Кога бев студент со д-р Ненад Лазаров: „Спиев со скелет под креветот за да учам анатомија“

Кога бев студент со д-р Ненад Лазаров: „Спиев со скелет под креветот за да учам анатомија“

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Според мене, непотребно е да се брка висок просек бидејќи во медицината треба да ја процениш ситуацијата и ако не знаеш нешто, да знаеш каде да побараш. Треба да ги совладаш основите, да видиш дали имаш талент за медицина бидејќи без талент, нема медицина, вели д-р Лазаров

Ненад Лазаров е претставник на една млада генерација доктори кои во изминативе десетина години внесоа свежина во нашето здравство, пред сѐ, кога станува збор за односот пациент-доктор. Познат по тоа дека секогаш директно и јавно го искажува своето мислење за тоа што чини, а што не чини во здравството кај нас, д-р Лазаров на ист начин ја практикува и медицината, транспарентно објавувајќи на социјалните мрежи за неговите секојдневни професионални активности.

Д-р Лазаров е сопственик на ординацијата „Вера“, а веќе одреден период работи и во болницата „Санте плус“, како акушер/гинеколог. 

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.

Отсекогаш знаев дека сакам медицина

Иако во основно училиште бил „болен“ по техника, цело време сакал да поправа апарати, кај д-р Лазаров уште во тие рани образовни години тлеела желбата еден ден да се запише на медицина и да стане доктор. 

- Техниката многу ме влечеше. Тогаш почнаа да се појавуваат цедиња, компјутери и сл. Имам освоено и награда за енергетика на ниво на град Скопје. Но, отсекогаш знаев дека сакам медицина. Само еден мој дедо беше медицинско лице. Тој беше меѓу првите анестезиолози кај нас. Јас растев со него. Пред да се запишам во средно медицинско училиште, точно знаев дека сакам да работам гинекологија, односно акушерство, и притоа во средното учев за медицински брат - вели д-р Лазаров.


Уписот беше хит

Кога дошло време да се запише на Медицинскиот факултет, во 2003 година, борбата била да влезе во тие први 65 кандидати што ќе студираат во државната квота. Причина биле финансиите, кои и во тој период биле прилично важен елемент за да се истурка еден предизвикувачки факултет како што е Медицинскиот.  

- Уписот беше хит. Имаше приемен испит. Првин полагавме хемија, па биологија. И двата теста носеа по 30 бода. Тогаш се полагаше во Универзална сала и се примаа 65 со 65, а имаше 700 кандидати. Се сеќавам дека се бараше да нацртаме молекул на хемоглобин. И замислете, ние седнати на тие столчиња за публика со хартијата на нозете. Многу незгодно. Тука направија здрава селекција. Кога ги објавија резултатите, јас бев 66-ти. Ми се скрши цел свет бидејќи немав пари за факултет. За државната квота ќе се снаоѓавме некако, ама приватната беше поскапа. Имав исто бодови со тој што беше 65-ти, но само таа една четворка во средно што ја имав ја направи разликата. На крај тргнав во приватна квота. Дома си рековме да го почнам првиот семестар, па ќе се снаоѓаме - се присетува д-р Лазаров.


Без талент нема медицина

Д-р Лазаров се запишал на општа медицина и тврди дека токму тие први 3 години од студиите давале јасна слика кој ќе успее да го издржи темпото да дипломира, а кој ќе се откаже. Тој не влегол со амбиција за некаков висок просек, туку поважно му било да го совлада материјалот. 

- Првите 3 години се институтски, има доста теорија и тука е вистинската селекција на студентите. Хемијата ми задаваше многу проблеми. Од аспект дека е нешто што треба да го совладаш, а имаш аверзија кон тоа. Имавме општа хемија, требаше да учам за бензини, октани, а тоа нема допирна точка со медицината. Според мене, непотребно е да се брка висок просек бидејќи во медицината треба да ја процениш ситуацијата и ако не знаеш нешто, да знаеш каде да побараш. Треба да ги совладаш основите, да видиш дали имаш талент за медицина бидејќи без талент, нема медицина - додава д-р Лазаров.

Сојузот на студенти по медицина ми го смени животот

Врвот на неговиот период поминат на Медицинскиот факултет е Сојузот на студенти по медицина на Македонија. Тој поминал 3,5 години како претседател на оваа организација, која е најстара од овој тип кај нас и главниот бедем што стои во одбрана на студентите.

- Во четврта година се кандидирав за претседател на Сојузот и победив. Неверојатни пријателства стекнав таму. Не само локално, туку и двапати имавме можност да организираме меѓународна конвенција со 1.500 студенти од цел свет. Тоа ни го одземаше целото време. Сојузот постои од 1947 година и е еден од основачите на СЗО. Имавме 250 размени на студенти годишно. Цел универзитет немаше толку. Традиционално во мај и летото кога имавме конгреси, ни доаѓаа луѓе од цел Балкан, а тоа беше најубав период за нас - вели д-р Лазаров.


Учевме по 8-9 часа на ден

Д-р Лазаров го завршил факултетот во редовните 6 години. Иако е роден и пораснат во Скопје, поголемиот дел од денот го поминувал со студентите што биле сместени во Медицинар. Причината за тоа е што ја користел тамошната читалница за подготвување на испитите, често во друштво со колегите.

- Имав околу 8,5 просек и горд сум дека тоа се мои оценки. Медицината подразбира кампањско учење за испитите. Јас не можев долготрајно сам да учам бидејќи ми беше тешко, губев концентрација и затоа речиси цел факултет го завршив учејќи во Медицинар. Таа читалница работеше нонстоп. Анатомија ми е потрауматско искуство бидејќи тоа беа 7-8 месеци континуирано учење едно исто. 3.500 страници е основниот материјал и ние имавме практика да учиме по 8-9 часа на ден. Јас спиев со скелет под креветот за да учам анатомија. Не знам ни како го најдов  - вели тој.

- Медицината не е за луѓе со слаб карактер бидејќи лошо ќе се одрази. Или ќе „пукаш“ кон пациент или кон себе. Конкуренцијата е голема - вели д-р Лазаров, кој по четири години од дипломирањето, во 2009 година, запишал специјализација, и тоа гинекологија, а желбата за учење уште не му е згасната, па сега размислува и за постдипломски. 

Фото: приватна архива