Институциите играат пинг-понг со жалбата за деградирањето на инспекторот Илиевски
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Инспекцискиот совет е исклучиво надлежен да води дисциплинска постапка и да одлучува по приговор за донесена одлука за дисциплинска одговорност согласно Законот за инспекциски надзор, велат оттаму
Инспекцискиот совет на Македонија го врати предметот по жалбата на инспекторот Ѓорѓи Илиевски за начинот на кој беше деградиран на работното место во Агенцијата за администрација.
Како што пишуваше Факултети.мк, инспекторот Илиевски претходно од Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен доби одговор дека тие се ненадлежни да донесат одлука по неговата жалба и го препратија во Инспекцискиот совет.
Но еве што Илиевски доби од оваа институција:
„Инспекцискиот совет е исклучиво надлежен да води дисциплинска постапка и да одлучува по приговор за донесена одлука за дисциплинска одговорност согласно Законот за инспекциски надзор. Со оглед дека во Вашиот случај постапката е во целост спроведена согласно Законот за административни службеници, што е видно од доставената документација од страна на Агенцијата за администрација, Инспекцискиот совет истата ја врати до Агенцијата за администрација“, пишува во дописот од Инспекцискиот совет.
- Токму ова го тврдев и јас, но тие решија да ме препраќаат од една до друга институција. Начинот на кој дисциплинската комисија го водеше целиот случај е незаконит. Казнет сум на пониско работно место само за да ме тргнат од моите предмети додека не се пензионирам - вели Илиевски.
Во решението што го добил инспекторот од второстепената Комисија пишува дека согласно член 19-6 став (7) од посебниот Закон за инспекциски надзор, уредено е дека: „Инспекцискиот совет одлучува по поднесениот приговор на инспекторот во рок од 3 дена од денот на поднесувањето“.