Евгениј Водолазкин - добитник на наградата „Букстар“ и гостин на фестивалот

Евгениј Водолазкин - добитник на наградата „Букстар“ и гостин на фестивалот

Подготвил: С.Ѓ

Лектор: Ивана Кузманоска

Рускиот писател Евгениј Водолазкин е добитник на наградата „Букстар“ за книгата „Авијатичарот“ помеѓу две изданија на Фестивалот на европската книжевност „Букстар“ од Скопје, кој беше отворен синоќа. Наградената книга ќе биде промовирана вечерва во 20:30 часот во киното „Фросина“. Преводот на книгата е на Ѓорѓи Крстевски.

Романот е најчитаниот наслов во книжарниците на „Антолог“ годинава, а е објавен со поддршка на Институтот за преводи на Русија. Покрај овој роман, ќе бидат промовирани уште две претходно објавени книги од овој автор - „Лавр“ и „Соловјов и Ларионов“, во превод на Павел Попов. Промотор на романите ќе биде Венко Андоновски, а настанот ќе го модерира Ана Јовковска.

На 10 октомври во 10 часот, на Филолошкиот факултет во Скопје, Водолазкин ќе одржи предавање на тема „Неколку размисли за современиот роман“. Освен тоа што студентите и гостите ќе можат да поразговараат непосредно со овој голем руски писател и да ги слушнат неговите видувања за романот денес, во оваа пригода ќе му биде доделена и наградата „Букстар“. Предавањето ќе биде на руски јазик, а обезбеден е превод на македонски.



Водолазкин е руски писател роден во 1964 година во Киев, Украина. Од 1990 година работи во Одделот за староруска литература, каде што е водечки научен соработник. Автор е на повеќе од сто труда поврзани со древната и со новата руска литература. Предава на универзитети во Минхен и во Санкт Петербург. Неговиот роман „Лавр“ ги освоил наградите „Големата книга“ и „Јасна Полјана“ во 2013 година. Преведен е на повеќе од 15 јазици. Историјата е негова првична инспирација, без оглед дали турбулентните времиња на Октомвриската револуција или наследството на византиската култура.

Фестивалот „Букстар“ беше отворен синоќа со промоциите на книгите „Двојно стакло“ од Халдора Тородсен (Исланд) и „Воспитувањето девојки во Чешка“ од Михал Вивег (Чешка). Освен Водолазкин, вечерва ќе бидат промовирани и книгите „Бележникот на татко ми“ и „Куќата на џамијата“ од Кадер Абдолах (Холандија). Утревечер ќе бидат промовирани книгите „Исцелување на светот“ од Слободан Шнајдер (Хрватска) и „Малтерего“ од Марко Шелиќ Марчело (Србија).

Денеска и утре, освен фестивалските промоции, посетителите ќе имаат можност да ги проследат и книжевните дискусии: Да се биде европски романописец денес (8 октомври, 17 часот) и Во сенката на читателот (9 октомври, 17 часот), организирани во соработка со Друштвото на писатели на Македонија, а во рамките на проектот United we read! / Читаме заедно.