Режисерката Дина Дума за нејзиниот наградуван филм-првенче „Сестри“
Подготвил:
Никола Петровски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Снимањето на „Сестри“ беше полно со предизвици: дебитант режисер, дебитант продуцент, дебитант кинематографер... натуршници со никакво глумечко искуство, скокање од карпа, снимање под вода, вели Дума
Со режисерско деби каково што може само да се посака, нашата млада режисерка Дина Дума го потврди огромниот подем што го доживува македонската филмска сцена во изминативе неколку години. Дума за својот дебитантски долгометражен филм „Сестри“ неодамна се закити со Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот на престижниот Филмски фестивал во Карлови Вари. Филмот премиерно ќе биде прикажан пред македонската публика на отворањето на 42. издание на Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола (16-21 септември).
- Идејата за „Сестри“ се роди пред пет години и со тоа започна и процесот на пишување на сценариото. Сценариото го пишував заедно со Мартин Иванов, кој е и монтажер на филмот. Филмот се снимаше на крајот од 2019 година, шест недели на различни локации низ Скопје. Снимањето беше полно со предизвици: дебитант режисер, дебитант продуцент, дебитант кинематографер... натуршници со никакво глумечко искуство, скокање од карпа, снимање под вода - вели Дума.
фото: Фестивал Карлови Вари
Во „Сестри“ главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро, продуцентка е Марија Димитрова со „Лист продукција“. Филмот е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.
- Уште додека го пишував сценариото, знаев дека за да ја постигнам автентичноста на светот на адолесцентите, ќе биде потребно да направам кастинг со тинејџери кои нема да имаат претходно искуство со глума и снимање. Иако беше огромен ризик, бев свесна дека токму оваа одлука е клучна за да го постигнам натуралистичкиот пристап кој сметав дека му е потребен на филмот.
Кастингот покажал дека тематиката на „Сестри“ е реална
Во потрагата по нејзините Маја и Јана, односно главните ликови во „Сестри“, Дума поминала низ долг, шестмесечен процес на кастинг на млади девојки од 15 до 18 години, кога и конечно се одлучила за Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Токму во оваа фаза од градењето на филмот, сретнувајќи се со 100-тина млади девојки кои се пријавиле за улогите, Дума сфатила дека проблематиката на нејзиниот филм е многу реална кога станува збор за врсничкото насилство.
- Почнавме со кастинг многу рано во процесот на претпродукција затоа што ми беше важно да посветиме доволно време за кастинг бидејќи сакав да ги видам сите девојки на возраст од 15 до 18 години што живеат во Скопје. За неколку месеци имавме потесен избор од стотина девојки и заедно со кастинг-директорката почнавме да разговараме со девојките. Морам да кажам дека наскоро мојот процес на кастинг се претвори во студија. Девојките беа многу отворени да ги споделат со нас своите искуства и за време на интервјуата со нив сфатив колку е реално моето сценарио кога станува збор за врсничкото насилство.
фото: Ема Вељаноска
- Всушност, реалноста беше многу поалармантна. Секоја од девојките можеше да се пронајде во проблемите од мојата приказна, секоја имаше слично искуство или познаваше некој што имал слично искуство. Тоа што беше заедничко во нивните различни искуства и најалармантно е дека никој не се осврнал на овие проблеми, дури ни наставниците ни педагозите од училиштата. Сфатив дека се чувствуваат отуѓени, како да немаат поддршка и некој со кој можат да зборуваат. Ова е моментот кога сфатив колку е навистина потребно да се раскаже оваа приказна за нашето поднебје - вели Дума.
Вљубена во филмот откако татко ѝ и подарил фотоапарат
Заљубеник во филмската и визуелната уметност уште од раните тинејџерски години, Дума го има изучено својот занает на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што дипломирала филмска и ТВ-режија. Не се става себеси во жанровски калап, велејќи дека секој филм што ќе го погледне, особено од нејзините омилени режисери, влијае врз неа како режисер.
- Средно училиште завршив во гимназијата „Ѓорги Димитров“ и потоа се запишав на ФДУ во Скопје и дипломирав филмска и ТВ-режија. Афинитетот кон филмот и кон визуелните уметности кај мене се роди во раните тинејџерски години, кога татко ми ми подари фотоапарат.
фото: Ема Вељаноска
- Сакам да гледам различни филмови од различни режисери. Ги сакам филмовите на Андреа Арнолд, Томас Винтерберг, Селин Скиама, Бонг, Вернер Херцог. Го сакам различниот пристап на снимањето филмови што го имаат овие режисери и им се восхитувам. Секој филм што го гледам има влијание врз мене како режисер, ова е причината зошто не гледам филмови кога сум во процес на снимање филм. Тоа е затоа што треба да најдам свој автентичен начин за снимање на филмот.
Ограничените буџети носат ретки филмови
Сиромашните буџети се главната главоболка со која се соочуваат македонските филмаџии. Тоа е и една од причините зошто кај нас релативно ретко се прават филмови. Иако, според Дума, и со мал буџет може да се направи добар филм, но сепак вложените пари влијаат врз квалитетот на филмот.
- Буџетот не е секогаш пресуден да се направи добар филм, но буџетот директно влијае врз квалитетот на филмот. Точно е дека во Македонија ретко има нови филмови и најголем проблем е ограничениот буџет со кој располага Агенцијата за филм за да ја поддржи филмската продукција. Македонскиот филм во последните неколку години доживува огромен подем, но за жал наместо тоа да биде наградено, тоа е казнето со дополнително кратење на буџетот - додава Дума.
фото насловна: Фестивал Карлови Вари