
Дека не треба да биде среќен?
Дека не треба да го сака истото што и ние?
Не постои никаква суштинска разлика помеѓу психичките и соматските заболувања.
Тоа денес е целосно јасно.
И просто се подразбира.
Во сите просветлени и цивилизирани делови на планетата,
не е важно што некого го мачи,
страдањето е страдање.
Неважно е дали некој го боли некој дел од телото или од душата.
Ако страда,
ако се бори,
ако маката не му е алиби да биде несреќен,
ниту изговор за лош живот,
ако денес стана,
и се труди само да го преброди денот,
но се надева дека веќе утре ќе биде во ред,
ако признал дека не му е добро
и сега ги превртува небото и земјата да му биде подобро,
ако бара начин што целосно му е приспособен нему и на неговата патологија,
упорно, трпеливо, стоички,
како тогаш може да биде слаб,
кога од борбата со самиот себе не постои ништо потешко?
Храброста никогаш не подразбирала целосно отсуство на стравот,
туку одење во вистинска насока, носење правилни одлуки, и правење правилни работи,
и покрај стравот.
А тоа е веќе карактеристика на херој.

Извор: 6yka.com