Арслановски - кугларски арслан од битолски Баир
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Архан живее во Баир, битолска населба претежно со ромско население каде што има успешни млади спортисти, само што за нив поретко се слуша и пишува
Сè започна пред две години кога со другарите од својот клас ја посетија кугларницата во Битола и добија можност бесплатно да куглаат три месеци. Оттогаш кугларницата му е втор дом на 17-годишниот битолчанец Архан Арслановски. Тој е еден од талентите што беа откриени преку проектот „Кугламе и сме среќни“, кога 600 ученици од деветтите одделенија од основните училишта во Битола имаа можност бесплатно да куглаат под менторство на искусни куглари. Меѓу младите што се вљубија во спортот и почнаа да постигнуваат рекорди е и момчето од битолскиот Баир, каде што претежно живее ромско население во лоши економски услови, без финансиски можности да вложува во кариерата, а и нивните успеси досега медиумски не добиваа поголемо внимание.
За добро да се кугла, потребна е максимална концентрација
Арслановски годинава беше државен првак на Македонија, поединечно, во категорија до 18 години, трет на државно првенство до 23 години, државен првак во спринт до 23 години и дел од кугларскиот клуб „Пелистер“, кој во државно екипно првенство освои второ место во Македонската кугларска лига 2018/2019 и трето место 2019/2020 година. Неговиот личен рекорд изнесува 528 кегли, резултат кој го постигна на државното првенство што се одржа во битолската кугларница.
- Нема поубаво чувство од она кога ќе се турнат сите кегли со една кугла, а особено кога ќе имаш идеални удари во серија. Тоа чувство ме носи цело време кон кугларницата, но, исто така, многу ми значи и дружењето во клубот, со други куглари од земјата и од странство, како и патувањата што ги овозможува овој спорт. Најтешката работа е како да се зачува концентрацијата во текот на еден час натпреварување, бидејќи секој удар бара максимална концентрација, а има и до 120 удари во еден натпревар. Воопшто не е лесно со кугла од 2,8 килограми во полн трк да се контролира секое движење на телото. Тоа бара голема психичка стабилност – вели Арслановски.
Најдобри услови за куглање има во Битола
Неделно тренира од два до пет пати во зависност од натпреварите што го очекуваат. Кога започна со тренинзи, условите во салата беа многу лоши, а просторот многу студен. Но, со реновирањето на кугларницата годинава се добија врвни услови, па вели дека денес е уживање да бидеш куглар во Битола. Во земјава имаме две кугларници во Скопје и по една во Битола и во Струга, што реално е многу малку.
- Од годинава Битола има најдобри услови за куглање во Македонија. Добивме нова опрема и целосно реновиран објект. Финансиски клубовите сè уште не се силни во споредба со скопските, но трендот е во нагорна линија и очекувам во наредниот период да се воспостави и финансиска стабилност, со што амбициите да бидеме на врвот ќе можеме од национално да ги пренесеме и на интернационално ниво - вели тренерот Игор Михајловски.
Тој во својата тренерска кариера успеа да извади две генерации млади куглари. Првата генерација од „Молика“ - прв битолски клуб кој излезе на европска сцена две години по ред и во поновиот период кугларите кои во континуитет шест години се на европска сцена. Имаат постигнато и врвни поединечни резултати од кои најзначајни се на Адријана Кочишка - три бронзени медали од светски првенства.
Куглањето да има еднаков третман како и другите спортови
Битола има богата кугларска традиција, сала за куглање доби пред четири децении кога имаше осум кугларски клубови, а со транзицијата тоа се уништи. Кон овој спорт надлежните државни органи не се однесуваа рамноправно како кон другите.
- Но, нештата се менуваат, ние како спортисти веќе се изборивме за порамноправна методологија при распределувањето на базичните средства и длабоко сум убеден дека во наредната деценија куглањето ќе доживее ренесанса. Очекувам како потпретседател на Кугларската федерација, конечно, и поголема поддршка од Агенцијата за млади и спорт (како што беше и случајот со битолската кугларница) за нови објекти во поголемите градови, со што и човечките ресурси би се зголемиле, а со квантитетот неизбежно ќе дојде и квалитетот - рече Михајловски.
Арслановски сонува за меѓународен камп каде што котизацијата е многу скапа
Целта на Кугларскиот клуб „Пелистер“ е да овозможи што поквалитетен тренинг-процес со обучени тренери кои перманентно ги усовршуваат своите вештини. На кугларите да им овозможат што повеќе натпреварувања на локално, национално, регионално и на европско ниво. Да успеат да го подигнат квалитетот на игра за да можат да влезат во репрезентација во различи возрасни категории и да бидат стожери во нив. Во таа насока е и сонот на младиот битолски куглар Арслановски.
- Имам повеќе соништа… Еден од нив е да го подобрувам личниот рекорд и да донесам медал од европско или од светско првенство. Една од најголемите желби ми е да учествувам на меѓународен камп за млади кој го организира Светската кугларска федерација. Во моментов тоа е само желба бидејќи котизацијата е многу скапа, а мојот клуб и моите родители не можат да си го дозволат тоа. Исто така, голема желба ми е да имам можност да играм против најдобриот светски куглар Вилмош Заварко - вели Арслановски.
Фото: „БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“